Жените кои се свои се најубави

Отсекогаш ме воодушевувале жените кои се свои, кои чекорат како да
одат по облаци, на кои од ликот им се гледа дека не есапат кој што мисли за
нив. Таквите, слободни и ослободени жени од стегите на некакви си општествени
норми, ми се иљач на душава. Не за друго, оти знам колку треба храброст да се
фати било која од нас во костец со “што ќе рече околината” и да се упорни
да си го тераат својот филм. А филмот, филмот е некогаш документарец, некојпат
е хорор, а некогаш знае и да е романтична комедија. Некои од тие жени се сами,
некои се во врски, некои се во долгогодишни бракови. Секоја од нив има своја
историја, приказна која ја минала и која оставила трага врз нив. И ги
препознавам, секогаш успевам да ги препознам и да ги одвојам како посебни. Тоа
е жената која одбрала кариера наместо семејство и која и покрај сите притисоци
да се омажи и раѓа, останала смирена и доследна на тоа што го сака. Тоа е
жената која има партнер и која одлучила дека бракот не е она што го сака и која
знае дека парчето хартија не е ама баш никаков доказ на љубовта и дека она што
вреди е секојдневието полно спокој и почит. Тоа е жената која е во брак и која
бие битки со неплодноста, која има надеж при секој обид за дете, која паѓа
удолу кога обидот е (и овојпат) неуспешен, ама која не се откажува од својот
сон. Тоа е жената која останала сама, дали дека не успеала да најде сродност со
некого или која го изгубила својот партнер, но верува дека ете, таму некаде има
и за неа парче среќа кое само ќе ја дополни сложувалката наречена живот. Тоа е
жената која ги чува своите внуци, но и која знае со другарките да седне на кафе
или чаша вино, стокмена и дотерана за себе, не за другите.
Отсекогаш сум била полна со тивна почит кон жените кои не се занимаваат со туѓите животи, кои разговараат за филм, книга, изложба или тоа што го чувствуваат, без да имаат потреба да расправаат за сосетката од вториот спрат која не знаела да прави сарми или дали ги пере теписите редовно. Однатре сум многу горда на секоја жена која знае да каже без страв или без срам што сака, која ќе покаже лутина ако ја навредите, која ќе се спротивстави на било каков простотилак и која знае да каже “не, ова не го сакам”. Оти знаете, ова сум го кажувала често и пак ќе повторам дека е подеднакво важно да знаете да кажете што сакате, но и што не сакате. Жените кои се свои нема да ве прашаат како им стои новиот фустан, ами ќе го носат на себе со таква самоувереност, што дури и да е вреќа за смет на неа ќе изгледа како да излегла од модно списание. Капа симнувам на жените кои само и исклучиво заради себе одат на корекции на гради, задник, лице, исто како што им симнувам капа на оние жени кои одлучуваат да ги ја пуштат природната боја на коса иако им е побелена и кои си ги носат брчките на лицето како да се трофеи од сите битки кои ги минале.
Таа жена си ТИ која сега ме читаш, таа жена е твојата колешка на работа, таа жена е твојата другарка, мајка, сестра, ќерка. И она што е заедничко за сите тие жени (за сите вас), е дека секоја од нив/вас секојдневно се соочува со осуда, предрасуди, па дури и омраза. Оти жена која е своја, која нема да премолчи неправда, е жена која не дозволува да е манипулирана, никогаш и од никој. И токму заради тоа, ваквите храбри, полни со одлучност и свои жени, се окарактеризирани како тешки, токсични, некогаш огорчени и луди. Демек, “остави, не се плеткај со неа оти има тежок карактер”. А тешкиот карактер не дека е тежок, туку токму тој карактер не дозволува да бидат лажени или непочитувани. И секако дека ниту една од овие етикети не е точна, туку луѓето сакаат до себе жени кои ќе бидат како глина, оформени по теркот по кој на некој ќе му чини.
Сите сме биле барем еднаш во животот марионети или сторени како од глина. Сите сме биле барем еднаш во ситуација кога сме заборавиле или свесно сме одлучиле да занемариме кои сме и што сме, да си ги ставиме сите желби и потреби на пауза, од пусти страв да не сме сами, од порив да сме сакани. И кога ќе се потсетам каква сум била кога сум била без својот глас, знам дека најмалку тогаш сум била сакана. Оти тогаш ја сакале илузијата за мене која не само што ја имале, туку и јас сум дозволила да ја создадат. Ме сакале оти не ме познавале, оти не знаеле која сум. Рака на срце, ниту јас сум знаела која сум, само знам дека тоа што сум станала амеба била мојата несигурност дека не вредам, дека ако сум Ана која е своја, ќе бидам оставена. Од сегашна гледна точка, знам дека нема полошо од тоа човек да се остави сам себе, да си ја запрета силата, табиетот, мислата. А тогаш, тогаш не може да се сака себе, а ако не се сака себеси...што понатаму и како?
