“Ти мене, јас тебе”

Не знам дали само мене така ми се чини, ама мислам дека сè повеќе функционираме на некои нездрави реципроцитети. Да не се разбереме погрешно, не сум поборник на тоа дека треба човек да се раздава секаде и секому, да си ја арчи енергијата непотребно и на погрешни работи и луѓе. Реципроцитетот е супер кога треба да се постават некакви стандарди, но не по секоја цена. Кога ќе слушнам муабет дека некој некого сакал повеќе, не знам како да објаснам дека не секој од нас има ист капацитет на давање или покажување на љубов. Сите сме некако скроени, но не од ист штоф или по иста мерка. Некои навистина знаат како да дадат од себе максимум, но од друга страна и максимумот е индивидуална работа. Можеби тоа што го имам и го давам за некого е многу, ама за некои е дефинитивно малку. Можеби моето “максимум” е за одредена личност дури и товар, оти давањето знае да создаде и обврска за да биде возвратено. За друга особа, моето “максимум” можеби е просек или потпросечно, оти па таа личност може и знае да даде повеќе отколку што ќе добие од мене. Чинам дека балансот е во тоа секој да го даде најдоброто од себе, но во рамките на тоа колку може да му искрепат и душата и срцето.
Да се даде љубов (човечка и универзална, не мора да е само меѓу партнери), да се има почит кон туѓите желби и потреби е можеби единствената вистинска формула како да функционира еден однос во кој никој нема да се чувствува искористено или да мисли дека искористува. И сето ова би било прекрасно ако се одвива вака, како во мојот свет на утопија, нели? Даваш максимално, воедно остануваш свој а односите со луѓето ти цутат. Поубаво, амин. Но како што реков, свесна сум дека вака напишано е супер ама дека во реалноста работите ич не одат како подмачкани. Во меѓучовечките односи, секој гледа повеќе да земе отколку да даде. Стануваме промислени, мериме на кантар, тргаме од тоа “колку ти мене, толку јас тебе”. И не е дека сум имуна на тие некои несвесни калкулации, но се обидувам на свесно ниво да ги сетам, да ги превенирам и да ги сузбијам. Ако мислите дека секогаш ми успева, ќе мора да ве разочарам. Во некои мигови кога ми било тешко, кога сум мислела дека се наоѓам во безизлезна ситуација (или така ми се чинело во моментот) и кога ми требало помош, сум се соочувала со тоа дека токму на оние на кои сум им се наоѓала најмногу немале време за мене. Огорченоста на сознанието дека сепак морам сама да си најдам излез, ме правела да го чувствувам оној микс на немоќ и гнев. И не ретко ми се случило да си помислам “па мајку му, за банални работи сум седела со часови да слушам, да бидам тука а сега кога мене ми гори под нозе, нема кој да ме сослуша”. Додека се јадев сама себе, додека мерев, додека премерував, секогаш се фаќав себеси дека сум во зијан. На крајот, кренав раце оти тие мисли не ве водеа никаде, освен во некои неубави води. Сфатив дека единствената личност на која можам безрезервно да се потпрам сум јас, сфатив дека единствената личност која може да ми помогне кога сите бродови тонат е токму оваа Ана која мора да најде сила во себе, за себе.
Почнав да учам да давам, без да очекувам да ми се врати онака како што сум замислила. Пазете, не да давам без никакви очекувања оти кога ќе ми каже некој дека нема очекувања, не му верувам. Сите имаме очекувања, ама баш сите. Разликата е во тоа да направиме анализа на тоа какви и кои ни се очекувањата. Така, од секој однос очекувам почит, поддршка и разбирање. Тоа значи дека некогаш кога не сум способна да дадам она што се бара од мене, очекувам другата страна да го има истото разбирање како што го имам јас кога ќе ми кажат дека не можат да сторат нешто за мене. Да се бара реципроцитет по секоја цена е секогаш проследено со разочарување. Сите ние сме растеле во различна средина, со различно вкоренети вредности и сите сме различно изградени како личности. Впрочем, моите проблеми се за некого баналност иако за мене се голема работа. А ако тргнеме од тоа дека секој мисли оти неговото бреме е најтешко, тогаш дефинитивно ќе немаме разбирачка.
Но, сепак да се оди според девизата “колку ти мене, толку јас тебе” е не само невозможно, туку и исцрпувачки. Каков е тој кантар? Како се баждари? Како се мери давањето нежност, љубов, посветеност? Дали простото собирање и одземање важи во комплексното живеење и битисувањето на секој од нас?
Колку многу прашања на кои е тешко да се одговори, барем не едноставно и просто. Од моето искуство, еден од начините да се има барем некаков баланс меѓу тоа колку си се наоѓаме или си се сакаме едни со други, е да си ги го најдеме сродниот човек до нас. Дали сте приметиле дека пријателите ги бираме според тоа колку сме слични со нив? Секако, не може да сме исти, но да ги имаме истите ставови за повеќето работи, истиот сензибилитет.
