Емоционална интелигенција

Добивај вести на Viber

Една од особините која најмногу ја вреднувам кај луѓето и која ми е исклучително важна за комуникација со било кој, е емоционалната интелигенција. Умешноста и способноста да се проникне во себе но и во другите, начинот на разбирање себеси но и другите, ми биле отсекогаш не само фасцинантни, туку и голем предизвик за да се преиспитам до каде е мојот личен емоционален раст и развој.

Емоционалната интелигенција секогаш сум ја ставала пред и над онаа другата која ја нарекуваме IQ. Да, убаво е да се слушаат интелигентни луѓе, да се разговара со нив, да се научи нешто ново, но ако постои отсуство на емоционална интелигенција (EQ) е како да си прелистувате енциклопедија. Она што нè издвојува нас луѓето од сиот останат жив свет се токму емоциите, начинот на кој ги пласираме и како ги доживуваме...хммм, дали е така навистина? Сè почесто и сè повеќе се сомневам во тоа, оти кога гледам со каква посветеност, љубов, емпатија се животните (барем оние кои секојдневно ги сретнуваме, кучињата и мачките) сфаќам дека тој момент со кој се удираме гордо в гради (EQ-то) е сè подалечен од нас, демек најпаметните и демек најемотивните-луѓето. Токму тука, мислам дека е најголем проблем тоа што мешаме емотивност со емоционална интелигенција, оти таа е многу покомплексна од емотивно реагирање на било што.

Главната поента во емоционалната интелигенција е препознавање на сопствените емоции и како тие се одразуваат не само врз нас, туку и врз нашето однесување кон околината. Тоа е всушност начинот на кој се справуваме со секакви ситуации, независно дали е стрес, нервоза или лутина. Емпатијата за која многу често муабетам е основата на емоционалната интелигенција. И да знаете, а и да се потсетиме дека човек кој не знае да сочувствува со другите луѓе не само што нема емоционална интелигенција, туку е најчесто и психопат. Ова не го измислив јас, ова го има во психологијата. Емпатијата е клучна и најважна во меѓусебната комуникација. Без емпатија, имате шуплив и безначаен однос во кој само ќе страдате, без оглед дали е односот љубовен или професионален.

Истражувајќи низ нетов за емоционалната интелигенција, наидов на некои многу интересни работи. Веќе сите знаеме дека луѓето со висок EQ се луѓе на кои и не треба да им бодете во очи ако не сте ок и ако ви е потребен разговор или помош. Тоа се луѓе кои го знаат правилото 7-38-55, кое го поставил психологот Алберт Мерабијан во ’70-те години. Според него, 7% од комуникацијата е што кажуваме, 38% е преку тонот на гласот и начинот на кој кажуваме нешто,  а цели 55% се говорот на телото (изрази на лицето, гестикулации, држење на телото). Луѓето кои имаат недостиг од EQ, секако дека ќе застанат на првите 7% оти не се способни да гледаат, “читаат” подалеку од носот. Може да сте подгрбавени од грижа, да ви се очите потечени од плачење, да ви е гласот скршен од болка, ама ако на прашањето “како си” одговорите со “ок”, тогаш тоа ОК како со волшебно стапче ги замачкува сите физички манифестации на тоа дека нешто не е во ред. Токму тие 7% кои се со еквивалент “ок” ги покриваат останатите 93% кои многу јасно покажуваат дека ама баш ништо не е како што треба.

Некои истражувања покажале дека дури и во бизнис светот има подобри резултати ако EQ-то е на повисоко ниво и кај вработените и кај менаџерите. Или што би се рекло по нашки, не треба ѓонови за да се има поголеми и повисоки резултати, туку поврзаност меѓу вработените и менаџерите, која значително ја подобрува ефикасноста во работењето. Во 1998 година, компанијата PepsiCo спровела пилот-проект за да ја испита врската помеѓу емоционалната интелигенција и ефективноста на менаџерите. Резултатите кои ги добиле биле: зголемување на продуктивноста за 10%, намалено заминување на персоналот за 87% (заштеда од 4 милиони долари за нови обуки), додадена економска вредност од 3,75 милиони долари и поврат на инвестицијата над 1.000%. Што е најинтересно, овој експеримент бил применет и во неколку други компании и дал исто вакви фантастични резултати. И сето ова е супер, ама овде кај нас некако тешко оди (со исклучок на 2-3 компании) или, “кој да ти каже Ивана”.

Она од што сите си патиме е кога ќе се судриме со низок EQ кај луѓе во кои сме се вљубиле, па се трескаме од земја оти никако да се разбереме. Судирот меѓу емоционално интелигентен човек (од едната страна) и помалку емоционално интелигентен човек (од другата страна) е фрустрирачки, поразителен и удира по душата на оној чие EQ е големо. И тука нема разбирачка, оти дијалогот или објаснување на тоа дека ве измачува комуникацијата е како да зборувате на два различни јазици, а ниту еден од вас нема речник до себе за да може барем некако да се снајде. И секогаш, ама баш секогаш му се расплакува мамицата на оној кој што е чувствителен, оти на сиот свој труд и на сите обиди за да допре до партнерот, наидува на ѕид. И да, најубаво е што е можно порано да се видат или воочат знаците кои јасно покажуваат дека не сте на исто скалило во однос на емоционалната интелигенција со потенцијалниот партнер, за да не се чувствувате после беспомошно и лошо. Проблемот е што не баш дека во екот на емотивен набој и процес на вљубување сакаме и сме спремни да гледаме црвени аларми, знаци на СТОП или било какви показатели дека ќе патиме отпосле.

