Твој е изборот дали ќе си некому опција

Добивај вести на Viber

За сè во животот има избор, освен за тоа кога и како ќе заминеме од овој свет.Правото да избереме како ќе живееме е неприкосновено право кое (едноставно кажано) мора да го искористиме во целост. Дури и тогаш кога ни се чини на прв поглед дека сме ставени за било што пред свршен чин, верувам дека со малку стратегија и гледање пошироко на работите, сепак ќе видиме дека имаме избор дали ќе ги прифатиме нештата онака како што ни се сервирани или ќе најдеме начин да го одбереме она што е најдобро за нас. Не велам дека секогаш изборот е меѓу тоа да ни е добро и лошо, напротив. Некогаш изборот е меѓу добро и подобро, а некојпат меѓу лошо и полошо. Умешноста и мудроста да се одбере најдобрата опција во моментот зависи и од храброста која ја имаме. Не ви чини на работа? Се чувствувате лошо? Имате избор да смените работно место, нели? Е сега, некогаш менувањето не значи и дека ќе имате поголема плата, ами е во прашање вашиот спокој и менталното здравје. Но, интересно е како чудно функционираме ние луѓето во однос на нашиот избор. Се фаќам себеси како знам да сум пицајзла и терсене кога се во прашање тривијални работи, за сметка на она што е навистина важно за да вклучам ум при изборот.

Еве ви пример...треба да одберете нов автомобил. Ќе одите повеќе пати во авто салонот, па ќе прашувате за перформансите, па ќе се пресметувате во глава колку ви се исплати да го купите овој наместо оној автомобил, па дали бојата ќе се погоди како што сте ја замислиле. Некогаш луѓе чекаат со месеци за да си ја земат колата, оти им е важна вистинската нијанса. Или еве, нека не е автомобил. Одите во продавница за да си купите фустан. Па тоа се ритуали, освен ако не сте како мене па да завршите работа за половина час. Ја гледам ќерка ми кога купува нешто. Пробување многу работи, па селекција, па боја, модел, па должината била несоодветна (премногу долго или премногу кратко), па дали било на прерамки, па ако е на прерамки зошто се дебели, па ова копчето тука требало да е сребрено а не златно. И тоа тера така со часови, додека не се одбере најсовршеното парче облека. Мажите се такви за костуми и кошули, манжетните какви биле, па ракавот долг или краток, нијансите и триста други тракатанци.

И она што секогаш најмногу ме запрепастува е следново. Колку сме сите пребирливи за работи кои имаат рок на траење, додека сме неверојатно лефтерни за поважни работи. Автомобилот секако ќе ви го чукнат или изгребаат на паркинг, облеката станува ветва. Сите материјални работи со тек на време се расипуваат, кинат и се фрлаат. Но, што е со изборот на пријателите и партнерите, љубовниците. Дали ако сме толку фокусирани на тој избор во животот, би биле посреќни? Гладта за љубов, нежност, топлина, припаѓање некаде или некому, нè прават свесно да подзамижеме кога бираме кому ја даваме душата и срцето. И не ме прашувајте од каде знам, оти и вие и јас знаеме.

Не сум влетувала од врска во врска, никогаш. Сум имала големи паузи кои некогаш траеле и со години, ама кои биле непродуктивни и сега ќе ви кажам зошто. Стојам зад тоа дека човек мора да научи да биде сам за да може да функционира и со другите. Да се биде сам значи да се научите како да се справувате со сами себе, да се слушате и да бидете свои. И сето ова е супер кога нема да си дозволите да апстинирате толку долго време од љубов, што ќе станете до тој степен гладни за неа и ќе заборавите дека сепак треба да си ги отворите очите во кого ќе се вљубите. И кога веќе ќе се вљубите, да сте раат оти е тоа ваш избор и дека вие сте избор а не опција на тој наспроти вас. Ми се случи да се вљубам затоа што мојата емотивна глад беше толку голема што буквално се изедов сама себе. И таа емотивна испостеност која ја имав со години, си го зеде данокот на начин на кој беше сосем очигледно дека ќе се случи. Ај што имав илузии кои ги потхранував оти ми беа потребни, туку дозволив да сум опцијата а не изборот. Интересно, нели? Таман кога ви се чини оти имате доволно години да сте мудри и да знаете како да се справите со себе, ете сопка на која се спружувате на земја колку што сте долги и широки. И не само што се спружив, па уште и наоѓав оправдувања и за него и за себе. Бев опција. Интензивна комуникација кога требаше да пополнам празнина (која секој од нас ја има), па период на никаква комуникација, па немал време, па бил зафатен и низа други банални објаснувања.

Нормално, заврши уште пред да започне било што оти со климаксов (барем за ова ми се погоди) степенот на толеранција ми е станат “боже ме опрости”. Ме погоди, не дека не и ме направи да се чувствувам ем глупаво, ем исфрустрирано и неубаво. Не сум јас скроена за лабави врски, демек кога ќе се видиме тогаш ќе се сакаме, а во меѓувреме секој си брка своја работа. Не сум скроена за средби по дома и “ај дојди” во ниедно време. Не отидов и не се каам за тоа, не се каам за тоа што бев многу јасна што сакам и што очекувам. И по 100-ти пат да сме на чисто со една работа. Тој што ви вели дека не сака очекувања, не ве смета за избор. Тој што не сака очекувања има очекување да биде така како што ќе му се ќефне, без да мисли на вас и вашите потреби. Се насанкав ко да имам 20, а не 53 години...ама за ум да ми е.

