Кога музиката станува семејна приказна - Волческа ја посвети песната „Ведро е“ на својот внук
 
                    Нова свежина и позитивна енергија на македонската музичка сцена донесе Тамара Волческа со најновиот сингл „Ведро е“ песна што зрачи со топлина, искреност и љубов.
Авторскиот тим е проверена формула на успех, текстот е дело на маестралната Весна Малинова, чиј поетски ракопис носи топлина и вистински човечки допир, додека музиката и аранжманот ги потпишува Дарко Тасев, со препознатливи мелодиски линии и современ звук што совршено ја следи емоцијата на Тамара.

„Беше љубов на прво слушање“ раскажува Волческа. „Не претпоставував дека токму оваа песна ќе ја најде својата светлина и ќе оживее на 40-тото јубилејно издание на Макфест. Тоа беше момент на чиста магија.“
Иако јавноста ја познава по силните, емотивни и биографски песни со длабоки пораки, Тамара овојпат избра да ја покаже својата нежна, љубовна и ведра страна.

„Ведро е“ е животна филозофија и порака дека светлината секогаш постои, само треба да ја погледнеме.
„Сакав да им ја пренесам на луѓето мојата искрена радост, онаа чиста љубов која не бара ништо, само се дава,“ вели Тамара.

„И во моментот кога ја снимав песната, почувствував дека ова сум вистински јас.“Во видео записот за „Ведро е“, снимен во природно и топло светло, Тамара го прикажува најчистиот облик на љубовта: оној помеѓу тетка и внук. Приказната ја слави безрезервната љубов и семејната блискост, каде секој поглед и насмевка има своја тежина и симболика. На крајот од видеото, стои посвета:„За едно срце што тивко бие, за наскоро најгласно да се смее.“
Па додава: „Ако носам толку голема љубов за моите внуци, не можам ни да замислам колку ќе си го сакам своето дете.“

Настапот на Тамара на јубилејното 40-то издание на Макфест беше своевидна музичка приказна сама по себе. Во елегантна бела комбинација, симбол на чистота, искреност и нов почеток и со рачно исцртано сако во боите на сонцето, Волческа ја донесе на сцената својата вистинска суштина: светлина, топлина и ведрина. Публиката ја награди со аплауз и емоција, препознавајќи дека „Ведро е“ не е само уште една песна, туку вистинска порака за љубов, живот и благодарност.
 
                     
                                             
                                            