Остана ли љубов во нас?

Ако можам да издвојам што ми е мото во животот, тоа би биле две
изреки. Првата е “Ако немаш да кажеш нешто убаво, молчи” и втората е “Не прави го на
другите она што не сакаш тебе да ти го прават”. Многу едноставно, чисто и моќно. Дури ми се
чини дека доколку секој од нас би бил кадарен да живее според овие две изреки,
животот на сите би ни бил поубав. Веројатно би научиле да молчиме повеќе и да
слушаме повнимателно, би биле доблесни да кажеме нешто убаво и да водиме сметка
за секој збор кој ќе го изустиме. И ако некој мисли оти зборовите се ветар и
магла, ич не се сложувам. Што може збор да стори, тоа не може ни сабја. Навидум,
кажаното не остава траги и нема физичка појава на модринки или засеци, нема
крварење. И сето тоа е точно, ама само однадвор. Однатре е сосем друга
приказна. Душа како што знае да боли и да стега, да ти се чини дека ќе ти
експлодира срцето, да ти се преврти утробата, не е ни приближно исто како
главоболка или друга болка на телото. Душата памти најмногу и страда најдолго.
Верувам дека секој од нас го има почувствувано тој миг, кога ќе му се сервира
омраза или навреда, кога ќе му згази достоинството и кога некој ќе му се
наплука на животот, мислата или најдрагите. Не постои човек кој е имун не само
на отсуство на љубов, туку на активно присуство на омаловажување. И ако сме
научиле низ животот да глумиме дека не ни е гајле, да имаме насмевка и тогаш
кога однатре се распаѓаме, не значи дека сме ѓонови и дека ништо не нè допира.
Научив да кажувам што ме боли. Немам повеќе ниту сила, ниту желба да се правам дека ништо не ме допира. Додека шетав со главата горе и се преправав дека не ме засега ако познати или непознати ќе кажат нешто што ќе ме тресне од земја, се јадев во себе. И тоа такво јадење што ме чинеше константни главоболки и болки во стомакот, незадоволство и мисла која беше насочена само кон чувството на немоќ што ми тлееше. Научив дека луѓето немаат мерка и немаат осет, додека не им покажеш каде им е местото. Научив дека ако не реагирам, тоа е како да давам амин за однесување кое е сè, освен прифатливо. И на крајот од денот, научив дека почитта се добива само тогаш кога човек ќе научи да се почитува сам себе и кога ќе постави граници. Ми требаше време да го сварам ова сознание, потоа време за да почнам да го применувам и на крај, ми требаше време да не се чувствувам виновна кога ќе речам ДОСТА Е.
Знаете, многу е интересен тој феномен кај кротките луѓе. Ако вратат или еве, не мора да вратат на злоба со злоба, туку и кога само ќе си кажат најискрено дека не им се допаѓа како се однесува некој со нив, имаат вина во себе. Знам дека не е логично, дека нема потреба да мислам дека грешам ако побарам она што секако треба да го има во било која комуникација (почитта), ама ми било незгодно да се конфронтирам.
Многу ме плаши, разочарува и обесхрабрува кога гледам дека стануваме сè посурови едни кон други и подалечни едни од други. Како да се губи осетот дека сите сме од крв и месо, сите имаме емоции, на сите ни треба поддршка и љубов. Човечноста станува потценета, на сметка на оние ситни манипулации, потпикнување навреди на мала врата или синдромот на “ќе го/ја за*бам гадно”. Ме теши само тоа што одвреме навреме наоѓам по некој алтан човек кој ми враќа надеж, ми ја враќа вербата. Во саботата бев да ја регистрирам колата. Седнувам со сета документација пред мене, потпишувам таму каде што треба и слушам глас зад себе “Вие сте Ана?”. Станувам и се вртам за да ја видам жената која ми се обраќа. “Да, јас сум Ана” велам со насмевка. И таа прекрасна жена која имаше таков благ поглед од кој секогаш кога ќе го видам кај луѓето, ми доаѓаат солзи на очи, ми вели “Ве читам, колумните се како за секој од нас напишани”. Ете, тоа е тоа. Тоа е она што секој од нас го има во себе. Таа олеснувачка мисла дека не е сам, дека таму некоја си Ана која пишува отворено за своите болки, стравови, искушенија, борби, паѓања на колена, ги има во себе истите убости, но и грозотии кои сите ги имаме. Тие неколку зборови кои ги разменивме, ми беа иљач. Таа непозната жена која не ми го кажа ниту името, ми беше блиска по душа и ми го светна денот. Не затоа што ме читала, не дали и’ се бендисува или не како пишувам, ами затоа што имаше доблест да скрши со мене зборови кои не само што беа убави, ами беа и полни љубов.
