Голем гурман и домаќин: Рибја чорба со икра е едно од омилените јадење на Наум Петрески, а еве го и неговиот рецепт

Познатиот македонски пејач Наум Петрески не крие дека е голем гурман, но и дека знае да приготвува специјалитети со врвен вкус.
Меѓу пријателите е ценет не само по својата музика, туку и како добар домаќин кој често организира дружби, на кои храната е подготвена лично од него, по негови оригинални рецепти.
Еден од специјалитетите што речиси секогаш има посебно место на неговата трпеза е рибјата чорба со икра. Иако овој рецепт не е дел од традиционалната македонска кујна, тој се подготвува со многу љубов и внимание, а голем број домаќинки го прават токму за свечени прилики, особено кога се служи посна храна.
Рецепт за чорба од крап со икра
Состојки:
-
1 глава од крап (и уште 1–2 парчиња месо од крап по желба)
-
1–2 моркови
-
1 компир
-
1–2 лажици брашно
-
1 лажица гриз
-
масло за пржење
-
½ лимон (сок)
-
1 мала шака икра од крап
-
неколку оревчиња
-
сол и бибер по вкус
-
свеж магдонос
Подготовка:
-
Варење на рибата: Главата и парчињата од крапот ставете ги во тенџере со вода и оставете да зоврие. Штом зоврие, исцедете ја првата вода и налејте свежа. Варете уште 10–15 минути.
-
Чистење и цедење: Извадете ја рибата, исчистете ја од коските и водата процедете ја два пати низ цедалка за чај.
-
Пржење на зеленчукот: Во друго тенџере изрендајте моркови и пржете ги во масло додека не пуштат боја. Додајте брашно и гриз, пропржете додека престане да пени.
-
Спојување: Во запржката додадете ја исцедената вода од рибата и оставете да зоврие. Додајте компир исечкан на ситни коцкички.
-
Подготовка на икрата: Икрата истолчете ја со толчник, додајте сок од половина лимон и толчени оревчиња. Добро соединете.
-
Финално готвење: Смесата од икрата и оревчињата додадете ја во чорбата, зачинете со сол и бибер и вратете го исчистеното месо од рибата. Гответе додека компирчињата се сварени.
-
Сервирање: Посипете свеж магдонос и послужете ја чорбата топла.
Наум вели дека токму оваа чорба е тајната на многу негови семејни и пријателски собири – јадење кое создава топлина, заедништво и вкус кој се памети.
М.С.К / фото: Фејсбук - Наум Петрески