Среќата е во малите нешта

Начекав едно видео во кое се зборуваше за тоа колку долго трае
тагата, омразата и среќата. Не се сеќавам на името на гостинот, но запаметив
дека рече оти најдолго трае тагата и дека периодот на првичниот шок кој го
доживуваме кога ни се случува нешто страшно изнесува 120 часа. Не дека после не
чувствуваме тага, не дека поминува, туку дека тој удар на неверување дека сме
доживеале некоја трагедија е во бројка од 120 часа. Според кажувачот,
останатото е веќе преживување на тагата, спомени, навраќање кон минатото. После
тагата беше омразата чиј најсилен пик има 60 часа и на крај беше среќата од
само 35 часа. Не знам и не сум стручна да мерам, премерувам, да тврдам дека
било која емоција трае толку или онолку, но знам дека има вистина во тоа дека
честопати ја потценуваме среќата или ја земаме здраво за готово. Па така,
спремни сме да мразиме или да тагуваме со години, враќајќи си го филмот одново
и одново, додека кога се работи за среќата како да не сме до толку спремни да
се посветиме за да ја зачуваме или пролонгираме.
Кога ќе прашате било кое дете што би го направило среќно, одговорот е најчесто запрепастувачки скромен. Или ја сакаат омилената играчка, сладолед, чоколадо, или некои (како мене) се одлучуваат за гумени бонбони. Ако истото прашање го поставите на старосна група која е во рангот од 13 до 19 години, ќе видите дека апетитите се поголеми, па имате варијации на тема: парфем од колекцијата на омилената актерка/пејачка, техника (ајфони, таблети за цртање, лаптопи, видео игрици), брендирани патики или парче облека. На тинејџерски години, децата уште мислат дека парите растат на дрво, а башка ги гледаат своите врсници чии родители се поимашни и секако дека не сакаат да се двојат од нив. Токму на тие години, многу ми беше важно да ја научам Нина дека сè што лета не се јаде и дека не може да има баш сè што ќе посака. Се учевме на скромност, оти силно сум убедена дека поголема штета правиме како родители ако ги учиме нашите чеда дека можат да добијат и од пиле млеко. И не се работи тука само за тоа колку можеме или не можеме да им приуштиме, ами и за тоа да знаат дека и тогаш кога можеме да си дозволиме да им купиме нешто, сепак заради принцип не го правиме тоа. Ајфон на возраст од 13 години ми е како џип на 18, а сите знаеме со што си кубуриме од разбеснети тинејџери.Колку порано научат дека телефонот или таблетот е средство за работа и/или комуникација и дека не треба да робуваат на материјалното, толку поголема услуга им правиме. Не постои поголемо ропство, од ропството кон формата а не суштината.
И како врват годините, суштински се менува и поимањето за тоа што ни носи среќа. Па така, веќе накај 35-40 сакаме релативно добра кола (да нема недоразбирања, за мене добра кола е таа што ќе ти врши работа ем за низ град, ем за некое подалечно патување), одмор некаде каде што ќе ги наполниме батериите, лагодно излегување на вечера во ресторан со фамилија или на пијачка во кафич. Трагедијата во оваа наша држава е што ваквите сосем нормални работи кои можа да ги посака човек, полека стануваат луксуз кој бара не само штедење преку цела година (тие што можат да заштедат), туку и некоја хонорарна работа отстрана, а плус и добра организација кога во странство не е сезона на туристи и кога хотелите не се изгор скапи. Кога прелистав по интернетов, најдов информација дека просечната нето плата за јануари годинава изнесувала 43.050 денари, а да не зборуваме за тоа дека многумина работат за минималец или дека се невработени (што е ужасно).
И на крај, кога ќе ги прашате повозрасните кои се над 70 години, нивното поимање за среќата е да имаат здравје, или како што вообичаено велат “да ме крепат умот и нозете”.
Токму оваа споредба ме натера да ја одберам денешната тема за муабетење. Од скромност, па аздисување, па полека враќање наназад повторно до скромност која е во потребата и желбата да се има она најосновното, без кое сè останато нема вредност. “Да сте ми живи и здрави” е реченица со која секогаш ги завршувам колумните. И секако дека не залудно ви го посакувам токму тоа, да сте вие живи и здрави, да ви се на број најсаканите и бидејќи умирачката е неминовна, да биде со ред а не со прескакулица. Чинам дека во трката по пари, власт, моќ, брза заработувачка, тежнеење кон луксуз и претерување од секој вид, забораваме на есенцијата на животот. Да, не мора да сум во кафеана секоја вечер или 5-6 пати месечно. Секако дека можам да си стокмам термос кафе од дома и да уживам на некоја клупа во парк. Не мора да носам којзнае колку скапа гардероба за да се чувствувам добро во сопствената кожа и не, не мора да мирисам на Шанел 5 (чиј мирис и цена ми се преценети). Она што сакам и што настојувам е да бидам во добра форма за да можам да функционирам за себе, детето, родителите и пријателите. Она што навистина ме прави среќна не се мери во пари, оти сум научила дека животот е тркало, дека еднаш си горе а веќе следниот миг може да кинисаш удолу. Попатно и за моја голема жал, знам и сум искусила дека има болештини кои не се лекуваат ниту со ич, ниту со многу пари, дека едноставно нема начин како човек да застане на нозе колку и да е богат.
