Ана Бунтеска: Сакај ме нежно

Секогаш кога сакам да се потсетам како треба да изгледа една љубов, ми текнува на баба ми и дедо ми. Љубов со корени до центарот на земјата, несебична, скромна во своите очекувања, но со многу давање себе за да му се угоди на другиот. Или, накратко-љубов за која секогаш велам дека е една од оние во кои сакањето не е фраза, ами умешност да го љубиш тој наспроти тебе на начин на кој нему му е убаво, сигурно и топло. Низ годините доживеав многу разочарувања барајќи токму таква поврзаност, несвесна за тоа дека сепак сите сме со многу слабости и терсене, дека треба многу работа на себе и врската, дека кога ќе се поткине односот некаде не се земаат ножиците за да се отсече дел од него, ами се зашива со истата таа посветеност со која на почетокот двајцата си ветиле вечност. Моето помирување беше постепено, не дека имав рез кој ме свести дека сè помалку има вистина во сакањето, туку беше како некоја горчина која се пие толку полека што дури и неосетно станува единствениот вкус на кој после се сеќавав. Тоа ме направи да станам дива, затворена, со бедеми кои не само што беа превисоки, ами беа толку збиени што и јас веќе не го знаев излезот.
И кога веќе кренав раце од таа идеја дека љубовта не е возвишена заради чувството кое го носи, туку заради сето она останато кое ја одржува за да ги надмине сите препреки, ми се деси шок. Ви текнува на приказната на Тара Дејвис и Хантер Вудхол? Тоа беа оние двајца млади олимпијци кои освоија злато. Тара постигна рекорд во скок во далечина од 7,10 метри во 2024 година, а Хантер освои злато истата година на Параолимписките игри. Ете таа нивна приказна секогаш и без исклучок знае да ме расплаче и да ми ја врати вербата дека сепак, сепак има љубови кои се посилни од сите земски искушенија. Како што вели Хантер, тие се соочиле со сите можни предрасуди кои никогаш не ги поколебале во одлуката да се и да останат заедно. Таа е Афроамериканка, а тој е со протези на двете нозе. За мене, ниту едното ниту другото е вредно за спомнување кога е љубов во прашање, но светот кој е полн со луѓе кои имаат свое мислење за работи кои не се нивна работа, е немилосрден. Верувам дека кога се гледаат еден со друг, ниту еден од нив не гледа ништо друго освен љубовта на својот живот. Не можам да ја заборавам сцената од нејзиниот настап кога Хантер ја бодреше, кога се расплака од среќа за нејзината победа и не ми излегува од умот кога таа се затрча кон трибините за да го прегрне
(https://www.youtube.com/shorts/AnQbzMMKuLc).
Не ми излегува од глава ниту сликата кога тој го освои златото и кога нејзината радост и гордост беа толку силни и очигледни. Секако дека и тој заврши на трибините во рацете на жената на неговиот живот.
Колку може да е лесно, нели? Колку само може да е едноставно, чисто, нежно, убаво. Колку може да е љубовта засолниште и дом, да биде поддршка, ветар во грб, несебично давање и почит. Колку само овие двајца претставници на едно модерно време ме вратија назад, во едно друго време кога ваквата љубов беше почеста. Тогаш зошто е тешко да се има такво припаѓање и таква поврзаност. Што е она што нè кочи или ни става сопки за да имаме љубов која ќе е нежна и мека како свила, а сепак толку силна што нема начин како да биде скршена, изабена или потценета. Дали овие двајца млади луѓе ја имаат формулата која секому од нас е потребна? Што е она што е потребно за да се љуби безрезервно, а попатно никој да не се изгуби себеси!
Најголемата грешка што сум ја правела е претопувањето во другиот. Како да не сум доволна јас таква каква што сум, како да ме јадел страв дека она што имам да го дадам не е доволно ако не докажам и покажам дека можам и сакам да бидам нечија сенка. Сум сакала ли? Не, еве од денешен аспект знам дека не сум сакала иако сум се убедила себеси во спротивното. Но, не сум имала доволно голема самодоверба за да го вреднувам тоа што можам и знам да го дадам. Да останам јас-ЈАС, да не сум нечие алтер его, да бидам своја во секој момент ама истовремено и да сум дел од нешто што ќе биде наше, заедничко. Токму тоа што сум се трошела себеси да бидам она што сум мислела дека треба да сум за да бидам достојна за сакање, ме направила да бидам недостојна за да се љубам себеси. Несвесно, тоа го имав будено и кај партнерот. Како да мора да има реципроцитет во нашето стопување во личноста на другиот, без да помислиме дека баш заради нашата индивидуалност сме се вљубиле еден во друг. Колку само било напорно да се тера и одржува еден однос во кој на крај ниту еден од нас не само што не бил среќен, ами и двајцата сме биле како други луѓе, нималку слични на она што нè привлекло еден кон друг.
