Завршена е првата половина од снимање на новиот филм „Збогум Копакабано“ на Милчо Манчевски

Добивај вести на Viber

Првата половина од снимањето на новиот филм „Збогум Копакабана“ на Милчо Манчевски е завршена. 

Првите 15 сета од снимањето се реализирани и останува да се реализираат уште 15 снимања, кои според филмската екипа се полесниот дел. 

-Сцени и најтешките локации ги поминавме. Снимавме на Аквадукт минатата недела и снимавме на најжешкото 42 - 43 степени. Претходно снимавме во Драчево каде што немаше една сенка. Но без разлика на тежината на работата, она што го снимивме до сега е одлично имаме одличен материјал, изјави Манчевски. 

Мотото на новиот филм на Милчо Манчевски, „Збогум Копакабано“, гласи: „Брат, сестра и шахта“. Станува збор за социјална трилер-комедија во која брат и сестра крадат бисти низ улиците на Скопје. И овој пат Манчевски се навраќа на длабоки општествени теми како осаменоста, сиромаштијата, корупцијата, менталните болести и неправдата во систем што им погодува само на привилегираните.

Главните улоги ги играат: Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Калина Наумовска, Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Сара Панковска, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.

По завршувањето на првата половина на снимањето на филмот, Манчевски ги покани медиумите да присуствуваат на сетот и од прва рака да ги пренесат импресиите за снимањето. На настанот покрај Манчевски, на јавноста ѝ се обратија и толкувачите на главните ликови.


-Во овој филм, секој лик е комплексен и повеќеслоен, како и во животот. Сепак, публиката ќе креира свои видувања, доживувања и расудувања за ликовите. Не би можела да ја одиграм Малина без да ја сакам и без да си ги оправдам сите нејзини постапки, размисли и емоции, рече на снимањето, Климоска.

Сара Климоска која ја игра главната улога, Малина и Филип Трајковиќ кој го глуми Виктор, братот на Малина, велат дека се уиграна двојка.

Магдалена Стојмановиќ - Константинов 

Фото: Вангел Тануровски