И кога веќе знаеме, а убедена сум дека сите сме свесни за тоа дека парите не ја купуваат среќата ами само донекаде ја олеснуваат живеачката, зошто ја врзуваме среќата со длабочината на џебот или со дебелината на паричникот? Среќата не е во тоа да се има сè, ами да знае човек да ужива во тоа што го има. Оти, што е СÈ? Нашите апетити се секогаш големи и растат уште повеќе. Ок, имам автомобил кој не е голем и кој ми е таман за да ми врши работа. Ќе ме направи ли посреќна да имам некој ѕвер од кола со не знам си колку коњи? Да, не сум баш жена која сака да се тинтари себеси со алишта. Ќе ме направи ли среќна гардеробата која е дури и безобразно скапа? Ќе бидам ли повеќе или помалку Ана ако на себе имам фармерки или фустан од неколку илјади евра? Ќе светам ли повеќе ако цела сум наредена со злато?
И се прашувам каде е внатрешниот спокој и вистинската среќа...каде лежи она чувство на задоволство без оглед што знам дека никогаш нема да можам да имам сè што ќе ми падне на ум. И да нема забуни, не велам дека некого не го прави среќен луксузниот автомобил, парите или моќта. Велам дека дури и луѓето кои сакаат раскош во живеачката, вистинската среќа ја доживуваат не преку раскошот, туку во оние мали и навидум неважни работи. Станувањето наутро, знаејќи дека се здрави, живи, дека им се добро сите кои ги сакаат, мирисот на утринското кафе, сончев ден, муабет со децата, слушање на “својата” музика додека одат на работа, спремање заедно ручек и седнување фамилијарно на маса за да си го раскажат денот, гледање филм, добра книга, одење в кревет знаејќи дека денот минал добро, без стрес и без некоја трагедија. Приоритетите се менуваат и така и треба да биде. Секој кој изгубил дете, родител, партнер знае дека среќата не е во имањето имот, пари, кола. Секој кој бил болен и видел мака, знае дека среќата е да е повторно на нозе. Има луѓе кои би дале сè што имаат само за да можат уште еднаш да ги видат и гушнат оние кои веќе не се меѓу нив.
Среќата е многу релативна состојба. Лошо е што забораваме на нејзината едноставност а стануваме свесни дека малку треба за да ја почувствуваме,но само тогаш кога ќе заглавиме некаде. Обично, умот ни доаѓа кога ќе го допреме дното, кога од сите страни животот почнува да удира боксови и кога сфаќаме колку се вртиме во лавиринт на “сакам повеќе, сакам уште”. Ако треба да ја дефинирам мојата среќа, би одело вака некако: да сум жива, здрава, умот да ми е бистар, рацете и нозете да ми се функционални за да можам да пишувам и да работам, да ми е детето добро и да е своја и среќна, да ми се родителите тука, да ми се пријателите насмеани, да можам да се израдувам на зајдисонце, да дочекам изгрејсонце будна, да имам со кого да помуабетам, да доживеам љубов, да ми е во душава мирно, да ми е срцето полно со милост, а главата со убави мисли. Другото, другото ќе се турка вака или онака. Знам само дека додека е човек жив и здрав, може да се надева на подобро, да се труди да си го подобри животот, да има верба дека утрото ќе му донесе нешто ново.
Да си ја најдете среќата во вас, во најмилите, во животот. Да научите и да ме потсетите ако заборавам, дека едноставните работи кои некогаш и не ги приметуваме се составен дел од тоа што значи да сме среќни. Да не дозволите да ви се помати чувството на убавина ако немате премногу од сè, оти некогаш имањето многу не е со знак равенство за квалитетен живот.
И повторно ќе ви го кажам она што секогаш ви го кажувам за крај и да знаете оти секојпат го мислам најискрено и од душа...да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Соништа без кошмари
За да ти одмори душата
Та кога ќе се разбудиш
Свилен да ти биде денот
Ден без срцето да ти прескокнува
Од тага или мака, сеедно
Или ако веќе ти прескокне
Нека е од убост и радост
Радост од насмевката на најмилите
Која како сонце ќе те огрее
Чиниш и среде зима, лето е
И од која ќе ти засвети окото
Око без солзи во него
Кои нема да бидат од горчина
Или не дај Боже од загуба
Ами од среќна мисла
Мисла од која ќе ти зазелени
И од која збор ќе се роди
Тивок и бескрајно нежен
Како молитва извадена од уста
Уста полна медовина
Со која ќе гоштеваш
Со која несебично ќе почестиш
Како саканите на полна трпеза
Трпеза на која сите ќе ти се тука
И на која ќе наздравиш
За да сте секогаш на број
За нив и за животот
Живот исполнет со смеа
Која ќе ечи преку три планини
И која ќе се слуша преку три мориња
Како од грло испеана песна
Песна во која добрина ќе опееш
Како иљач за сите болки
За да ти биде питка живеачката
Како чаша полна пенливо вино
Вино кое не го пиеш сама
Ами со оној кој в срце ти е
Кој свој ќе го наречеш
За да му дариш љубов
Љубов од која повторно се раѓаш
Како прва и последна да е
Како да не ќе има некоја друга
И во која ќе се најдеш себеси
Себе да си се сакаш
И да си се чуваш ко зеница во окото
Дури и тогаш кога те боли сè однатре
За да си го најдеш патот дома
Домот како светилиште да ти е
Со постела мека и топла
За да си одмориш и да закрепниш
Во убост од лековит сон
Сон....ете тој сон во кој кошмари ќе немаш
Ете толку треба за среќа
Ете толку треба за среќна да си
И толку треба за среќен да си
Оти среќата е во малите нешта