Замолкна гласот што ја носеше Македонија низ светот – замина Милка Ефтимова

Добивај вести на Viber

Македонската музичка сцена изгуби еден од своите најсјајни бисери – оперската примадона Милка Ефтимова (1936–2025), доајен на Македонската опера и вистински амбасадор на македонската уметност и култура низ светот.

Во својата повеќедецениска, богата и плодна кариера, Ефтимова отпеа 40 оперски улоги и безброј партии во ораторијални дела и соло настапи, изведувајќи се над 1.200 пати на сцени во повеќе од дваесет земји. Нејзиниот препознатлив артистички печат го остави во улогите на Орфеј („Орфеј и Евридика“), Ацучена („Трубадур“), Еболи („Дон Карлос“), Сузуки („Мадам Батерфлај“), Марфа („Хованшчина“), Улрика („Бал под маски“), а најмногу во насловната улога на „Кармен“. Симболично, токму со „Кармен“ се прости од сцената на 6 ноември 1991 година.

Покрај настапите, Ефтимова остави силна педагошка трага како редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, наставник во Музичко-балетскиот училиштен центар во Скопје и во Средното музичко училиште во Штип. Нејзиниот придонес беше награден со највисоки признанија – „11 Октомври“ (1985), „Св. Климент Охридски“ (2001), „Мајка Тереза“ (2009) и Орден за заслуги на Република Македонија (2022).

Погребот ќе се одржи во сабота, на 16 август, во 11 часот на гробиштата во Радовиш, а оддавањето почит ќе биде од 10 часот во капелата во Радовиш.

Длабоко сочувство до семејството и блиските.