Интервјуа // Интервјуа
Татјана Стојановска: Ме радуваат коледарчињата за Бадник
Женски Магазин Ги сакате ли празниците? Уживате ли во атмосферата која празниците ја носат?
Татјана Крајот на годината е време кога заокружуваме еден циклус, период кога се вртиме наназад и ги сумираме резултатите и моментите кои сме ги имале во годината што изминува. Ги бришеме лошите моменти, а ги меморираме убавите. Барем јас така резимирам.
Новогодишните и Божикните празници ме навраќаат во детството и го будат детето во мене. Уживам да се движам по украсените улици, плоштади, продавници. Се радувам кога купувам украси и подароци и кога го украсувам домот. Се радувам кога им подарувам на дечињата од пријателите пакетчиња, тоа ми е традиција, и кога им ги гледам насмевките и радоста во нивните очиња што ме потсетува на мојата возбуда кога го правев тоа како дете.
Секако тука се и плановите каде ќе се поминат празниците, што ќе се зготви за нив.
Женски Магазин Каков е вашиот домашен обичај за Божиќ?Ве враќаат ли празниците во детството? Кои се вашите рецепти кои сама ги подготвувате?
Татјана Најчесто Бадник го поминуваме на Бадникова вечера кај мајка ми, а за Божикниот ручек сме собрани во поголем состав најчесто кај нас дома. Се готват традиционалните јадења за Божик, печено месо, сарма, погача, кифлички, салати, колачи и се што е во нашата традиција. Тоа е сликата за Божик од детството која се пренесува и сега.
Она на кое се радував уште како дете беше Бадниковата вечера и барањето паричка во лепчето, а возбудливо беше и подготвувањето и одењето на Коледе. Се собиравме сите другарчиња од зградата во која живеев и одевме кај соседите на Коледе, пеевме коледарски песни и се радувавме на бонбоните, овошјето и паричките што ни ги даваа. Потоа таа радост ја доживував кога син ми одеше на Коледе, а сега се радувам кога ми доаѓаат коледарчињата на врата.
Женски Магазин Годинава Божиќ го славите во странство? Каква е атмосферата таму? Се радувате што ќе бидете со своето семејство?
Татјана Годинава за Нова Година бев во Канада кај брат ми, снаа ми и внуците и ја почувствував таа атмосфера во уште поубаво светло и со радост што сум со нив. А за Бадник и Божиќ сум дома, повторно со семејството и работно со гледачите на вестите.
Женски Магазин Кои се вашите очекувања во 2018?
Татјана 2018 година очекувам да ми биде уште поубава од претходнава. Да имам убави моменти, здравје и успеси на секое поле. Тоа што си го посакувам себеси и на моите најблиски го посакувам на сите луѓе. Да сме убави во срцето и во душата и да се радуваме на малите нешта што ни го прават животот.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска