За жените кои знаат кои се и што сакаат

Деновиве ми се погоди да налетам на неколку прекрасни, ама
прекрасни текстови за жените, нивната сила и моќ. Тоа беа текстови во кои се
зборуваше за женскиот оргазам, за правото на жената да ужива во сексот
подеднакво како и мажот без да е нарекувана промискуитетна, текстови за жената
која не признава дека пцостите се резервирани за мажите, ниту дека подобрите
работни места се само нивна привилегија. Тоа беа писанија за силата на жената
да каже ем чао ем пријатно кога не и’ е убаво со некој кој само ја троши, наместо
да и’
даде крила. Како минува времето станувам свесна колку многу сила имаме ние
жените во себе, а колку сме убедувани во текот на целиот наш живот дека сме
послаб пол, дека имаме потреба од заштита и некој кој ќе се грижи за нас. А
вистината е дека на ниту една жена не и’ треба заштитник и дека ниту една жена не е со
некој затоа што не знае или не може сама, туку затоа што одбрала да биде токму
со тој човек со кој што е.
Овие денови ја имав таа среќа да ми се погоди да ги исчитам текстовите кои говорат за жената од еден сосем друг, поинаков агол...не претставувајќи ја нежна и кревка, ами силна, цврста, столб. И кога велам дека имав среќа токму овој период да налетам на такви постови, мислам на тоа дека баш овие денови чинам дека си ја превртев утробата однатре нанадвор од недоумици, мисли, стравови. Која сум? Што сум? Дали сум доволна ваква каква што сум? Недоумици кои ми беа наметнати, кои не беа мои, но кои јас и само јас дозволив да ми бидат всадени во умов. Има три работи кои никогаш не ги научив во животот кога е во прашање начинот на кој функционирам и болката која ја џвакам токму заради таквото битисување.
Првата, да не ми се чита на ликот како се чувствувам, но и што мислам за некој.
Втората, да знам да изглумам лудило во секоја можна ситуација за да си дадам време и предност во одредена комуникација.
И трето, да изманипулирам така вешто и добро за да си ги прикријам сопствените гомненици (пардон на речников, ама да ве предупредам дека може да има уште вакви изблици во колумнава) на сметка на тоа да направам некој друг да се чувствува виновен за тоа.
Три навидум смешни работи за кои сфатив дека не само што не сум кадарна да ги учам допрва, туку не сум кадарна да ги практикувам по ниту една цена. Да си со крстот на чело (што велеа старите) е како да шеташ гол низ град преполн со луѓе. Ќе ти се смеат, ќе те покажуваат со прст, ќе ти лепат етикети. Прашањето е следно: дали ќе си го криеш крстот (не, шишките не кријат ништо) со тоа што насила ќе се правиш нешто што не си или ќе шеташ гордо со него, попатно учејќи дека потсмевот на другите кон тебе нема никаква врска со тебе, ами со нивната слабост. И едното и другото се пекол, ама зависи на каков пекол си спремна, нели? Мојот пекол е што не само што не го кријам крстот кој до мозок ми е врежан на чело па сум како отворен буквар, туку и што секој пат кога го јадам по нос заради тоа, сепак имам верба дека еден ден луѓето ќе научат да бидат поотворени, попитоми, покротки, пољубовни. Знам, знам...како вицот со “Ти уште веруваш во Дедо Мраз?!”.
И ако до пред некое време имав сериозна дилема дали е со мене сè како што треба во главава и зошто на сиот мој труд да бидам секогаш и со секого со отворени карти на маса за било што, сега знам дека таман сум си и токму сум си. Не дека сум совршена, не дека немам еден куп пропусти и грешки, не дека имам којзнае каква мудрост која наводно доаѓа со годините, туку дека тоа што сум како дете за меѓучовечки односи и љубов, мене лично ме прави среќна и исполнета.
Жените кои се предаваат некому, не го даваат својот интегритет, ниту слободата. Тие решиле дека ќе се делат себеси со вас. Да, токму така....дека ќе го делат со вас она што го имаат во себе. Жените кои ќе ви кажат дека ве љубат, не се карактерно слаби и не чекаат принц на бел коњ, туку напротив, имаат во себе сила и се храбри. Ај да ве видам одете и кажете најискрено и онака опуштено дека сакате некого! Ќе се трткате, ќе се потите, ќе размислувате “а што ако....”. Мислите дека е лесно да застанете зад она што го чувствувате и соголени да признаете? Не е, ама е затоа најубавото и најослободувачкото чувство на светот. Не е слабост, не е покорност. И што е најважно, нема ниедна жена да се урниса ако не и’ се возвратени чувствата. Ќе преболи и ќе замине, ќе продолжи по својот пат. Интересното е отпосле, кога ќе замине наеднаш оној карши неа прогледува и токму тогаш како да станува свесен дека е таа она што му треба. И да, доцна е. Секогаш е доцна во моментот кога сме си отишле, оти ретко кога се враќаме. Не заради суета, ами затоа што сме ги исцрпеле сите, ама баш сите можности за да останеме. А уште е понејасно зошто не сакаме назад ако веќе нема некој друг во нашиот живот. Сосем едноставно, не ни треба замена, не ни треба некој по секоја цена за да сме комплетни. Не е дека сте заменети со друг маж, затоа што нашата љубов не била наменета кон одреден пол кој може да има било каков претставник, ами била наменета и врзана само за еден човек. Тој, што ете одлучил дека не ни ја сака љубовта, за после да се премисли.
