„Денес кога ќе пелтечам, само се насмевнувам“: Мери Амбросова со порака што треба да ја слушенете на денешниот ден

Добивај вести на Viber

По повод Светскиот ден на подигнување на свесноста за пелтечењето и говорните дисфункции, Мери Амбросова ја сподели својата лична приказна – топла, искрена и инспиративна, како потсетник дека совршенството не постои, но прифаќањето е патот кон мирот со себе.

„Денес пелтечењето не ми создава тешкотии. Поминав низ сите негови сенки — страв, срам, трема… и знаете што — денес, кога ќе ми се случи, едноставно се насмевнувам,“ вели Мери.

Нејзиниот пат не бил лесен, но секој чекор бил дел од процесот на прифаќање. „Мојот говор е различен, и тоа е во ред. Токму тоа ме прави автентична. Немам потреба да звучам како сите други — затоа што мојот глас има своја приказна.“

Амбросова отворено признава дека поминала низ различни фази и пристапи — од логопедски вежби до духовни практики. „Секој остави свој мал печат. Но најмногу ми помогна моментот кога се помирив со себе. Кога реков: ‘Направи сѐ. Сега е време да се прифатиш… и да одиш понатаму.’ Имав поддршка од семејството, пријателите, клиентите… но најголемата поддршка ја најдов во себе.“

Денес, дури и кога пелтечењето се појавува, Мери не се вознемирува – го прифаќа со насмевка. „Дури и на сред сесија или предавање, јас само се насмевнувам“ вели таа со мир што се чувствува во секој збор.

Нејзината порака до сите кои сè уште се срамат да зборуваат е јасна и охрабрувачка:
„Не мора да звучите совршено, само бидете вистински. Фокусирајте се на тоа што ве прави живи. Работете на самодовербата – таа не се раѓа кога пелтечењето ќе исчезне, туку кога ќе престанете да се криете од него.“

Светскиот ден на подигнување на свесноста за пелтечењето се одбележува секоја година на 22 октомври. Овој ден има за цел да го поттикне разбирањето и прифаќањето на лицата кои пелтечат, како и да ја подигне јавната свест дека пелтечењето не е слабост, туку разновидност во начинот на комуникација. Според податоците на Светската здравствена организација, повеќе од 70 милиони луѓе ширум светот живеат со некаков облик на пелтечење. Најчесто започнува во детството, а кај дел од лицата трае и во зрелата доба.

Во време кога брзината и совршената дикција често се сметаат за мерка на успех, важно е да се потсетиме дека вистинската комуникација не зависи од совршен говор, туку од искреност и храброст да се изразиме. Приказни како онаа на Мери Амбросова се потсетник дека убавината на гласот не е во тоа колку е „правилен“, туку колку е вистински.


Ирена Ставрова