Не пишувам џабе на овие теми. Пишувам затоа што имам минато и сито и решето и како сама, но и како жена која била во врски и во брак. Пишувам затоа што знам дека сè уште, без оглед колку и да имаме поголема слобода во себе за себе, сепак некои работи тешко се менуваат. Најтешко се менува сетирањето на умот дека жените можат да функционираат на начин на кој е прифатливо дека е сосем во ред да функционираат мажите. Сè уште сме полни сомнеж и муабет ако жената има партнер кој е помлад од неа, иако е тоа сосем нормално за мажите. Уште се бориме со тоа дека е во ред мажот да се посвети на кариерата, но е грев ако жената не раѓа и не сака да свие гнездо. Се бориме со тоа да покажеме и докажеме дека нашата слобода на избор како ќе живееме, е подеднакво валидна како таа на мажите. Се бориме со докажување таму каде што мажите немаат потреба да се докажуваат. И тоа е тажно.
Секоја една од нас мора да е независна, материјално и физички. Секоја од нас си должи сама на себе, но и на своите женски чеда да даде пример за тоа дека жената може сè, може да живее онака како што ќе и’ нејзе убаво, да одбере професија која ја сака без да биде прашана дали навистина сака да работи машка работа, секоја мора да знае да одбере за себе она што ќе ја прави среќна и исполнета. Ете, затоа пишувам толку многу за жените, за нивните права и за слободата која мора да си ја дозволат да ја имаат, а потем и да се борат да ја задржат. Колку и да нè убедуваат дека сме еднакви, не сме. Дел е до традициите, дел до воспитувањето, дел е до мажите, но и дел е до нас. Ако престанеме да се извинуваме за тоа што сме и за тоа што сме способни, ќе престанеме да бараме валидација која во суштина и ни е потребна, но само од сами себе.
Отсекогаш сум ги обожувала жените кои и покрај стравот, успевале да се издигнат над него и да тераат кон својата цел. А целта, целта може да е политичка кариера, бизнис води, но и домаќинка. Никогаш не сум го потценувала или мислела дека е долно или помалку успешно жената да сака да биде свртена исклучиво кон домот и семејството. Сум била против ако е тоа одлука која била наметната или изнудена. За сè и за секоја одлука која била донесена свесно, со вклучување на разумот и умот, мене ми е ок и давам апсолутна поддршка. Поентата ми е, што и да правите, правете го со љубов во себе и кон себе. Нема пазарење со тоа, нема компромиси. На овие години знам дека секое натегање и присилување себе да сум она што не сум, ме чини здравје, физичко и психичко.
Живели за нас, за секоја од нас која во денот минува илјада искушенија, за секоја од нас која допрва се буди и си вели “денес е денот кога ќе сменам нешто, оти сакам и оти ми се може”. И знаете што? Можете ако сакате и сакајте да ви се може. Затоа што секоја од нас е способна за било каква промена која ќе и’ донесе нов правец во животот. Чувајте си грб една на друга, баталете муабети, баталете предрасуди. Си требаме една на друга, едни на други. Бидете онаа жена која молкум ќе подаде рака на друга жена за да ја крене угоре кога е долу. Оти да знаете, кога вие ќе бидете долу секогаш ќе има барем една жена која ќе застане до вас, која ќе ве погледне во очи и која ќе ви каже “МОЖЕШ”.
Да сте ми живи и здрави. Денешната песна е нова и е посветена на сите вас, но е напишана за една исклучителна жена која има роденден денес и која ми е една од оние жени карпи кои ми се в срце.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ти си карпа
Со свилени реси
Испреплетени во силен јазол
Кои почнуваат од срцето
А завршуваат во мислата
Од која ти огрева утрото
Во која ти се капи денот
Носејќи ти питома насмевка
Ти си сила
Која со векови в коски ти е
Која не бледее
Која нема крај
Од која знаеш да зачнеш љубов
И во неа да ја изѕидаш иднината
Без страв што ќе ти донесе
И како и дали ќе ја преживееш
Ти си сон
Во кој ги наоѓаш одговорите
На прашањата кои те мачат
Нурнувајќи во својата бескрајност
Издигнувајќи се над сомнежот
Давајќи смисла на надежта
Која ќе ти ги отвори сите врати
За кои стравуваш што кријат зад себе
Ти си пердув од птица бела
Со крила железни кои не се кршат
И кои шумолат на ветрот
Пркосејќи на гравитацијата
Угоре високо
Скоро до сонцето и потем назад
Во широчината на твоето постоење
Како жена, мајка, сè
Ти си синило на небото
Чија радост е без облаци
И чиј гнев е дожд пороен
Кој и на сета своја лутина
Ќе ја напои земјата со живот
За да замириса на чисто
Како што душата знае да мириса
Кога во себе ја носи оној што љуби
Ти...
Ти си...
Ти си љубов
Ти си почеток на сите почетоци
Ти си моето огледало
Ти си онаа која во себе ја носам
И која од моето око излегува
Ти си мојата сила
Ти си сонот кој го сонам
Ти си СÈ и многу повеќе од тоа