Градот кој повеќе не дише

Добивај вести на Viber

Душата ме боли за Скопје...и не само за градот во кој сум родена и живеам, ами и за сите преубави места кои ги имаме, а кои полека пропаѓаат. Не знам како дојдовме на ова дереџе, не знам како можевме да дозволиме да стасаме до стадиум кога чистиот воздух е привилегија, а здравите бели дробови се луксуз. Не знам што треба да ни се случи за да смениме нешто, а сè помалку имам визија и како. Знам само дека сите носиме бреме на одговорност и вина, некои заради директно загрозување на здравјето и животот на граѓаните, некои заради затворање очи пред криминалот чиј краен епилог е еколошка катастрофа, а некои заради уморот/индиферентноста да се преземе нешто околу сево ова. Знам и дека на сите ни е полесно и поедноставно некој друг да ни го реши проблемот, оти секогаш сме се ваделе на тоа дека немаме време, топло е да се оди по улици или ладно е да се оди по улици.

И додека ги смислуваме сите можни изговори (немојте да мислите дека себеси се амнестирам за ова) за да останеме пасивни, она што треба да е по сите стандарди метропола станува депонија. И тоа депонија во која не само што живееме и умираме, ами и ги осудуваме нашите поколенија да седат запретани во сиот смет и да тонат во живата кал која им ја обезбедивме како наследство.

Едно време едвај го чекавме летото за да подишеме како луѓе, оти маглите кои се карактеристични за Скопје во доцна есен и зима а во комбинација со општото загадување на воздухот, ни ја расплакаа мамицата. Секоја година читам постови, статии, коментари за тоа дека Скопје отсекогаш се гушело во магла, па читам дека сме станале многу свилени оти “исто е како пред 30-40-50 години, ама сега има мерни станици па се буните”, па читам како темата загадување е всушност спинување од опозицијата (без оглед кој е на власт а кој е опозиција во моментот). И ми се блуе, ми се вреска, ми се плаче. Чувствувам страв за секое дете кое расте во вакви услови, чувствувам срам што знам дека не правам доволно за да се смени нешто, чувствувам болка оти немаме друг дом. Исто како и 99% од вас, немам резервна опција за да се спакувам туку така и да заминам некаде.

Сè почесто се прашувам како преминавме од едно раскошно зеленило кое го паметам како дете и кое беше украс на градов, на град во кој дрвата беа пречка за да се гради, доградува, да никнуваат грди и тешки зданија. Зарем не се имало предвид дека ако се оневозможи провев, тогаш ама баш сè што е отров ќе остане за да го дишеме? Зарем не кажуваат доволно статистиките за зголемен број на канцерогени заболувања, респираторни заболувања, алергии? Каде се сите тие трудови, истражувања и алармирања! Баба ми покојна (на татко ми мајката) велеше дека поголемо лајно од човек, нема! И во право беше. За сопствениот ќеиф и ќар, човек е спремен да си продаде идеали, здравје, деца, себе. Иако не знам каков е тој ќар кој чини живот.

Помина тоа време кога сушевме алишта на балконите, надвор. Сега алиштата корнат на чад, пластика, смрт. Порано струеше една нишка на свежина која мирисаше на чисто, а сега веќе не знам ни колку можеме било што да намирисаме. Вардар е полн ѓубре, контејнерите се полни и потенцијален извор на болештини, а нам најважни ни се претстојните избори.

Чуму толкава деструктивност?! Како може да е најважна кампањата за изборите кои треба да се случат наскоро, наместо здравјето на луѓето! Па нели луѓето се најважни, нели тие се оние за кои сите кои тераат кампањи (дур не дојдат на власт) велат дека ќе работат за нивната благосостојба? Престанав да се прашувам зошто ништо не се менува, зошто сите ветуваат работи кои не ги исполнуваат. Ме чуди само како никому не текнува дека приоритет е здравјето, дека растеме генерации кои уште од мали кашлаат 6 месеци во годината. Зарем никој не памети дека ние кога бевме деца, бевме болни 2 пати годишно. Еднаш во зима кога ќе фатевме гнојна ангина и кога на сите задниците ни беа решето од оние кристални (чинам дека таа се викаа) инјекции кои болеа како сам ѓавол и од кои имавме по месец дена модрици и трауми. Второто разболување беше на лето, кога ќе нè стегнеше некој стомачен вирус од кој за 3 дена слабеевме по 5 кила, оти ќе се истуревме од повраќање и дијареја. И толку беше!

