Сѐ што е прекомплицирано не ѝ е по вкус, како и кафето со шеќер и млеко: Таа ги создава омилените детски ликови од приказните - Утринско кафе со Марија Костадиновска

Добивај вести на Viber

Луѓето што не ја познаваат лично имаат впечаток дека е комплицирана личност, но кога ќе ја запознаат сите нивни предрасуди им се раствораат. 

По сите критериуми Марија Костадиновска, е едноставна личност која се држи до некои класични етички и естетски правила. 

Благодарна е што растела во позитивна воспитна средина, што имала животни идоли како нејзината баба и што и ден денеска може да се присети на важни животни мудрости кои ги научила во воспитно-образовниот процес. 

Пишува книги, но и самата е читател. Театрот ѝ е втора уметничка љубов по книжевноста. Вели дека без кафе не може да го започне денот, а без чај да го заврши. Сосема едноставна девојка, која вложува многу труд и посветеност во тоа што го работи, што е видливо и во резултатите што ги остварува. Се грижи за своето внатрешно јас, но и за својот изглед, посветува време на себе, семејството и унапредување на заедницата.

Оваа утринско кафе го испивме со писателката - Марија Костадиновска.

Утрото со Марија е исполнето со мирис на кафе, ги пие неколку по ред, бидејќи не е утринска личност, па кафето и е СОС за буден почеток на денот. 

- Денот ми започнува со чаша вода и кафе — и тоа не едно, туку две кафиња, едно по друго. Многумина ќе речат дека тоа воопшто не е добро за организмот, но не сум утринска личност и без кафе едноставно не можам да се освестам. 

Драгоцено друштво за кафе ѝ е нејзината мајка, но знае во кафето да ужива и сама бидејќи не ги сака утрата кои ѝ се попречени со гласно говорење и други шумови.

-Кафето ми е ритуал и го пијам сама или со мајка ми, и воопшто не сакам да зборувам и разговарам додека го пијам првото кафе, а со второто веќе можам да разменам неколку реченици. Сакам утрата да ми се спокојни и да уживам во своето утринско кафе и сѐ што  носи престојниот ден.

За себе вели дека е голем љубител на кафе, а кафето покрај тоа што ја буди и ѝ дава дополнителна енергија, за неа е асоцијација за социјален живот, добра дружба и разговор кој е магичниот зачин на кафето, со однос на тоа дека го пие без шеќер. 

- Луѓето за мене велат дека, ако сакаш да ме расположиш или да ми го направиш денот поубав — покани ме на кафе или донеси ми кафе. Голема кафеџика сум. Верувам дека постојат и бенефити и негативни страни на кафето, но според мене најважно е како се чувствувате додека го пиете. Мене ме расположува и ми ја подобрува концентрацијата, а кога го пијам во друштво, во некое убаво кафуле, се радувам и уживам бесконечно.

Марија не ги сака комплицираните одлуки и изборите со јазли и опашки, па нејзиниот избор на кафе е налик на нејзината животна едноставност и класичност. Ни откри како се прави кафе по нејзин вкус.

- Многу едноставно — црно и без шеќер. Може да биде домашно приготвено или еспресо, а ако евентуално додадам млеко, тоа мора да биде некое од растителните млека, бидејќи ми пречи лактозата во млекото.


Освен кафе, го сака и чајот. Но според неа распоредот е важен. Во шољата наутро мора да има кафе, а навечер чај. 

- Луѓето кои лично не ме познаваат мислат дека сум многу комплицирана личност, а всушност сум многу едноставна — и тоа го сфаќаат откако ќе ме запознаат. Освен вода и кафе, не пијам ништо друго. Никако не сум љубител на сокови (газирани или природни), ниту пак сакам смути, а и популарната мача не е за мене. Пред спиење сакам да се напијам чај од нане или камилица — и тоа е тоа.

Во животот ја мотивира нејзиниот однос на благодарност, нејзините родители и пријатели. Вели дека е среќна што е во позитивно опкружување. 

- Животот ме мотивира, и секој еден нов ден, кој ни е даден на подарок, е причина за радост. Многу сум му благодарна на Универзумот за сѐ. Почнувајќи од најпрекрасните родители кои ме пораснаа во една многу здрава околина и убава атмосфера и енергија, до моите искрени пријатели кои ги имам со децении, со кои взаемно се поддржуваме и почитуваме, па сѐ до сите животни предизвици.

А еве како изгледаат нејзините денови...

- Бидејќи работам на проекти сама, го одредувам своето работно време и ритамот на работата. Во викендите исто така сакам да го чувам мојот внук Теодор, кој има три години, и времето ми е навистина весело и исполнето.

Ноќите ѝ се разликуваат според годишното доба. Животните навики ги прилагодува на тоа дали вечерите се погодни за излегување, или сепак подобар избор е да се седи дома во друштво на добра книга. 

- Зависи од годишното време. Во лето и пролет многу сакам да патувам, а и кога сум дома сакам да одам со пријатели на долги вечери, исполнети со многу смеја. На есен и зима повеќе сакам да седам дома, да читам книги и да гледам серии.

На прашањето книга или филм или оригинален и доста забавен одговор.

- Секако, јас сум дипломиран книжевник и компетентен читател. Од секогаш многу сакав да читам. Пишувам рецензии за книги, пишувам и свои книги и често се нурнувам и во научни анализи и компаратистички исчитувања. Во последно време сакам да читам македонски автори и би препорачала сите да го сторат истото — имаме навистина квалитетни автори на нашата книжевна сцена. Истовремено, голем вљубеник сум и во театарот. Имаше еден долг период кога ги имав изгледано сите претстави во нашите театри кои ги имаа поставено на репертоарот. Гледам и филмови, а знам и цела ноќ да останам без спиење ако загледам некоја добра серија.

Нејзините животни мудрости ги собрала од нејзината баба - нејзиниот животен идол, а еве кои се:

- Мојата најсакана баба беше мојот херој и идол во животот, па така сите убави мисли и поговорки кои ме водат во животот ми се од неа. „Можеш да му згазнеш на човек на сенката, но не и на среќата“ — е поговорка која ме води низ животот. А денот го започнувам со тоа што „денес ќе биде прекрасен ден, и утре исто така“.
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов / Фото извор: Приватна архива