„ГЛУМЦИТЕ ПЕАТ“: Солзи, смеа и стоечки овации – ова е најдоброто што се случило на македонската сцена!

Со уникатна фузија од мјузикл, кабаре, театар и музика, синоќа на сцената на Македонскиот народен театар беше одржана манифестацијата „Глумците пеат“, во ново, освежено издание кое значително се разликува од досегашните форми познати на публиката.
Настанот понуди динамична и емотивна програма инспирирана од сцени од култни филмови, како „Sister Act“, па сè до безвременски светски хитови од 80-тите и 90-тите. Изведби на песни како „I’m So Excited“, „Freedom“, „Man! I Feel Like a Woman“, „Walking on Sunshine“, „I’m Still Standing“ и „Strong Enough“ ја раздвижија салата, потсетувајќи ја публиката на златните музички години.
Наши реномирани актери од неколку театри низ државата, заедно со млади, талентирани уметници, креираа перформанс кој со причина се нарекува светски. Највпечатливо беше тоа што во изведбите суптилно беа вметнати и мотиви од македонски народни песни, како „Лажи, лажи Вере“ и „Во наше село чешма шарена“, што на публиката ѝ донесе дополнително чувство на блискост и емоција.
Цели два часа, публиката остана хипнотизирана од енергијата на сцената, со нетрпение очекувајќи го секој следен настап. Меѓу нив се издвојуваа „драг кралиците“ на Бејби, Славиците – со својата сила и сценска умешност, како и талентираните Калина, Рубенс и многу други, кои ја заслужија силната поддршка и громогласниот аплауз од присутните.
„Глумците пеат“ уште еднаш покажа дека театарот може да биде жив, забавен и модерен, а оваа вечер ќе остане запаметена како вистински триумф на сценската уметност.
Галерија








































