„Се изгуби емпатијата, а на нејзино место дојде осудата и лицемерието“: Д-р Маја Кирјас со предупредување за последиците по младите кои ги оставаме со општествената неодговорност

Д-р Маја Кирјаз, која во изминатиот период стана вистинска миленичка на македонската јавност, повторно со своја искрена и силна порака ја погоди суштината.
Таа е позната по тоа што отворено зборува не само за медицински теми, туку и за животот, вредностите и човечноста. Со својот став, енергија и појава — секогаш негувана и инспиративна — таа е пример за многумина.
Ова е пораката што таа ја сподели на својот Фејсбук профил:
„Што се случи со нас? Се изгуби емпатијата, а на нејзино место дојдоа осудата и лицемерието. Секогаш сме спремни за критика – особено кога противникот е во немоќ, или кога го нема веќе меѓу нас. Ќе дојде ли време да се погледнеме во огледало и да размислиме за самите себе во тишина? Зарем сме ние совршени? Ни пречи ако некој чесно работи – зошто е успешен, наместо да се запрашаме што можеме ние да направиме за да станеме подобри. Се губи чувството на почит, а се засилува рамнодушноста. Младите растат во средина каде родителите не им го пренесуваат најважното – да бидат луѓе. Да знаат дека еден гест на подадена рака вреди повеќе од илјада празни зборови. Емпатијата не се учи од книги, туку се пренесува со пример – од домот, од родителот, од односот кој го градиме секојдневно. Лицемерието, за жал, стана наше секојдневие. Се додворуваме за ситен интерес, наместо да останеме карактерно свои. Осудата ни стана начин на живот — а забораваме дека и ние понекогаш заслужуваме да бидеме осудени. Во животот секогаш постои акција и реакција. Лош однос раѓа лош одговор, а од таму – бес и разочараност. Но кога наместо горчина ќе избереме разбирање, кога наместо осуда ќе понудиме збор со топлина – тогаш и реакцијата ќе биде поинаква. Тогаш наместо ѕидови, ќе градиме мостови. Заборавивме да се смееме искрено. Заборавивме да помогнеме без корист, да се радуваме на туѓ успех, да понудиме рака наместо збор со горчина. Да, парите се важни – но вредноста на човекот не се мери со нив. Богатството не е во тоа колку имаме, туку колку души сме допреле со добрина. Да не дозволиме човечноста да стане реткост. Да ја вратиме емпатијата во секојдневието, да започнеме промена – со тивок, но искрен гест, токму денес. Промената не почнува од светот, туку од нас. Од еден збор помалку на осуда, и еден поглед повеќе со разбирање.“
Со оваа објава, д-р Кирјаз повторно потсетува дека вистинските вредности не се во статусот, парите или титулите, туку во човечноста и емпатијата што ја покажуваме еден кон друг. Нејзиниот глас е ехо на потребата за враќање на основните доблести — добрината, разбирањето и искреноста — особено во време кога тие стануваат сè поретки.
Фото: ЖМ приватна архива