Не, не с(М)е сите исти

Пред десетина години, памтам дека сосем случајно се најдов во едно поголемо друштво во кое се расправаше за машко-женските односи. Друштвотот беше составено од парови, самци, разведени, а чинам дека имаше и еден вдовец. Сакам да кажам дека бевме собрани различни луѓе, со различни приказни, секој со својата судбина, одлуки, табиети. Кој како доаѓаше, само се додаваа маси и столчиња, се редеа тањири и чаши. И како што тоа секогаш бива, прво се раскажуваа шеги, случки од минатото, одмори, кој како направил, кој што рекол. Урнебесно смеење, со многу вино и мезе, а магијата беше дотолку поголема што беше летна ноќ, па сите бевме некако опуштени и дури и мрзеливи. Да си интроверт во големо друштво и не е толку страшно, оти секогаш луѓето си се наоѓаат едни со други за муабетење, па и не доаѓа до израз нечие молчење или гледање отстрана. Повеќе ме фаќа паника во оние собиранки кои се од 3-4 луѓе и каде што одма паѓа во очи кој не зборува (или барем не толку колку останатите). Нејсе, ми беше убаво оти бев спокојна, иако некогаш гласното зборување, довикувањата, урнебесното смеење и миксот на сето тоа, знае да ме направи да сакам да избегам, да си одам. Дали беше до топлата летна ноќ, дали до виното, дали до мојот личен спокој или сè заедно, не знам. Ама знам дека ми беше навистина убаво и удобно.
И тера ред муабет, ред смеење, ред фаќање сеир за некоја глупост што некој ја направил или кажал. Во еден момент, се прераскажува случка во која жената ја потенцира немарноста на мажот (веќе не се ни сеќавам за што беше муабетот, иако сигурно и не било важно штом не ми текнува) и се кажува легендарната реченица “СИТЕ СТЕ ИСТИ”. Во истиот момент реагира не само мажот, туку и сите засегнати мажи на масата и нормално дека “империјата го возвраќа ударот” со иста мера и со заклучокот дека “и сите жени се исти”. И тука почнува расправија меѓу два табора, едниот составен од мажи а другиот од жени, се спомнуваат работи од дедо Ное за да се потенцира колку се сите мажи исти и колку се сите жени исти, ама за среќа, сето тоа беше со шеговит тон од кој се чувствуваше дека после толку време заедно, сите си ги знаат фалинките и дека се ок да живеат со туѓиот табиет.
Оттогаш, секојпат кога ќе слушнам дека “сите мажи се исти” и дека “сите жени се исти”, ми текнува на таа вечер, на таа ноќ. Пред неколку дена седнав во едно кафуле да пишувам. Како што се стоплува надвор, така мене ми расте желбата (ама и потребата) да бидам на воздух. Се распостелив со лаптопот, слушалки, се наместив по мој терк (оти контрол “фрикот” во мене си бара сè да му е под конец) и таман си барав музика која ќе ми легне на пишувањето (а се мислев меѓу Коен и некоја од оние за медитација-топло препорачувам за чистење на умот) кога слушам женски глас (по моја лична проценка-млада девојка) некаде зад мене кој видно изнервирано разговара со некој и вели “СИТЕ МАЖИ СЕ ИСТИ”. Одговорот и понатамошниот муабет не ги слушнав, оти си ја најдов музиката (сепак се одлучив за медитациите) и почнав да пишувам. Ама таа реченица ми остана во умот и не само реченицата како реченица, ами и гневот и бојата на гласот кога се изговараше.
Како излезе да сме сите задоени со тоа дека спротивниот пол е составен од луѓе кои се сите исти? Како побогу воопшто излезе теоријата дека ние жените сме јајце на јајце едни на други, а дека мажите се како од фотокопир излезени? По кое мерило и на кој кантар сме ставени сите топтан за да заклучиме дека всушност постои само еден табиет на жена и од другата страна, само еден табиет на маж!
Па мајку му, ќе се родат еднојајчани близнаци и ќе бидат секој со свој карактер. Растени во исто семејство, под исти услови, со иста љубов и внимание па две сестри или двајца браќа ќе бидат дијаметрално спротивни. Од каде излезе таа реченица и од кој експерт за машко-женски односи дека мажите се сите во еден кош и дека жените се сите во еден кош. Како тоа си ги учиме децата ем на предрасуди во однос на спротивниот пол, ем на тоа да унифицираат и релативизираат, притоа не мерејќи ја штетата од нашето влијание врз нив.