Ете, за таква љубов зборувам денес. За мигот кога на некој непознат ќе му дадете насмевка, кога на каса ќе го пуштите човекот зад вас кој има само неколку производи за да не чека ред, кога на жената во банка која цел ден седи на столчето ќе и’ кажете дека преубаво и’ стои фризурата, кога на бездомникот ќе му однесете храна, кога на уличното кутре ќе му ја погалите муцката, кога на келнерот ќе му кажете благодарам со насмев. Зборувам за онаа човечка љубов кон сите живи битија, која не се арчи, која не чини пари ниту труд, ами само желба и големо срце. Остана ли љубов во нас и помеѓу нас? Остана ли грижа едни за други, доблест да се застане позади некој кога светот му тежи на плеќите, остана ли онаа човечност која е темел на нашето постоење? Знаете ли колку сакам да верувам дека сепак ќе еволуираме за да сфатиме дека секој од нас е само една алка од синџирот и дека ако скршиме било која, отиде сè.
Избегнувам веќе да читам коментари под вести кои се на социјалните мрежи. Ме ужаснува кога гледам колку е лесно да се зборува сенешто скриени зад монитори и тастатури. И се прашувам дали сите би биле толку храбри да си ги кажуваме работите в лице ако се сретнеме на улица. На натписи за силувани или претепани жени се оставаат гадотии како “Сама си го бараше”, “Сигурно сторила нешто штом ја истепал”, “Гадура”, “Раскалашена” и уште низа кој од кој пострашен коментар. И ако е точно она дека какви ни се мислите, таков ни е животот...што живот е тоа ако е полн омраза или фаќање сеир на туѓата болка? Социјалните мрежи станаа клозетски шољи кои не се чистат, животот ни станува депонија.
Сонувам за свет поинаков од овој, сонувам за свет кој ќе е посветол и поубав. Сонувам за свет во кој нашите деца нема да паѓаат во депресија затоа што се тема на озборување или плукање. И знам дека тој свет, за кој сум непоправливо наивна дека може да го создадеме, зависи само од нас. Знам дека е полесно да се мрази отколку да се сака, оти во омразата се делат само погани зборови, а кога се љуби, човек се дава себеси. Знам дека секое мразење е бумеранг кој секогаш се враќа да го погоди тој што го фрлил, а сепак, умот не ни доаѓа.
Сонувам, многу сонувам за тоа дека сепак останало во нас доброто и убавото, дека не е животот само преживување, ами и делење, споделување. Чинам дека не треба многу, не се скапи убавите мисли, не е добрината нешто што се мери во грамови. Малку треба, малку ни треба.
Секој од нас заслужува љубов. Сите сме страдни за нежност, за допир, за разбирање. Колку ќе ги добиеме, пак зависи од нас. Оти никој нема да ни даде љубов, ако не дадеме љубов. Ќе се одважиме ли да бидеме помалку суетни и стиснати во душите, за да почнеме први? Па што, нема да ни се срони бисерот ако сме токму ние тие кои први ќе пружат рака некому.
Сонувам за љубов, сè почесто сонувам за тоа дека сме станале луѓе достојни за дарот кој го имаме, животот.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Сонувам за љубов
Без мерење и премерување
Која се позема со дланките
Како скапоценост да е
И се дава без кабаетлија човек да е
Која знае душа да наполни
И срце да залечи
Од која ѓаолот бега како од крст
За која сите пекаме
И од која сите ЛУЃЕ стануваме
Сонувам за љубов
Која не се пакува
Во мали картонски кутивчиња
Ниту во мали шишенца како парфем да е
Ами се нурнува во неа
Со ширум отворени раце
И се пие како вода изворска
Која е чиста и бистра
Незагадена од подли мисли и зборови
Сонувам за љубов
Од чија убост и широчина
Очите се насолзуваат од среќа
Та секоја солза е како нектар
Која болештини брка
И која надеж за поубав живот буди
Како да е сè посветло и појасно
Како светлина на крајот од тунелот
Кој се назира од возот
Во кој сите сме натиснати
Сонувам
Ах само да знаете колку сонувам
За љубов која не боли
И која само спокој носи
Која секој од нас во себе ја има
Ама ја стиска и потиснува
Ја подгазува како долг фустан
За после да го фрли и да не го погледне
Кој се поткинал и изресил
И кој веќе за ништо не служи
Сонувам за љубов
За една таква голема љубов
Од која нов живот ќе се роди
А во него
Во него ѕуница која почеток и крај нема
А од него
Од него разбудена верба
Дека сепак не е сè бадијала
И дека сепак...
Сепак има нешто повеќе за секој од нас
Дека има нешто повеќе во секој од нас
Од она што навидум се чини
Како стареам сè почесто сонувам за љубов
Во која знам дека повторно ќе се родам
Од која знам дека никогаш нема да умрам
Дури и тогаш кога ќе ме нема