Александар Тарабунов со моќна нова химна: „Мајко силна“ ќе ви ја разбуди љубовта кон Македонија

Проектот „Македонијо, во срце те носиме“ продолжува да го распламтува патриотскиот дух со уште едно музичко дело што ќе допре до секој Македонец.
Овој пат, Александар Тарабунов го претставува своето најново авторско парче – „Мајко силна“, композиција која долго тлеела во неговото творештво, а конечно доби своја форма во рамките на овој значаен проект.
Музиката и текстот се дело на Тара, а во аранжманот свој потпис има и маестро Николче Мицевски. Песната спојува традиционален дух со модерен звук, потсетувајќи на вечната врска меѓу човекот и татковината.
Проектот, под уметничка закрила на Скендеровски продукција, досега оживеа бројни македонски бисери, меѓу кои: „Не кажувај либе добра ноќ” (Огнен Здравковски), „Како пиреј” (Ламбе Алабаковски), „Се собрале комитите” (Миле Кузмановски), „Ја излези стара мајко” (Марија Спасовска) и „Нека живеј Македонија” (Сузана Спасовска).
„Македонијо, во срце те носиме“ е повеќе од музички проект – тоа е патриотска мисија и културен завет, кој ги спојува генерациите и ја слави љубовта кон нашите корени и иднината што ја градиме заедно.