Кога бев помлада, ме привлекуваа партнери кои се различни од мене. И не само што беа различни, ами и дијаметрално спротивни. Ги знаете оние “лоши момци” кои секогаш го будат егото па си велиме оти еве јас ќе го сменам, јас ќе бидам ТАА која ќе е пресвртница во неговиот живот. Тикви со расол! Не се родил некој што ќе смени некого. Ако човек сам не посака да се смени, ништо од таа работа. А некогаш и не е доволна желбата, туку тоа е процес кој бара многу работа на себе, труд, преиспитување и нерви-ортоми. На потешкиот начин се соочив со тоа дека секое мое самозалажување дека ќе сменам некој да е по мој терк за да “си живееме среќно до крајот на животот” било фијаско. Отпосле се соочив со мојата фалинка на мајка Тереза и егото кое ме терало да се обидувам од волк да сторам јагне. Ич да не ви кажувам колку бев разочарана од себе кога требаше да се соочам со мојата суета и да си кажам “аман бе жено, која си бре ти да се поставуваш над некого и да го учиш како треба или не треба”. Тој момент на гледање себеси во вистинско светло ми беше не само поразувачки, туку и црвено светло дека наместо да менувам некого, редно е да се сменам себеси.
И бидејќи секогаш најдобро учиме од сопствените грешки и разочарувања, така и јас не бев исклучок. Почнав да си бирам луѓето со кои емотивно се врзувам на малку поинаков начин. Не за да бидам светица која ќе направи пресврт во нечиј живот, ами да најдам човек со кој ќе имам муабет. Муабетот (кој честопати е потценет, за сметка на хемијата) значи да се разговара отворено за желбите, потребите и очекувањата. Кога се картите отворени на астал, тогаш е многу полесно да видите со кого си имате работа, но и да дозволите и другите да видат со кого тие си фатиле работа. Не да се става под тепих секој проблем или недоразбирање, оти еден ден ќе се сопнеме на сето тоа што било некажано и оправачка нема. Не да глумиме дека ни е добро во односот, ами да имаме верба и доверба дека нема да се распадне врската ако во очи си ги кажеме сите нешта кои ни пречат. Не да се преправаме дека ни цветаат рози, а да легнуваме свртени грб со грб и во себе да пцуеме.
Единствениот реципроцитет кој го признавам е во тоа да сме подеднакво слободни да бидеме свои во секој однос, без страв дека ќе сме осудени или оставени. Некогаш, стравот од напуштање прави да се пазариме за работи кои ич не се за пазарење. Да, очекувам љубов, очекувам верност и посветеност, оти знам дека се тоа работите кои можам да ги дадам. Престанав да барам нешто што и сама не сум сигурна дека е според моите критериуми добро за мене и/или за врската. Престанав да внимавам на баналности како што се дали некој ми честитал роденден или празник, дали сум добила цвеќе во некоја прилика или дали ми ја отвориле вратата од автомобилот. Формата ја заменив со суштина, сега ми е важно да знам дека ќе има кој да ме држи за рака и тогаш кога најмалку се сакам себеси, тогаш кога ми се чини дека небото ми стежнало над глава и тогаш кога и сама себе не се поднесувам. Љубовта не е “колку ти мене, толку јас тебе”, најмалку е тоа. Љубовта е кога арното и лошото се врви исто, заедно.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Нема мерење во љубовта
Ете, кантар за неа нема
Ниту некојпат ќе постои
Оти не е љубов ако е во грамови
Или во прстофат магија броена
Ниту од неа некој ќар ќе види
Ако шета со метрото в раце
Нема мерење во љубовта
Оти ако вистинска љубов е
Тогаш секој дава
Токму толку колку што во себе носи
И колку што душата му сака
Колку што срцето му бара
Оти ниедна мерка доволна не е
За да се измери посветеноста и нежноста
Да се извага поглед полн милост
И топла дланка која утеха дава
Нема...
Нема во љубовта мерење
Ниту има јас тебе-ти мене
И не е извалкана со мисла
Дека другиот стиснат е
Или со поглед полн прекор
Дека тоа што го нудиш
Никогаш доволно не е
Та како стареам
Сè почесто си мислам
Дека реткост е љубов да се најде
И уште поретко е да се негува
Како градина полна цвеќе
Кое на жега не смее да се исуши
И кое треба да се чува од силен ветар
За да трае, за да ни трае
И како врват годините
Некако се научив да гледам поинаку
Со други очи да ја гледам љубовта
И да ја препознавам во малите нешта
Во топлиот здив на вратов
Во невидливо цртање по кожава
Во скоро нечујното “тука сум”
Во прашањето “како си”
И знам дека само тој кантар е вистинскиот
Кој срцата ни ги мери
За да чукаат во ист ритам
И заедно да прескокнуваат во жешки ноќи
Кога спокојот е во испрекинатото дишење
И дека постои само во оние два збора
Од кои знам дека ќе изврвиме и арно и лошо
Во тие толку едноставни два збора
Од кои се раѓаме заедно
“ТЕ ЉУБАМ”