Сега децава се со антибиотици кои ги голтаат како бонбони. Читам по социјалниве мрежи за вируси и бактерии кои не се санираат и по месец дена, па се шета од една на друга антибиотска терапија. Се труеме систематски од воздухот и почвата, за да се дотруеме со апови кои демек треба да нè излечат од првово. Греењето е проблем одамна за кое не се најде решение. Ама не треба да се грее никој на дрва и пелети...да де, не треба. Ама да поцркаат од студ оти нема друго решение? Ама имаме генерално многу стари автомобили кои загадуваат. Треба да се тргнат....да де, ама во услови на ваков стандард, кој може да си дозволи нов автомобил? Се градат згради на сметка на зеленило...да, ама некој дава дозвола за тоа и ич не му чуе. Не за друго, туку затоа што корупцијата и митото се веќе како добар ден. Се прашувам само кога ќе стане и легална професија да се бават луѓето со тоа. И сето ова трае...трае и трае. Со децении ги џвакаме истите проблеми, повикувајќи ги институциите кои се надлежни, ама се незаинтересирани.

Нам не ни се случува акутен проблем со загадувањето, нам ни се случува систематско игнорирање на проблем кој се продлабочува и зема поголем замав од година во година. Ваквите инциденти како во Трубарево се последица од игнорантскиот однос кон здравјето и животот на граѓаните. А последиците се огромни. Ене ја Битола со сè поголем број заболени од канцер, ене го Кочани со трагедијата која никогаш нема да биде прежалена, еве ни го и Скопје со сета своја смрдеа која ни е веќе и под кожа влезена.

Начини има, треба храброст, истрајност и одлучност. Сакаме генерации кои ќе живеат под маски? Сакаме генерации кои ќе гледаат чисто небо и ѕвезди само на интернет? Сакаме генерации кои кога ќе погледнат низ прозорецот, ќе гледаат замаглен воздух? Никој не заслужува да живее вака, да умре пред да му дојде времето оти ете, имало преголемо загадување за кое не е сторено ништо да се спречи, намали, искорени.

Нема да бидам патетична со барање прошка од децата на кои им го земаме детството и на кои ќе им оставиме град (па и држава) кој не дише и во кој не се дише. Нема, затоа што знаевме, сите знаевме дека кинисавме накај ова што ни се случува сега, а пак, ништо не сторивме. Секаде каде што читав за екологијата, граѓаните имаат клучна улога. И додека не престанеме да мислиме оти сме немоќни, заборавајќи дека властодршците зависат од нас а не ние од нив, ќе тонеме во поголемо ѓубре и во поголема загаденост. Немаме резервна држава, немаме резервен град, немаме резервни бели дробови. Ама треба да имаме срам што се однесуваме како да имаме резервен живот. Срам ми е, срам да ни е...срам и арам!

Да сте живи и здрави, ви подарувам песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Го ловам мирисот на летото,

затскриен меѓу два контејнери

во кои скапуваат

остатоците од неделниот ручек,

измешани со отпушоци од цигари

на кои има засушен кармин и плунка

и  неколку лушпи од сезонското овошје

како сведоци на обидот за здрав живот.

Го ловам синилото на небото,

кое срамежливо ѕирка помеѓу зградите

чии балкони се испресечени со жици

на кои се сушат тазе испрани алишта

и од кои не ќе остане трага од омекнувачот

со мирис на лаванда или море, сеедно,

што брзо испарува

и се меша со реата на сметот.

Го ловам вкусот на првите цреши

кои се големи и без црви во нив,

со нота на безличност во себе

(или ако повеќе милувате)

без арома од детството

донесени од некоја странска земја,

набрани од дрво

кое не расте на мојата земја

денес е модерно да негуваме манири,

а не здравје.

Ја барам смеата на плочникот,

кој зјае празен од мојот прозорец

а под кошот стои издишана топка

како младоста

која им ја земавме на децата,

чиј џагор се слуша

на неколку илјади километри

од местото во кое се родени и израснати,

а кое повеќе не им е дом.

Деновиве беше Задушница,

која се погоди во пеколно жежок ден

а букетот цвеќе овена предвреме,

исто како што овена зеленилото

покриено и натиснато од бетон и асфалт,

чија прашина ја наоѓам во косава

и во буквите на една тажачка.

Ја барам надгробната плоча

на градот во кој живеам,

за да запалам свеќа

на умрената надеж за чист воздух.

Овој град повеќе не е мој!