Наутро - кафе, на работа - кафе, на состанок повторно - кафе: Колку шолји се премногу?
Според податоците на Националната асоцијација за кафе од 2022 година, две третини Американки пијат кафе секој ден. Но, дилемата колку е премногу и дали кофеинот е навистина безбеден – сè уште трае. Научните резултати, сепак, откриваат дека одговорот не е едноставен.
Истражување од Харвард, кое следело речиси 50.000 жени во период од три децении, покажа дека секојдневното консумирање кафе може да придонесе за поздраво стареење кај жените. Жените кои пиеле една до три шолји дневно имале подобро здравје на срцето и пониска стапка на смртност.
Од друга страна, прекумерната консумација може да има спротивен ефект. Студија објавена во Journal of the American Heart Association во 2022 година утврдила поврзаност меѓу високиот внес на кафе и зголемениот ризик од кардиоваскуларни болести, особено кај лица со висок крвен притисок.
Заклучокот? Како и во многу други нешта – умереноста е клучна. Придобивките и ризиците зависат од вашиот животен стил и здравствена состојба.
Колку е „здравата“ доза кофеин?
Познатиот доктор и автор Дипак Чопра изјави дека секојдневно пие две до три шолји кафе пред пладне – количина што, според експертите, е во рамките на препораките.
Регистрираната диететичарка Роксана Ехсани објаснува дека дневниот внес на кофеин не треба да надминува 400 милиграми, што е еквивалентно на три до четири шолји кафе. Во оваа количина спаѓа и кофеинот од чај, енергетски пијалаци, газирани сокови и чоколада.
Американската агенција за храна и лекови (FDA) ја потврдува истата препорака: до 400 милиграми дневно е безбедна граница за возрасни лица.
Телото само кажува кога е доста
Не секој организам реагира исто на кофеинот. Некои луѓе стануваат анксиозни или нервозни дури и по една шолја, додека други го поднесуваат многу полесно.
„Ако по кафе чувствувате исцрпеност, забрзано чукање на срцето или немир – тоа е знак дека телото ви кажува да престанете“, предупредува диететичарката Џесика Силвестер за NBC News.
Посебно внимание треба да внимаваат бремените жени, како и лицата со дијабетес или срцеви заболувања, бидејќи шеќерот и млекото во кафето можат да влијаат на нивното здравје, вели нутриционистката Ники Кота од Mayo Clinic.
Совети за здрава кафе-рутина
-
Прво испијте чаша вода или изедете нешто, па дури потоа земете кафе – кофеинот го потиснува апетитот.
-
Избегнувајте кафе во попладневните часови ако ви го попречува сонот.
-
Не го заменувајте оброкот со кафе – тоа нема нутритивна вредност.
-
Слушајте го сопственото тело – секој има различна толеранција.
Кафето – мал ритуал на уживање, не обврска
За многу жени, кафето не е само пијалак – тоа е ритуал, момент за себе. Најновите истражувања покажуваат дека кога се консумира со мерка, кафето може да биде сојузник во здравјето и енергијата. Клучот, како и секогаш, е во балансот: да уживате – но свесно.
РЖМ/ИС - Фото: фрипик