На хуманитарниот концерт на Тамара Тодевска: Се случи нешто што сите нѐ „скамени“
Пеела пред вљубени двојки и осамени, пред среќни лица и тажни погледи, пред опиени луѓе од радост или од болка. Но, Тамара Тодевска синоќа на хуманитарниот концерт кој се одржа во МКЦ призна дека во својата богата, децениска кариера, никогаш не доживеала толку емоции и емпатија на ниеден настап.
„Овој концерт никогаш нема да го заборавам и ќе ми остане во најдлабоко сеќавање“ рече таа.
На сцената се појави моќно, како и нејзиниот вокал, облечена во црн костум на Александар Ношпал, кој го красеше голем брош од солза, графичко решение на Љубан Стаменовиќ, а изработен од Марија Марси Таировска, симбол на трагедијата во Кочани во која животот го загубија 63 лица.
Солза која беше присутна на нејзиното лице во текот на двочасовниот концерт. Солза која секогаш ќе биде сведок на најголемата македонска трагедија.
Пееше и се смееше, додека душата и се распрчуваше на делови. Тоа беше видливо уште на почетокот кога ја повика публиката на еден минутен молк во чест на загинатите во пожарот во Кочани. Но, емоциите најмногу ја совладаа кога ги спомна придружниот вокал Сара Пројковска и Андреј Ѓорѓиевски од дуото ДНК кои настрадаа во пожарот и својот најдобар пријател, покојниот пејач Влатко Илиевски. Отпеа песни и во нивна чест.
Обожавателите на пејачката кои овојпат дојдоа да ја видат и слушнат и од хумани причини играа и ги пееа со неа „Тешко без тебе“, „Брод што тоне“, „Сино“, „Тажна љубов, среќна песна“, „Време за плачење“ и уште неколку македонски евергрини, со нови аранжмански решенија прикладни за овој концерт.
Но, веројатно никогаш не го доживеале тоа што се случи на крајот на концертот. Уште при првите звуци на легендарната тема на ДНК „Ако утре ме нема„ кога Тамара му упати јавна поддршка на Панчо за брзо оздравување, публиката се „скамени“.
Тодевска пееше голтајќи ги солзите, а присутните само гледаа во неа и ја слушаа. Ниту заиграа, ниту запееа. Некои само имаа сила да го снимаат нејзиниот настап со мобилните телефони. Други пак ги бришеа солзите.
Сцена која го отсликува и нашето секојдневие по 16 март кога се случи големата трагедија. Ова е време на плачење, болката кај сите нас е голема.
Поддршка за овој настан на сцената Тодевска имаше од врвни музичари предводени од Роберт Билбилов. А во публиката од своите најблиски – децата и родителите.
Гостин на концертот беше музичарот Ненад Врзалски од Кочани кој отпеа една песна. Тој е дел од интернет кампањата „Суппорт Кочани“ и во нивно име се заблагодари на хуманиот потег на Тамара и на публиката и истакна дека секоја донација е од голема помош, бидејќи на повредените во пожарот ќе им требаат години да се опорават од последиците. Во улога на гостин се појави и Гуру Харе.
Најголемо орудие на пејачот е песната. Тамара докажа дека е голем професионалец. Дека мора да се појави на закажан настап и кога е најтешко. Овојпат не мораше. Но, сакаше од срце и од душа. Организираше хуманитарен концерт, а средствата од продадените билети ќе бидат наменети за семејствата на настраданите и повредените во пожарот во Кочани. Затоа, можете да ја обожавате или не како пејачка. Да ги слушате нејзините песни или не. За вкусовите на музика не се полемизира.
За овој потег сите треба да и кажеме гласно Браво Тамара.
Соња Алексоска Неделковска
Фото: Вангел Тануровски