„Глумците Пеат“ на 8 и 9 јуни во МНТ – најголемата сценска продукција во Македонија! Ќе биде како за на ОСКАРИ

На 8 и 9 јуни во Македонскиот народен театар премиерно ќе се одржи годинешното издание на музичко-театарското шоу „Глумците Пеат“ – проект што се врати на македонската сцена по долгогодишна пауза. Станува збор за најголемата сценска продукција во земјата, во која учествуваат над 50 глумци и музичари, а вкупно повеќе од 100 луѓе се вклучени во реализацијата – од костимографија, сценографија, музика и режија, до техничка екипа и логистика.
Годинашното издание прави значаен исчекор – концептот не се базира на независни точки, туку сцените се поврзани во целина што се доближува до формата на мјузикл. Преку драматизирани музички изведби, надополнети со сценски ситуации и препознатливи филмски референци, публиката добива ново, подинамично и подраматуршко искуство.
„Ова не е само претстава – ова е забава, емоција и чиста радост што ја споделуваме со учесниците и публиката. ‘Глумците Пеат’ отсекогаш биле посебно место каде што музиката и театарот се среќаваат на сцена. Годинава отидовме чекор понатаму – сцените раскажуваат приказна, атмосферата е како во мјузикл, а енергијата меѓу сите нас е заразна. Сè започна од идејата на нашиот татко, Марин Бабиќ – а сега сме тука, со полни срца, подготвени да ја споделиме оваа приказна со публиката“, велат Маја и Ира Бабиќ, продуцентки на шоуто.
Над 30 актери настапуваат заедно со биг-бенд оркестар во живо, две пратечки вокали и бројна креативна и техничка екипа. Режијата е на Дејан Пројковски, музичкото раководство на Бобан Мирковски, диригент е Љупчо Мирковски, а кореографијата ја потпишува Олга Панго.
Шоуто се одржува во чест на неговиот идеен автор, актерот Марин Бабиќ, кој го постави оригиналниот концепт во 90-тите. По неговата смрт во 2022 година, неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ ја продолжија традицијата со нова енергија и визија.
Последните влезници се достапни на mktickets.mk и karti.com.mk.
„Глумците Пеат“ е шоу кое традиционално се одржува еднаш годишно – ексклузивно, без реприза.