Да, секој од нас се изгорел не еднаш, ами повеќе пати во животот. Сите сме имале барем еден партнер кој ни ја извадил душата низ нос, кој нè истоштил до степен да не се сакаме себеси, кој направил да се сомневаме во себе и нашите одлуки. Сите до еден сме имале барем еден партнер во животот заради кој секојпат кога ќе помислиме на него, си велиме “да не се повтори”. Сите сме имале партнер од кој сме научиле како НЕ сакаме да бидеме третирани, како НЕ сакаме да се чувствуваме и како НЕ сакаме да сме сакани (ако тоа воопшто и можело да се нарече љубов). Сите што имаме деца, не сакаме да му се случи тој наш пример на нашето дете, без оглед дали имаме синови или ќерки.
Митот дека мажите не патат, дека се “ѓонови”, дека размислуваат со пенисот и дека одма си наоѓаат утеха, редно е да го напуштиме оти не е точен. Митот дека жените секогаш имаат резерва, дека преувеличуваат и дека се кралици на драмење оти се или во ПМС или во климакс, е неточен. Ние сме различни, не само во физичките карактеристики, ами и во хормоните. Но, да се тргнува со генерална предрасуда дека мажите се вакви, а жените онакви е сериозна работа. А сериозна е оти кога децата по дома нè слушаат цело време како генерализираме, тоа им станува ултимативна вистина. Ако е мајката огорчена и вели дека сите мажи се лажговци, нејзината ќерка ќе има проблем да верува на својот партнер. Ако огорчениот татко вели дека сите жени се промискуитетни, тогаш неговиот син ќе нема почит кон ниту една своја партнерка и ќе ги третира како да се виновни за нешто што лежи (во суштина) во умот на неговиот родител.
И од лично искуство, не се сложувам со тоа дека сите мажи се исти (зборувајќи од аспект на жена) и никогаш нема да кажам “ќерко, мажите се јајце на јајце...сите се исти и сите не чинат”. Да се обремени млад човек со невистинита теорија која се базира на лично искуство кое е доживеано, е грев, голем грев. Ако сакаме да посочиме дека нашите синови и ќерки треба да внимаваат кому ќе го подарат своето срце, има начин како се прави тоа. Не со плукање на спротивниот пол и не со една општа констатација дека сите не чинат, туку со муабет, со споделување на своите искуства кои ќе се објективни и без гнев. Впрочем, не можам да ги обвинувам сите за тоа дека сум била повредена, а себеси да се поштедам. Објективноста е токму во тоа да може човек реално да си ги согледа и сопствените грешки, пропусти.
Периодов почесто излегувам. Запознавам нови луѓе, запознавам прекрасни мажи и жени кои ме оставаат без здив. Запознавам луѓе од кои можам да учам нешто ново ем за себе, ем за светот. Луѓе кои се питоми и убави во душите, кои знаат каде се оние невидливи граници на можностите на другите да се отворат, кои знаат како да ги почитуваат туѓите мисли и зборови. Запознавам такви преубави табиети кои ми ја потврдуваат (и во пракса) теоријата дека секој од нас е приказна за себе. Секој од нас е Универзум, свет достоен за откривање и секој од нас остава посебен печат во времето во кое живее.
И не, НЕ С(М)Е СИТЕ ИСТИ...сите сме токму такви какви што ќе направиме да бидеме. А какви ќе сме, зависи од тоа колку ќе вложиме во себе, во својот ум и во својата душа.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Не, не сме сите исти
И секој од нас свој печат носи
За да остави нешто зад себе
И своја приказна има
За да му ја раскаже на светот
Секој од нас е како дрво в шума
Кое расте и крошна развива
А на крошната....
Дали само суви прачки ќе има
Или во неа птици седела ќе прават
Зависи колку љубов во себе имаме
Колку љубов од себе даваме
Не, не сме сите исти
Оти нема на светот две исти нешта
Дури и очите различни ни се
Иако на една глава се
Нема ден кој ист како тој вчера е
И нема ден кој ќе е ист
Како оној што утре ќе дојде
Не, не сме сите исти
И природата така некако си стокмила
Еден со еден ист да не е
Ами секој да е во нешто поинаков
Секој да е во нешто поразличен
Та секој човек-посебна ѕвезда на небо
Секој човек-посебен цвет в градина
Та некој поарен
Некој пак полош
Некој насмеан
Некој и немтур може да е
Некој со срце отворено
Некој со душа во зандана
Ама никој со никој јајце на јајце не е
Ниту пак може ист да биде
Та тоа шаренило
Ете токму тоа шаренило е убост голема
И тоа шаренило надеж дава
Дека има поарно
Дека има поубаво
Дека има светлина
Дека има добрина
Не, не сме сите исти
И некој од душа раздава
Некој од срцето си дава
Некој пак само прибира
Некој само делови од тебе собира
Оти не сме сите исти
Ниту некојпат некој
Со некој друг ист ќе е
Ама дури тука сме
И дури овде сме
Сите иста можност имаме
Да стокмиме поарни да сме
За себе и за тие што ги љубиме