Животот е маратон...истрчај го

Добивај вести на Viber

Старите имаат една изрека која често ја користат и која гласи “Не знаеш денот што ти носи”. Убоста на сите вакви народни мудрости е во искуството кое не е прераскажано оти на некој му текнало да се прави паметен, ами е резултат на борба, очекувања, разочарувања и повторно издигнување за да се продолжи понатаму. Секој од нас доживеал падови и подеми, болка и радост, еуфорија и тонење во сопствените мисли. И да, секој ден кој ќе го дочекаме живи и здрави е еден микро живот, кој треба да се истера, вака или онака. Соочувањето со сето она што ќе донесе тој микро живот, останува врежано не само во умот туку и на телото. Има денови кои почнуваат како песна, лесно и нежно а кои завршуваат на начин на кој сме оставени во шок, со по уште една рецка на душата. Има и денови кога стануваме килави, едвај ни успева да се извлечкаме од кревет, ама кои знаат да ни приредат среќа за која не сме ни биле свесни дека ќе ја доживееме или дека сме способни да ја живееме. И како стареам, станувам свесна дека што и да ми донесе токму овој ден не е во моја контрола, но до мене е како ќе го прифатам тоа, како ќе се справам и како ќе постапам. Единствено што знам со сигурност е дека и добрите и лошите денови имаат крај и дека ниту арното ниту лошото можат да бидат бесконечни.

Деновиве сум многу успорена. Не знам дали е од умор или од жешково, не знам дали ми е потсмачено од себе и сето она што ем ми се случува, ем не ми се случува. И знам денот да го минам во тишина, читајќи или пишувајќи, знам само бесцелно да шетам, да испробувам рецепти или да слушам музика чистејќи си го умот. Не е ниту првпат, ниту ќе е последен патда се чувствувам вака. Имам некоја тивка тага, која дури и ми е како начин на бегство од околината. Но, исто така знам дека ваквата хибернација ми е начин да стасам до себе, да се изолирам од секојдневието и да најдам што е тоа што ме измачува.Во ниту еден момент не заборавам на зборовите на татко ми дека животот е маратон, дека некогаш треба човек да успори за да си ја собере силата, да се преиспита за да може да си ги прибере сите делови кои му се раздадени наваму натаму. Но, како и да е, да не престане да трча, да не се предава и да не остава конците од своето битисување да ги влече некој друг.

Интровертноста ме научи да се слушам себеси, да си ги слушам мислите и она што ми го кажува телото. Порано водев борба со ветерници, се силев себеси да сум секогаш насмеана, да сум (демек) секогаш храбра и да имам јасна цел пред себе. Сега некако гледам да олабавам со (само)контролата и да си дадам себеси дозвола да подишам. Па и не мора секогаш да знам каде одам и не мора секогаш да имам зацртано што ќе правам. Некогаш пуштањето на уздите е лековито, едноставно човек да си каже “батали, нека биде што сака”. Нема понапорно од тоа да се оди со глава во ѕид и да се присилуваме да сме она што не сме или она што другите очекуваат да бидеме. Секогаш и’ велам на ќерка ми дека не може да им погоди на сите, оти секој има различна претстава за нас. Совршени не сме и нема ни да бидеме, па така е сосем залудно да се обидуваме да ги исполниме очекувањата на другите. Сега, немам ни време ни желба да сум по терк на било кој. Тоа сум што сум, ваква несовршена, со фалинки, стравови, сомнежи. Многу е интересно како имаме погрешна претстава за луѓето околу нас и како никогаш не се прашуваме што се крие позади нечија широка насмевка или ноншалантен однос. Научивме да судиме според надворешниот изглед, демек ако е некој шегобиец или секогаш стокмен од глава до петици, нема мака. За жал, најчесто не е така. И по себе знам колку сум се трудела секогаш да оставам впечаток дека сите овци ми се на број, а не само што не биле, туку волкот ги изел сите. Сега веќе се откажав од себезалажување. Ако не ми е ок, не се ни обидувам да трошам и од она малку енергија што ми останало, од пусти страв да не рече некој нешто. Кога ми е сè таман, гледам тивко да уживам во тој момент, да го спакувам во себе за да ми трае кога тркалото ќе се заврти.

Животот Е маратон, дури и ако не доживееме длабока старост. И тоа еден од оние маратони кои или ги трчате во пеколно жежок ден или кога истура надвор. И во едниот и во другиот случај, не само што не е лесно, туку бара голема физичка но и ментална сила. И што е најважно, бара да се трча со усул оти јакиот старт не значи дека ќе стасате до крајот. Тоа е како во оние трки кога на почетокот земате длабоко воздух и сета енергија ја вложувате да сте први, а само после 500 метри не знаете како ќе истерате до целта, оти сте си ја потрошиле силата. Од друга страна, да се тргне полека и со добра проценка на сопствените можности е и начин како да си го сочувате здивот и енергијата во последните неколку метри.