Сфатив дека човек треба да е нежен со себе максимално што може. Да не си дозволи самотијата да го преплави толку силно и толку долго за да изгуби критериум. Сфатив дека ако сте некому важни, нема изговори. Не можел да се јави три или пет дена? Ма немој! Немал време преку ден да ве праша како сте и што правите? Ма немој! Не се залажувајте, оти време има ако се сака. Како вие имате време да скршите ред муабет кога некој ве интересира, да прашате дали е сè ок и да се грижите! Не е до времето, до желбата е и до местото кое ви е доделено во нечиј живот и секојдневие. Ако имате место кое е во листата на приоритети, ќе имате и внимание кое сте го заслужиле. Ако сте некому избор, ќе знаете оти ќе го чувствувате тоа. И ич да не му ја мислите да го прекинете односот во кој го немате она што ви треба. Ама ич. Имањето самопочит е многу поважно и подолготрајно од тоа да имате страст како компензација за љубов. Човек кој нема да ве викне на пијачка, кој не сака да е виден со вас во кафеана или кино, изложба, промоција е човек кој не ве гледа онака како што треба, ами само како начин како да си го пополни времето.

Да се биде опција или избор, зависи од секој од нас. Ние одлучуваме на што ќе се согласиме и што сакаме. Ако сте за повремени средби без никакви обврски, да си терате како што ви се сака. Ама ако сакате повеќе од тоа што ви се нуди, да си побарате оти нема кој да го побара тоа наместо вас. Не се лажете себеси дека тој или таа ќе се смени, оти луѓе не се менуваат туку-така. Такви се какви што се и ваш е изборот е дали ќе ги прифатите или не. Јас не можев и не знам како, оти не сум со таква кројка. За мене, секој човек кој ми е во животот ми е избор, од пријатели па до партнер. Опции немам, оти лично мислам дека не е фер кон другите. Башка, навистина почнав да живеам по теркот на она да не го правам на другите тоа што не сакам да ми го прават мене. И не, не сакам да сум опција и нема да бидам, па и по цена да скапам сама. Оти знам дека нема да се сакам себеси, знам дека нема да можам да се погледнам во огледало, ќе ми е срам од она што ќе видам. Не ми беше сеедно, не ми е ни сега сеедно оти после многу долго време мислев дека ете, ќе си дадам шанса да пробам пак. Ама знам, во себе знам дека добро одбрав, дека мојот избор беше да кажам ДОСТА Е, оти ми беше навистина доста.

Не прифаќајте да сте опција ако барате љубов. Љубовта не е опција, не е плукни залепи и најмалку од сè е пазарење со себе. Не прифаќајте да ви се кажува дека многу барате, оти имате право да барате тоа што ви треба и тоа што сакате. И не верувајте на евтини приказни дека некој нема време за вас. Време има, ама немал желба. Соочете се, голтнете ја суетата и повреденоста, ако треба и исплачете се и продолжете понатаму. Сите животни лекции се скапоцени, ако ништо друго барем ќе спиете мирно и ќе сте раат...а знаете како велат, раатот нема цена.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Избор да си

Избор некому да бидеш

Со сето срце

Со сета душа внесена

Та кога ќе се опулите еден во друг

Светот да сопре

И сè да оглуви околу вас

Токму онака како што

Никој не верува дека може да биде

Дека може таква љубов да постои

Избор да си

Избор некому да бидеш

Првата мисла кога очи ќе отвори

Последната дума пред да заспие

Како утеха во текот на денот

Која сила дава и за која знаете и двајцата

Оти сите рани дамнешни ќе ги залечи

И дека колку и да е животот груб

Тоа што го имате ќе е полно нежност

Избор да бидеш

И да знаеш дека пилето за тебе му пее

Дека не си шогоде и којгоде

Дека не си само попатна станица

За да му одмори умот и телото

Додека во тебе неспокој има

Избор

Ете тоа некому да бидеш

И да не си дозволиш да си опција

Кога никој друг околу нема

И кога сите грбот го свртеле

Оти човек треба да знае за што е скроен

И што може да искрепи во себе

Што му е иљач, а што болест

Што му е среќа, а што солза

Чунки никој освен тебе

Не знае што ќе те поболи

Оти некои болести остануваат за навек

Избор

Ете тоа да му бидеш

И да одбереш

Тоа што тебе убост ќе ти носи

Оти во ова време-невреме

Сè помалку љубов има

А отповеќе празнотија во нас спие

Та да си го најдеш грнчето

А ти некому капаче да си

Да си ја најдеш онаа половина

Која секому од нас потребна му е

За да вдише љубов

За да издише љубов

За да се стори љубов

Во овој свет од нељубов стокмен