Ама еве, да не биде дека не сум си/ви кажала за да си имам/е на ум дека нема да бидеме среќни ако имаме покрај себе некој кој користи една, две...или (не дај Боже) сите од наведениве фрази:

1. Ти си премногу чувствителна...мислам, во ред е! не е проблемот дека е тој карши вас премалку чувствителен, ами дека сте вие премногу чувствителни. Ова кога ќе го слушнам, секогаш ми иде да прашам на кој кантар се мери кршливоста на душата.

2. Не знам зошто си лута...ова оградување од одговорноста дека односот го прават двајца, да не е толку патетично би било и смешно. Затоа, ако сте лути да си кажете многу јасно, гласно и експлицитно за да не оставите простор некој да ви се прави дека нема врска што ви е и зошто.

3. Ако ме сакаш, ќе направиш (листата на желби пополнете ја сами)...да сме на чисто дека во љубовта нема манипулации од овој вид. На ова се одговара “не, не те сакам” и се заминува, оти секогаш е поважно да се сакате себеси од тоа да сакате манипулатор.

4. Тоа не е моја работа...а да се однесува на нешто што ве мачи, повредува или на било кој начин делува лошо по вас. Ова е исто како некој да ви кажал дека вие не сте негова работа и дека го боли малото прсте на левата нога за тоа како се чувствувате.

5. Јас сум таков...кога ќе ми каже некој вака, ми иде од кожа да излезам. Човек кој не е спремен да расте, созрева, надградува заедно со вас...е човек кој не е за вас. Точка.

6. До тебе е, не е до мене...и во најголемата лутина секогаш е добро да се преиспита човек за сопствената одговорност во односот со другите. Оној на кој му е исклучено копчето за себеиспитување и преиспитување, нема чувство на одговорност ниту кон врската, ниту кон вас.

7. Не сакам да зборувам за тоа...ок е за теми кои се болни или за кои во моментот не е некој спремен да се отвори и да разговара. Но, ако ова се применува на секоја тема која што бара отворање која носи блискост и емоции, тогаш имате проблем....гоооолем проблем.

Никој од нас не е совршен, никој од нас не може а и не треба да е совршен. Токму нашите несовршености се она што нè прават посебни и уникатни. Но, емоционалната зрелост и емоционалната интелигенција се нешто што е клучно во изборот на луѓето со кои ќе сме опкружени. Способноста да се слуша и ислуша без да се прекинува, да се разбере без да се осуди и да се реагира без да се повреди е вистинска уметност на живеењето. А таа уметност е првиот чекор во нашето менување како луѓе, во созревањето и во прифаќањето на тоа дека зад секоја реакција има причина која треба да ја видиме, зад секоја тишина стои порака која треба да ја прочитаме, зад секој човек има приказна која треба да ја сфатиме. Таа нè потсетува дека емпатијата не е слабост, туку моќ, дека разбирањето не значи согласување, туку човечност и дека вистинската промена не започнува со другите туку со и во нас.

Да сте живи и здрави, ви подарувам песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Чекорам по облаци

Во моите нови

И лакирани црни чевли

Правејќи совршени мали дупчиња

Со високите потпетици

Испишувајќи песна која не ќе ја прочиташ

Насмеана и љубопитна

Како да е сеедно...

Ќе ме пуштиш ли внатре, во себе?

Да најдам место

Каде ќе ги одморам коскиве

Кои се веќе шупливи и празни

Можеби на твоите гради

Ете таму да ја навалам главата

На остриот раб

Меѓу мојот страв и твојата тага

Ќе се пресликам во првата солза

Од окото на новороденчето

Кое никогаш не бараше да се роди

Ќе заспијам во твоето дишење

Додека си во мене

Додека се движиш толку бавно

Што моето тело се распаѓа...

Ќе ме пуштиш ли внатре, во себе?

Паѓам надвор од реалноста

Токму во центарот на универзумот

Собирајќи ѕвезди како цветови

И еве ме повторно

Чекорам по облаци

Овојпат гола

Со црвена коса што крвари по моите рамења

Викам во тишината

Безгласно, немо

Шепотам без да ја отворам устата

Со надеж дека твојата душа

Некако ќе ја препознае мојата

Од некој друг живот кога бевме љубовници

Седејќи на врвот од замокот

Го чувствувам твоето пулсирање во матката

Само малку се насмевнувам

И се прашувам...

Ќе ме пуштиш ли внатре, во себе?