Времето ништо не кажува

Жонглираме со времето, секаде и секогаш.
“Време е да се средиш”
“Време е да се скрасиш”
“Време е да ставиш прстен на рака”
“Време е да имаш дете, сега е време за уште едно дете”
“Време е да престанеш да се облекуваш како да имаш 20-тина години”
“Време е да се пензионираш”
“Време е да умреш”.
Или може и поинаку, ако така повеќе милувате.
“Не е време за промена”
“Не е време за ризик”
“Не е време да почнуваш нов живот”
“Не е време за нова работа”
“Не е време за нов живот”.
Сме се фатиле за времето како слепи за стап и не отстапуваме од тоа да го мериме, премеруваме, да си го скусуваме или одолговлекуваме. Ако мене ме прашувате, јас не верувам дека постои време. Тоа што ние имаме ограничен рок на траење, тоа што желбите и потребите ни се менуваат не ми е одраз на времето, ами на нашето растење или одраснување. Никогаш не сум верувала во категориите Време и Простор. Секогаш велам дека ако кожата ви е тесна, ќе ви биде неубаво сеедно каде сте. Ако сте ок со себе, ќе бидете добро каде и да ве однесе животот. Кога човек ќе ја најде смислата на своето постоење, ќе биде спокоен и во мало куќарче и во палата. Но, како да ни треба оправдување за грешките кои ги правиме или за работите кои ги пропуштаме. Затоа, си даваме зелено светло за да ги избришеме грешките, токму со тоа што ќе заклучиме дека не се погодило времето за нешто.
Имам една песна која ја имам напишано сосем несвесно. Кога велам несвесно, мислам на тоа дека во тој момент сум ја напишала инстинктивно, не знаејќи точно да дефинирам што сум сакала да кажам. Сега знам, сега точно знам што е тоа што ме натерало да се чувствувам така. Песната ќе ви ја оставам на крај за да видите на што мислам, но поентата ми е токму тоа, дека бркајќи го совршеното време често пати не правиме онака како што ни сака душата, или уште полошо, како што ни бара срцето.
Знаете ли колку љубови останале неизживеани или неостварени, или непочнати токму заради тоа што сме прогласиле дека не е време за да се дадеме? Знаете ли колку можности секојдневно пропуштаме заради тоа што сме се убедиле сами себе дека не е време да бидеме храбри или да ризикуваме. Демек ако седиме во истата жабокречина, поарно ни е. Не, не е ама сме свикнале така, побезбедно се чувствуваме во условите кои ни се познати, наместо да се подразбудиме и да сториме нешто поинаку.
Деновиве многу често мислам на еден период од мојот живот кога ми се допаѓаше еден човек. Излегувавме на исти места, се гледавме под око, дури можеби и сме имале прилика да муабетиме. Ама не, никогаш не врзавме ни два реда муабет. Интересно е што и ден-денес кога се присетувам на него, имам некоја тапа болка која недвосмислено ми кажува дека не сум се слушала себе. Не е дека имав суета да почнам прва муабет, туку не знаев како и не знаев што да кажам. Многу чудно, ама и многу несвојствено за мене. Како да си го испрограмирав умот (не слушајќи си ја интуицијата и желбата) дека не е време за да пробувам нешто, дури и ако тоа нешто значеше дека ќе бидеме пријатели. Сама си ставив сопка, на која се спружив колку што сум долга и широка. И пред некоја година, го сретнав во продавница. Ги знаете тие средби кога Универзумот ќе замеша прсти и како да ве казнува дека сте биле (така малку) глупави? Е, тоа беше кај мене. Тој стокмен, среден, со истиот поглед што уште тогаш ми правеше да ми се врзе стомакот во чвор, до потслошување. Јас....ах, јас каква катастрофа бев тој ден. Како од оние приказни-анегдоти во кои наместо да блескате, изгледате како исфрлени од поплава? Таква бев, исто врзана во устата. Едвај кажав “здраво”, едвај го најдов излезот од продавницата, едвај дишев од тахикардија. Страшно!
И некој ќе рече после дека имало време? Како не бе! Демек сега јас сум возрасна жена, со 50+ години и сериозна (!). И пак, како не бе! Бев истиот девојчурак што кога излегуваше се надеваше дека ќе го сретне, бев истата таа која секој пат додека се спремаше се убедуваше себеси дека “еве вечерва ќе кажам нешто”. Ниту тогаш кажав, ниту сега. Единствено што беше исто и тогаш и сега, беше моето чувство дека нозете ми се како од гума.