Сите се трошиме во оваа животна трка, соочувајќи се попатносо сè и сешто. Проблеми, сопки, погрешни одлуки, погрешни избори. И ако на младост поминував голем дел од времето камшикувајќи се себе за сите погрешни одлуки (а не е дека биле малку), сега малку повеќе гледам да си се сакам и да си простам. Оти во даден момент, можеби тоа била најдобрата опција, можеби и не сум знаела поинаку, можеби така ми било полесно. Кога ќе речат “да ти ги имам годините, а не умот”, ме асоцира на тоа дека патиме по нешто што не се враќа. Да, сега многу работи би направила поинаку, би била пострплива за некои работи, за други би била поупорна, за нешто не би си го губела времето, ама за нешто и би се потрудила повеќе. Но и вие и јас знаеме дека сме токму вакви какви што сме, учејќи ги лекциите од нашите пропусти и грешки. Простувањето е моќ и ослободување, ама простувањето сам на себе е лек за многу болести кои си ги навлекуваме од огорченост. Не бегам од грешките и знам дека допрва ќе правам нови. Мое е да се потрудам, земајќи ги предвид сите досегашни искуства и патења, сите победи и порази. Она што ми преостанува да е да го искористам сето знаење што сум го стекнала попатно, за да знам на што можам дебело да кикснам и да ме чини здравје. Дали ќе ми успее, не знам оти некогаш коцките знаат чудно да се наместат и на сета свесност, пак да ја направам истата грешка. Но, дека ќе се дочекам на нозе, во тоа сум сигурна. Оти имам решено да не се предавам додека не дојде времето да минам низ целта и да заврши мојот маратон.

Убавината на животот чинам дека е во неговата непредвидливост, во секојдневното учење како треба и како не треба, во одраснувањето и во сознанието дека ништо не е готово, додека не биде навистина готово. Секогаш има простор за да се коригираат работите, да се направи да е следниот ден поубав, поисполнет, поспокоен. Оти не е само да се протрча низ животот, ами и да се ужива во него, безобразно многу и со сите сетила.

Љубете, губете, паѓајте, станувајте, ставајте облоги на раните, најдете иљач за болката, учете, повторувајте дури и грешки...ама никогаш не се откажувајте. Да знаете дека секој минува низ тоа што минувате вие, верувале или не. Дури и навидум најсреќните немаат идеална среќа, ниту е бескрајна. Дури и кога мислите дека само вам ви се случува да страдате, да знаете дека не е така. Ама ич не е така. Сите сме некогаш последни, сите сме некогаш први во трката. Ама најубавото нешто е кога во сето тоа трчање ќе си ги најдете сродните души кои ќе ви ја пофатат раката за да ве повлечат напред. Оти маратонот на животот не е во минување први низ целта, ами во слободата која ја чувствувате, знаејќи дека сè зависи од вас.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Глумиме живот

Оставајќи го да ни мине пред очи

Како филм кој не се враќа наназад

И кој секогаш завршува исто

Без оглед колку пати да се изгледа

Колку и да се преправаме

Дека не го знаеме крајот

Глумиме среќа

Бркајќи ја надвор од нас

Како да е капка дожд

Како да не е ветар

Кој секојпат се лизга низ прстите

Колку и силно да ги стискаме

Во пуста надеж дека ќе ни остане в раце

Глумиме човечност

До првиот бездомник

Или до првата препрека

На која секојпат се сопнуваме

И се оптегнуваме на земја

Колку што сме долги и широки

Без умот да ни дојде

Глумиме љубов

Ја китиме со непотребни зборови

Или како евтин подарок

Ја виткаме во лажно светликава хартија

Озгора украсен со машна

Доволно заплеткана и досадна

За никогаш да не се одврзе

Глумиме добрина

Додека јазиците ни вријат во уста

Крварејќи од што ги триеме од песјаците

До првата прилика кога ги вадиме надвор

Како змии да сме

Како да ќе камшикуваме со нив

Пред да ги зариеме забите во нечие месо

Глумиме искреност

Лажејќи се себе дека милост имаме

И дека знаеме праведни да бидеме

Додека зад очите умот забрзано ни работи

Пресметувајќи ја користа

Чунки давањето станало грев

Од кој се поплукуваме и прекрстуваме

Глумиме сè што можевме да одглумиме

Дури и тоа што сме

Создавајќи слика за себе

Која никогаш нема да ја видиме во огледало

И попатно се лажеме дека големи луѓе сме

Додека коските на скапано ни замирисуваат

Колку и однадвор да сме лични и убави

Глумиме живот

Глумиме среќа

Глумиме човечност

Глумиме љубов

Глумиме добрина

Глумиме искреност

Глумиме во лоша драма

За која никогаш аплауз не ќе добиеме

Во овој маратон наречен живот