Мајката на Андреј од ДНК до детали опиша како загинал пејачот кобната ноќ: Се враќал да помага, но никој од тие што ги спасил не истапил јавно
Анастасија Ѓорѓиеска, мајката на покојниот Андреј од дуото „ДНК“, отворено и со треперлив глас зборуваше за својот син кој трагично го загуби животот во несреќата во Кочани.
Таа беше гостинка во подкастот на „Слободен печат“, каде со насолзени очи се наврати на спомените, хуманоста и добрината на своето чедо.
Со болка и гордост, Анастасија раскажуваше за Андреј — за неговата топлина и желба да им помага на другите уште од најрана возраст, кога играчките без двоумење им ги подарувал на маалските другарчиња. Се потсети и на периодот кога служел војска, како и на нивното заедничко патување на Санторини, едно од последните среќни сеќавања што ќе ги носи засекогаш во срцето.
Со скршен глас, таа првпат пред камера зборуваше и за кобниот ден кога дознала дека нејзиниот син повеќе го нема. Детално го опиша моментот кога дознале за пожарот во дискотеката — вознемирена, веднаш тргнала да го бара низ болниците, носејќи список со имиња и во очај проверувајќи секој можен траг. Но, никаде не го нашле. Во еден миг, на телефонот на нејзиниот сопруг заѕвонил непознат број. Тоа бил повикот што никој родител не сака да го прими — глас што им ја соопштил ужасната вест. Таа раскажува дека сопругот се стаписал, дека останал без зборови, а кога таа го земала телефонот, во шок и неверување занемела од болка.
На прашањето што дознала за моментите кога нејзиниот славен син се враќал во дискотеката за да спасува други, таа со мешавина од гордост и тага одговори:
„Една новинарка, ќерка на наша многу добра пријателка, која работи во МРТ и ги води вестите, ѝ кажала на мајка ѝ дека го видела Андреја на снимките, дека се враќал внатре. Сега, малку ми е чудно, поминаа месеци... од тие што ги спасил мене никој не ми се јави. Од една страна бев горда, од друга страна, како поминува времето, сум малку разочарана... единствено некој кај снаа ми ако се јавил“, раскажува Анастасија со тешка душа.
Нејзиното сведоштво е потсетник на огромната човечка трагедија, но и на храброста, несебичноста и љубовта што Андреј ја носел во себе – љубов што, иако прекината прерано, останува вечна во срцата на неговите најблиски.
Фото извор: Принтскрин YT „Слободен печат“