ДАЛИ СИ ДОЗВОЛУВАШ ДА УЖИВАШ?

Добивај вести на Viber

Многу, ама исклучително многу (и не претерувам) е да знае човек да ужива. Кога велам да ужива, не мислам на некои луксузи, па којзнае какви патувања, трошење пари, ами да знае да ужива во секој ден...колку и да е денот некојпат за никаде. Кога бев помлада, уживањето ми беше врзано за некакви огромни очекувања кои (секако) не беа исполнети, па се чувствував промашено или како да сум претрпела пораз. Тогаш мислев дека уживање е ако шеташ низ улиците на некоја светска метропола па се сместуваш во елитен хотел со двесте ѕвезди, па крстарење со јахти од кои умот штукнува, па шопинг во најпознатите бутици полни со облека која сме ја гледале во сериите (нека ви текне само на Кристл и Алексис од Династија какви тоалети имаа). Накратко, кога бев позелена во умот оти созревањето сепак доаѓало со годините (иако има и исклучоци), верував дека уживањето во животот е секогаш врзано со многу финансии и мегаломанштина.

Сега умот ми работи поинаку. Не дека не би отишла во некој ѕверски хотел со спа, масажи и триста чуда, не дека не ми се влегува во некој дуќан да си купам еден фустан од Ели Сааб (без око да ми трепне), не дека не ми се сунча на некоја јахта која ќе плови 2 месеци по Медитеранот...ама и не баш дека се чувствувам инфериорно што знам дека сето ова ми е во ставка луксуз, кој и не е баш издаток за потценување. Кога човек ќе научи да ги реди приоритетите по терк кој нему му чини, тогаш верувам дека ќе постигне баланс.

Така, од хотели ми е важно да се чисти и безбедни, оти и така сум таму само за спиење. Од бутици ме интересираат повеќе оние со облека од втора рака (second hand), оти во странство може човек да си купи таква одлична гардероба за евтини пари, што е просто неверојатно. Во септември бев со ќерка на патување, ние две сами со кола. Се изненадив кога во Виена начекавме fleа market, или по нашки “бувљак”, каде што имаше од ретки книги, до парчиња мебел. И клиентелата беше разновидна. На запад е сосем нормално дотерани дами и господа да си пазарат во продавници за облека од втора рака. Не дека немаат за да одат во скапи бутици, ами оти е сосем нормално да се нема предрасуди. Уживањето во добар оброк, со чаша вино на некое убаво место е луксузот што си го дозволуваат, оти заштедиле на работи кои се кинат и фрлаат со тек на време.

Како стареам, сè повеќе ми е јасно дека уживањето е само по себе луксуз, особено за нас што живееме тука. Грижите за секојдневието, сметките, имало парно-немало парно, го собрале ѓубрето-ѓубрето корне на секој чекор, се појавиле глодари-зошто нема дератизација, кој е на власт, кој украл, кој ова, кој она...ни го уништија сенсот за уживање во малите нешта. Кога последен пат сте чуле некој да каже “сабајлево во парк беше прекрасно за шетање, есенва се погоди”, “седнав на кафе и се почувствував спокојно и убаво”, “радости, си купив 3 книги и едвај чекам да ги исчитам”, “се качивме на Водно, денот ни помина преубаво”. Кога последен пат сте чуле некоја убава работа која е врзана со уживање во нешто, а после да не биде упропастена со муабети кој ќе тепа на избори, кој крадел, кој кому што подметнал.

Уживањето како да го оставаме за некои други времиња за кои се тешиме дека ќе се поарни, за кои губиме осет дали се дојдени оти сме премногу задлабочени во сметот на секојдневието.

Колку си дозволуваме да уживаме?

Или поточно...зошто не си дозволуваме да уживаме?

Зошто сме се научиле да живееме со грижи и да го чувствуваме уживањето како нешто што не ни доликува. Паметам дека добри неколку години откако се роди Нина, јас не бев способна да уживам во мајчинството. Едноставно, умот ми работеше во насока која не ја сакав, ама која не можев да ја сменам. “Што ако падне”, “Што ако се разболи”, “Што ако престане да дише додека спие” .... до побудалувачка. Во Финска ги оставаат бебињата да спијат надвор зимно време, додека возрасните пијат кафе во кафулиња, во Русија децата ги изнесуваат голи на снег, а јас седев со ноќи врз Нина со една грутка во градите дека ако не пазам, ако не сум на штрек, ако се опуштам ќе се случи нешто лошо. Сега, на сите млади мајки им го велам истото. Уживајте во секоја секунда, оти брзо растат. Секое нивно доба си носи посебни убости и уживања, ама не го пропуштајте ниту еден миг. Да можам да се вратам назад, би го живеела секој ден од нејзиното растење без мисли од кои сега ми се крева коса на глава.

