„Нема поубав мирис од мирисот на хартија и чувството инспиративна порака да ти го води денот“: Утринско кафе со Елизабета Арсиќ

Во време кога секојдневието ни е исполнето со обврски, брзина и технологија, сè почесто го забораваме она што навистина нè прави среќни – малите, едноставни работи. Од таа мисла и желба да се внесе малку светлина во денот на секој човек, произлегува книгата „101 порака за убав ден“, дело на авторката Елизабета Арсиќ која одамна се истакнува со својот талент за пишување и силната пасија кон пишаниот збор.
„Идејата се роди случајно“, раскажува авторката.
Книгата е замислена како мал прирачник што секогаш може да биде при рака – на масата додека пиете кафе, во чанта, на ноќната масичка.
„Нема поубав мирис од мирисот на хартија и нема поубаво чувство од тоа една инспиративна порака да ти го води денот“, додава таа, потенцирајќи дека класичниот стил на живеење не треба да го заборавиме, туку да го оживееме.
Пораките во книгата се едноставни, искрени и топли – токму она што му недостига на модерниот човек. „Да се вратиме на суштината. Малите нешта носат среќа – да ги препознаеме и да ја одбереме среќата, секој ден.“
„101 порака за убав ден“ не е само книга, туку мал потсетник дека животот се состои од мигови – и дека секој од тие мигови заслужува да биде убав.
„Потребата за пишување се разви од најмала возраст, тогаш всушност и почнав да пишувам, дојде до израз мојата дарба и во школските денови кога почнав да пишувам текстови на различни теми и бев наградувана“.
Првенствено, сè започнало од искрената љубов кон пишаниот збор – таа и била водилка уште од најрана возраст. Токму една животна ситуација била клучниот момент што ја натерало посериозно да се посвети на пишувањето. Токму сега според Ели бил вистинскиот момент за објавување на книгата.
„Живееме брз и динамичен начин на живот и немаме многу време за да прочитаме убав пишан збор. Денес е вистинското време. „101 порака за убав ден е книга или прирачник за сечиј вкус, како и што напоменав секој да изнајде време и да прочита некоја мотивирачка порака која ќе го следи“.
Создавањето на книгата „101 порака за убав ден“ беше природен и спонтан процес што се развиваше со текот на времето, воден од искрена емоција и директна комуникација со читателите. Она што започнало како едноставна навика – запишување мисли на ливчиња хартија – прераснало во нешто многу повеќе: мрежа од пораки што секојдневно ги допираат луѓето, им носат утеха, мотивација и насмевка.
„Книгата е наменета за сите, сакам сите да ја читаат и да допре до нивната душа. За сите ја напишав со огромна чест и задоволство. Сите пораки ми се драги на свој начин, имам неколку омилени, но ајде би ја издвоила „Скромноста е најголема победа после сите победи“. Човек да остане скромен и покрај сите трофеи, моќ, слава и други бенефити што му ги дава животот, е еден непроценлив успех, затоа јас лично одбирам да останам скромна“.
Книга обично оди и со добро кафе по сопствен вкус. За Ели е силно и горко.
„Првото утринско кафе го пијам сама, собирам енергија за понатамошните обврски во текот на денот. Кафето знае да биде најдобро друштво. По мој вкус кафето треба да биде силно и горко, така ми е највкусно, но кога ќе му додадете љубов впрочем како и во сè друго ќе биде уште повкусно“.
Секојдневната енергија ја црпи од малите нешта што ја исполнуваат и ѝ носат радост.
„Јас сум љубител на добро кафе, освен мирисот и вкусот на кафето, дополнителна енергија ми даваат обврските, сакам на крајот од денот, да бидам задоволна со тоа што сум имала исполнет ден. Ми даваат енергија моите најмили, и секако пишувањето и уште некои хобија кои ги практикувам.
Малите нешта се тие кои ја мотивираат, вели „забораваме дека во нив е големината“.
„Ме мотивираат луѓето, но најмногу мотивација црпам од животот и животните лекции и искуства“.
Во секојдневниот ритам се труди да најде рамнотежа меѓу обврските и она што ја исполнува.
„Како и сите, одам на работа која ме исполнува, знам да си направам распоред за полесно да ги завршам секојдневните обврски, покрај пишувањето. Сите имаме обврски кои ни ги налага животот и ете се трудам се да избалансирам“.
Денот го завршува со добро кафе, пишан збор и љубов. Токму кога ќе се опушти, тогаш и креативноста се појавува некој нов мотивациски збор. Добрата мисла секогаш ја чува за крајот на денот. А таму некаде помеѓу е прочитана некоја добра книга или филм.
„Благодарна сум за новиот ден што ми е подарен од Бога, за сè друго треба да се потрудиме ние. Се стремам да бидам најдобра верзија од себе и со позитивни мисли“.
Габриела Додевска Глигоровска