Поседувај го своето тело онлајн - кога модата станува глас за достоинство и дигитална слобода
Во рамки на 31-то издание на Fashion Weekend Skopje powered by UniBank, вечерта на 31 октомври беше посветена на проект што ги спојува модата, одржливоста и човековите права во еден храбар чин на моден активизам во рамки на кампањата на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА)bodyright, реализиран во соработка со Амбасадата на Кралството Шпанија.
bodyright е глобална иницијатива што се бори против онлајн насилството и претставува првиот “copyright” што бара права на заштита од дигитално насилство. Основата на оваа кампања е симболот на bodyright.
Кампањата bodyright бара телото да добие иста правна заштита во дигиталниот свет, каква што имаат музиката, филмот или трговските марки.
Затоа што понижувањето и деградацијата на телата во сајбер просторот не се слобода, тие се форма на насилство што мора да престане.
Во дигиталната реалност што нè опкружува, технологијата сè почесто се користи како оружје. Жените, девојките и ранливите заедници најчесто се мета на онлајн злоупотреба од неовластено споделување фотографии до deepfake-содржини и дигитално вознемирување. bodyright е одговор на оваа реалност, културен и етички повик да го заштитиме човечкото достоинство и во виртуелниот свет.
Колекцијата беше создадена во дијалог со глобалното движење – bodyright, како копродукција на дизајнерката Ангела Бикова (С. Македонија), Карол Фариас и Шпанската асоцијација за одржливост, иновации и циркуларност во модата (SICModa), со креативна консултација на Палома Гарсија Лопез, визионерка и лидерка на Circular Sustainable Fashion Week Madrid и Fashion Revolution Madrid. Проектот е поддржан од Амбасадата на Шпанија, УНФПА и Fashion Weekend Skopje, како и EPTISA и ја промовира пораката за инклузија, прифаќање и телесна автономија како суштински вредности на современото општество.
Upcycling-колекцијата претставува визуелен и концептуален одговор на прашањето: како изгледа достоинството кога ќе го облечеме?
На пистата, ткаенините станаа приказни сошиени од отпор, издржливост и надеж.
Инклузивните модели , жени со различни способности, форми и животни приказни ја засилија пораката дека модата припаѓа на сите, без исклучок.
Музиката за ревијата ја создаде Gloomie, спојувајќи македонска и шпанска сензибилност во современ звучен мост што го заокружи концептот на телото како уметност, но и како отпор.
Во официјалниот дел на отворањето говореа Амбасадорот на Кралството Шпанија, Н.Е. Рафаел Сориано Ортиз, и Афродита Шаља, Шефица на канцеларија на УНФПА во СевернаМакедонија, кои ја истакнаа важноста на креативните иницијативи што преку уметноста ја промовираат еднаквоста, инклузијата и безбедноста на жените во дигиталниот простор.
„bodyright е повик да размислиме како ги третираме телата – своето и туѓите – и во реалниот и во виртуелниот свет,“ изјави Афродита Шаља.
„Оваа иницијатива ја симболизира културната соработка и вредностите што ги споделуваме – почит, слобода и достоинство,“ додаде амбасадорот Ортиз.
Со bodyright Fashion Weekend Skopje уште еднаш ја потврди својата улога како платформа што ја спојува модата со општествената свест, создавајќи сцена каде што облеката станува израз на став, а модата место на еднаквост и достоинство.
Погледнете го краткиот филм за проектот тука