Уживањето во животот не е грев, не е дека баш ми е гајле за сè, не е дека сме себични. Човек ако не ужива во тоа што му го носи денот, ако не најде начин како да се опушти и биде спокоен, чуму живеачката? Мајку му, па не е дека меѓу раѓањето и смртта има една дупка полна црни мисли и чувство на “шубе”. И сега главното прашање. Како да научи човек да ужива? Во себе, во другите, во денот, во животот?

Дали ако си признаеме дека имаме минимална контрола врз сè што нè опкружува, ќе е полесно? Јас не можев да ја заштитам Нина од вируси и бактерии, не можев да го пикнам детето во стаклено звоно и да ја изолирам, не можам тоа ни сега. Да, ќе се разболува, ќе биде тажна некогаш, ќе прекинува врски, ќе плаче...ама сето тоа е дел од живеењето. Дали ако мисли во секој миг на тоа дека може ова или она да се случи, ќе се смени текот на настаните? Секако дека не. Чинам дека првиот чекор е во помирувањето дека не сме семоќни и дека работите излегуваат од контрола. А кога ќе излезат од контрола, најважно е да го сочуваме мирот и трезвено да одлучиме што понатаму.

Немојте да мислите оти и до денешен ден не мозгам отповеќе и не мозгам на сите можни комбинации од тоа, што може да се случи. Разликата е во тоа што сега знам да се сопрам и да не дозволам мојата анксиозност да премине на оние кои се околу мене. Едноставно, си поставувам прашање “Ано, можеш ли да смениш ако треба нешто да се случи?”. Она што можам да превенирам, правам. Другото е до Универзумот или Бог, кој како милува. Сега станувам наутро и си велам, ок, жива си. Па и здрава си...нормално, те подболува ова или она, ама ок си. Детето е ок, родителите ти се ок, пријателите ти се таман. Немаш за приватен авион, немаш за џип, ама имаш за еден ручек со семејството, за ден полн смеа или молчење со тие (на рака изброени) луѓе за кои би сторила сè. Можеби немаш за којзнае каков луксуз, ама има ли поголемо богатство од тоа дека имаш чист образ, мирен сон и дете кое нема да се срами од тебе.

Научете да уживате...не е животот бесконечна линија. Не е ниту демо верзија од која ќе видите каде сте грешеле, па во следниот ќе е поинаку. Сега е, тука е, овој е. Знам дека секој од нас се соочува со разни проблеми, ама тука сме да си помагаме, тука сме да се сослушаме. Да сме тука и за едно испиено кафе во спокој...со муабет или со ќутење, сеедно. Уживањето знае да е и тивко, скромно и без фанфари.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Мирисот на утрото

Свежо кафе во постела со две перници

Стуткани соништа кои не се паметат

Испеглани брчки

Спастрени мисли

Скроени емоции по свој терк

Очи полни сонце кое се’ порано заоѓа

И грст пожолтени лисја во дланките

Ги оставам зад себе думите за утре

Ги погребувам тагите од вчера

И спокојно го дишам пулсот на денес

Та се потсеќам дека не треба многу

Или ако повеќе милувате

Дека малку треба да е човек среќен

Сосем малку за насмевка

Можеби само неколку напишани редови

Или песна од која кожата се морничави

Поспано чедо кое има вкус на љубов

И неколку капки живот

А потем денот почнува

Некогаш мирен како езерска вода наутро

Или ко небо без ниту еден облак

А некојпат ко брод кој едвај плови

И железни сеќавања кои удолу го влечат

Та си велам дека и овој ден ќе мине

И нов секако ќе осамне

А во него мудроста лежи

Да се научам да живеам без она што го имам

И да го љубам она што в рацете ми е

Без аздис да барам она што не ми треба

И она што само бол в коски ми тера

И не знам дали умна сум станала

Или староста полека ме навјасува

Ниту знам дали пак јанѕа ќе ме јаде

За она по што душава ме боли

Ама знам дека и денес причина ќе најдам

За да се кикотам ко дете

И да врзам неколку песни

Кои веднаш ќе ги заборавам

Да бидам своја во зборот

И твоја во умов

Та среќата во себе ќе ја барам

Како цвет ќе ја полеам со милост

И ќе почекам коренчиња да пушти

Та со мене секаде ќе го носам

Оти таквите цветој само во душата се садат

И со љубов кон себе се натопуваат

Од плевелот на злоба кроце се чистат

Оти плевел кај што има

Таму ниту трева расте

Малку треба за да ти цути убост

И малку треба за да те голтне црното

Малку треба за чоек да знае како среќен да биде

И малку треба за утробата да си ја погреба

Земи го денов

И стори го свој

Стори го она што си ти

Цвет нежен со силен корен

За да трае

За да ти трае