ТАВЧЕ-ГРАВЧЕ, ПОЛНЕТИ ПИПЕРКИ, САРМА: Како се снаоѓаат Непалците во подготовка на нашите јадења?

Од охридските хотели каде има странски работници од Непал, Бангладеш и други земји, велат дека готвачите веќе научиле да подготвуваат македонски специјалитети. Им било потребно малку време додека да ги совладаат техниките за тоа како се прави тавче-гравче, сарма, мусака и друго. Странските готвачи во кујна имаат помош од македонските колеги.
„Имаме вработени во кујна од Непал. Поретко прават непалски рецепти, се придржуваат до нашето мени, до македонската кујна, затоа што и гостите ги сакаат тие јадења. Вешто ги совладаа јадењата да ги подготвуваат. Јадењата од непалската кујна за нашите посетители се невообичаени. Од македонски јадења готват пржени лепчиња, јајца на сите начини, ѓувеч. Не им беше тешко на странците, веднаш се навикнаа. Имавме работници и од Бангладеш. Трудољубиви се, супер се за работа. Колку и да не знаат англиски, ќе се снајдат, комуникацијата се одвива. Се трудат да научат некој македонски збор за да се разберат за јадењата. Кај нив храната е многу позачинета, и тие се чудат затоа што кај нас не користиме толку зачини, но сепак сакаат да се прилагодат, не се конфликтни, позитивни се“, велат од охридски хотел.
Странски готвачи има не само во хотелите, туку и во рестораните во Охрид.
„Непалците подолго време се тука и сега не им е тешко да готват македонски јадења. Околу 4 до 6 месеци им беа потребни да научат да подготвуваат македонски јадења. Готват тавче-гравче, сарма, мусака, полнети пиперки. На почетокот јазикот беше проблем, им требаше малку напор за да ја совладаат комуникацијата. Тие имаат главни готвачи и помошници готвачи, односно не работат сами, туку заедно со македонските готвачи. Сите се задоволни“, додаваат од друг хотел во Охрид.
Но, некои угостители размислувале да земат странски готвачи, а потоа се откажале од намерата затоа што сметаат дека кадарот само привремено ќе биде тука и ќе замине во некоја од земјите каде има повисоки плати. Такви случаи имаше доста, односно имаше пријави во полиција дека работници од Непал, Бангладеш избегале. Поради одливот на домашниот кадар, Македонија е принудена да увезува работници од Азија. Една од земјите каде мигрираат македонските готвачи е Хрватска, каде платите се од 1.300 евра па нагоре. Работна сила недостига и во Црна Гора, Грција, Бугарија, па и во Албанија, држава во која работат 13.000 странци според најновите податоци.
Сања Атанасовска за „Фактор“
foto freepik.com/senivpetro