Времето не ја избриша мојата несигурност, ниту пак ме направи нешто помудра од порано. Она што ме смени, исчеличи, ми даде храброст и сила, беа сите работи кои ми се случија, но и тие кои не се случија (како во случајот со овој човек). Некогаш се прашувам како ќе беше да имав повеќе сила или да бев помалку уплашена и да комунициравме. Можеби ќе беше мојот најдобар другар, можеби ќе беше љубовта на мојот живот, можеби ќе останеше само спомен од дамнина. Не знам. Она што го знам е дека убедувајќи се себе дека не е време за нешто, ги свртев сите работи против себе. Не ме прашувајте дали се каам, оти не знам. Не ме прашувајте дали ако се вратам сега назад би сменила нешто, оти сите знаеме дека нема враќање назад. Којзнае, можеби некоја следна средба ќе ми одврзе јазиков и ќе почнам да комуницирам како човек.
Муабетов ми е, не чекајте време оти го нема. Единствено што постои е фактот дека ние старееме и ние сме тие кои имаме потреба да ги ставаме работите во рамка. И не само работите, туку и сами себе. Тоа е исто како да живеете во шума од која никогаш не сте излегле, оти ви е страв што има надвор од неа. А надвор? Па како да ви кажам, може да биде пустелија, ама може и да има преубаво езеро кое ќе ви носи спокој и убост. Стравот од непознатото, стравот од тоа дека нема да успеете, дека не е време да бидете малку похрабри одошто можеби и навистина сте, е сигурна лулка во која ќе живеете, ама прашање е дали ќе бидете среќни. И ако сите тежнееме да сме среќни и да имаме квалитетен живот, тогаш чуму саботирање сами себе? Кога започнав пак да пишувам имав скоро 42 години. Пишував од мои 17, па искинав скоро сè, па се убедив дека тоа не е за мене. Ама, тоа што тлеело во мене реши да си излезе надвор, сакала јас или не. Некогаш си мислам, а што ако се убедев себеси дека не е време на 40+ да се “глупирам” со песни? Како ќе извадев од себе сè што ми лежело или тежело? Ќе бев посреќна или понесреќна? Ќе бев ли оваа Ана или некоја сосем друга?
Затоа, баталете го времето и не бидете Ана. Ако ви се укаже можност да смените работа оти сте несреќни таму каде што сте, ич да не му ја мислите. Ако ви се насмевне среќата да љубите, ич да не се ограничувате со годините. Ако си ја сретнете (вака ко мене) неостварената желба, да земете длабоко здив и да кажете “кафе?”. Па и нека рече НЕ! Па што? Сега, сега знам дека е поарно да се каам за она што сум го направила, отколку за тоа што не сум го направила...а сум сакала.
Да сте ми живи и здрави, еве ја песната за времето. Ех, да знаев порано!
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Никогаш нема совршено време за љубов
како да се случува токму тогаш кога не треба
како спас од дамнешни неизлечени љубови
или како спас на човек од самиот себе
токму тогаш кога ќе научиш да си сам
да си безбеден во тишината и сопствената сенка
небаре сто животи имаш
па во овој од болка ќе куртулиш.
Никогаш нема совршено време за разделба
а јас би сакала да е поинаку
ете некој некогаш да прогласи дека од 19 до 21 часот
е време за збогум
дека секое заминување тогаш ќе е безболно
а потоа како во сказните
со волшебно стапче
сите сеќавања ќе бидат избришани
небаре никогаш не се случила љубовта.
Никогаш нема совршено време за смрт
барем јас не сум сретнала некој што ќе рече
„ајде, готов/а сум, завршив сѐ што требаше на земјава“
па смирено да ја дочека смртта како што и’ прилега
пречекана со насмевка и нагостена
служена со должна почит и внимание
со радост и музика
небаре за свадба сватови се пречекуваат.
Никогаш нема совршено време за плачење
ете, мене или воопшто не ми доаѓа плачот
како попатно да сум го загубила некаде
или ме фаќа сред улица
или уште полошо, сред муабет
па трепкам да одминат солзите
подголтнувам, се смешкам и дрдорам,
небаре ќе ги убијам во себе, да пресушат.
Никогаш нема совршено време за „те сакам“
ниту пак совршено време постои за „ми требаш“
а совршен момент ниту за “во душава си ми“ нема
та мериме, кроиме, се пребројуваме
времето го колнеме дека не се погодуваат работите
и животот завршува дур’ ние уште го бркаме
совршениот миг
небаре некогаш повторно ќе се родиме
во време совршено за сѐ.