Сакам нежна љубов, без стрес од било кој вид. Не, не ме разбирајте погрешно. Не барам и не сакам љубов полна илузии дека нема да има проблеми или недоразбирања. Сакам љубов во која сите проблеми ќе се секогаш помали од сакањето. Љубов во која и двајцата ќе се чувствуваме безбедно и ќе знаеме дека што и да се случи, какво и сра*е да дојде, ќе го надминеме заедно. Сите филмови и книги во кои љубовта е мачење, докажување, болка, вадење лошото надвор како да нè истренираа дека треба да сме жртви на сакањето. А љубовта не бара жртви, бара партнерство, бодрење, почит, подавање рака кога едниот тоне, без да се прави голема работа од тоа.
Ете, сфатив дека баш и не мора да боли сакањето. Дека може да биде меко, топло, нежно, да биде огниште, смеа, радост. Жал ми е што ми требаше толку долго време за да знам што сакам, но драго ми е што можам да го артикулирам сега тоа и ако ништо друго, можеби некој од вас и да се пронајде во ова писание.
Болката е преценета, исто како што мирното море е потценето. Брановите нека се во постела, да му се невиди! Нека не бидат секојдневие во кое ќе сте давеници, вие и вашите љубени. Оти еден ден човек и ќе снема сила за да се бори да исплива на брегот и едноставно ќе дозволи да потоне, од немоќ. Долго време живеев под вода, на шкрги, без мотив и желба да најдам во себе сила и начин како да останам на површината. Сега сакам да пливам во мирна, бистра, чиста и нестварно сина вода. Сакам да можам да се опуштам толку многу за да лебдам на површината со затворени очи, чувствувајќи спокој. И не, не мислам дека барам и сакам многу. Знам дека барам и сакам она што ми треба, нежно љубење и мир во кој ќе се имам себеси, но и во кој ќе бидам нечие пристаниште.
Сè уште не се откажувам од соништата, уште длабоко верувам дека постои магија во која и со која се остваруваат желбите. Само треба да се сака со чисто срце и со нежност во која нема ништо здодевно, ами чисто задоволство. Сакам да можам еден ден некому да погледнам во очи и да му кажам „САКАЈ МЕ НЕЖНО”, поминувајќи му со рака по лице со истата таа нежност која кротко ќе ја побарам за себе.
Да сте живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Сакај ме нежно
Тивко
Полека
Со допир од кој сите ѕидови
Наеднаш ќе се урнат
И во тебе и во мене
Едноставно така
Само ќе ги снема
Како да не сме ги граделе
Долго и грижливо за да останеме странци
Иако иста постела делиме
Сакај ме нежно
Сакај ме толку тивко
Што секој здив ќе е нечуен
Љуби ме полека
Како да ни е секој ден последен
Како да не ќе има утре
Како да не постоело вчера
Сакај ме нежно
Толку нежно што стравот ќе го снема
За да можам да почнам да зборувам
Да можам да ти кажам
Дека моето денес си ТИ
И дека мојата вечност
Твоето име ќе го носи
Без да ми ѕенѕа во градите тескоба
Без да се прашувам дали ќе умееш
Без да стравувам дали ќе знам
Како да те допрам без болка да ти нанесам
Сакај ме нежно
Онака како што сакаш и јас тебе да те љубам
Без нагли движења
Кои ќе ја нарушат тишината
Во која нема да се изгубиме
Ами конечно ќе се најдеме
Сакај ме токму онака
Како што се сака дел од себе
Како што си го чуваш срцето
Ете така и моето пази го
И остави ме да те љубам
Нежно и тивко
Токму онака како што знам
Како што умеам душата да си ја пазам
За да не оди бадијала
За да не биде залудно моето постоење
Сакај ме...
Кротко
Тивко
Полека
Сакај ме нежно