Жените кои љубат од срце, душа, мозок, матка, вагина...се жени кои точно ја знаат границата меѓу давање и земање љубов од една страна, со изнудување и молење за истата, од друга страна. Жените кои целосно ќе ви се предадат, немаат проблем кога ќе им пукне филмот од тоа што се земани здраво за готово, да си одат без да се завртат. И не е дека им е сеедно и дека имало рез во љубовта. Знаат дека е време таа љубов која ја намениле за вас, да си ја дадат сами на себе за да се залечат.
Читајќи го текстот за сексот и жените во сексот, сфатив колку сме се уназадиле од практикување лажен морал. Никој нема монопол врз уживање во сексот. Секоја, ама баш секоја жена мора да си го знае и познава телото, мора да знае каков допир и’ годи и како да ужива во тој дар наречен оргазам. Уште ли ќе се срамиме од сопствените тела? Уште ли ќе се срамиме да кажеме дека “не, не ми е убаво кога ме допираш таму и не, не треба толкав притисок или толку брзо, бавно”. Сексот е взаемно уживање во кој ритамот е дело на двајца кои треба да се најдат и надополнат. Сексот знае да биде тешка фрустрација, од физички до психолошки момент, од тоа да не се чувствуваме посакувани, до тоа да ни е наметнато дека само неморалните уживаат со секоја клетка во тој чин. И ако е сексот еден од начините на спојување, како да се споиме со сите бариери кои ги имаме во главите, секој од свој аспект. Знаете колку жени во текот на својот живот никогаш не доживеале вагинален оргазам? Знаете колку жени глумат за да не помисли нивниот партнер дека не им било убаво или дека нешто не е во ред со нив? Знаете ли колку жени се фрустрираат што нивните мажи, дечковци, љубовници немаат трпение за да им приредат оргазам за паметење?
Бидете жени кои знаат кои се и што сакаат. Учете ги вашите ќерки да бидат такви жени. Научете ги дека треба да си го љубат умот, срцето, но и телото. Дека треба да си ги знаат мислите, да си го слушаат срцето и душата, но и телото. Научете ги дека жената е подеднакво и сексуално битие, освен што и’ се прикачени улогите на “сопруга”, ”мајка”, ”баба”... Да им дадете крила на вашите женски деца да научат дека не се останува никаде и со никој ако им е стегната душата. Дајте им крила и обезбедете им сигурност со која ќе им кажете дека треба да ги уживаат сите можни права што ги имаат со раѓање. Кажете им дека човек кој што ги сака нема никогаш да направи да се чувствуваат помалку вредни, помалку важни, помалку љубени. Научете ги да бидат свои, да уживаат во секој проклет миг од овој толку краток живот.
Научете ги да бидат среќни, без компромис!
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Смеј се
Исплачи се
Тропни на маса
Пеј на сиот глас
Чекори боса по трева
Рашири ги рацете наспроти ветрот
Биди слободна во себе
Слободата нема цена
Ама скапо ќе те чини
Ако ја земеш здраво за готово
Пушти ја косата
Побогу жено
Па кој ти кажал дека си поженствена
Ако имаш тешка пунџа на тилот
Вештачките трепки стави ги
Ама само ако тебе ти се присакало
А не оти некому така си поубава
И не си ја мачи душата
Дали во фустанот добро изгледаш
Оти секогаш изгледаш убаво
Оти секогаш убава си
Додека знаеш како себе да се љубиш
Како себе да си се прегрнеш како дете
Смеј се
Па што ако е гласно
И што ако сите се свртеле накај тебе
Исплачи се
Па што ако си среде улица
И што ако шминката ќе ти се разлее
Тропни на маса
Па што ако затропаат тањирите
И што ако (демек)не те личи оти жена си
Пеј на сиот глас
Што ако тој се срами од тебе
И што ако комшиите ќе те слушаат
Чекори боса по тревата
Па што ако имаш на себе вечерен фустан
И што ако потпетиците в раце ги носиш
Ослободи се
И престани да се грижиш
За сето она што и не е за грижење
Престани да ги величаш оковите
Кои сама на себе си ги ставаш
Оти тие накит не се
И престани да се замолчуваш однатре
Оти еден ден ќе заборавиш да зборуваш
И доста се обидуваш совршена да бидеш
Од каде знаеш дека не си таква
Токму сега и токму онаква каква што си
Смеј се
Исплачи се
Пеј
Живеј...
Онака како што сакаш
Онака како што тебе убаво ти е
Живеј, проклетство....живеј