„Никој не го поканил Леон на роденден, само затоа што е поразличен од другите“: Искрена исповед на мајка со аутистично дете

Добивај вести на Viber

Во ерата кога зборуваме за инклузија и прифаќање, вистинската слика понекогаш е многу поразлична од зборовите. Амела Мемиш Апостоловска Мајката на Леон, дете кое се соочува со отфрлување и недостиг на разбирање, ја споделува својата болна приказна за тоа како нејзиниот син остана изолиран од прославата на роденден на неговиот соученик.

„Вчера се славеше роденден на дете од одделението каде учи Леон, но тој не беше поканет“, раскажува таа. „Во групата немаше ниту покана, ниту збор од родителот да се обрати до мене. Свесно го исклучија од прославата, иако другите деца беа присутни.“

Можеби детето што славеше не сакало Леон да биде присутен – тоа мајката го прифаќа. Но прашањето што останува е каде се родителите кои треба да им објаснат на децата дека различноста не е страшна, дека прифаќањето не боли и дека емпатијата се учи од дома.


„Леон е тивко отфрлен, без зборови, без објаснување. Му покажаа дека не припаѓа, само затоа што е различен“, додава мајката. „На големиот одмор тој се шета сам низ ходниците, далеку од врисоците и лудилото што го носат другите деца од дома.“

Оваа приказна не е само за еден роденден, туку за целата клима во која растат децата и за улогата на возрасните во создавање општество на прифаќање. „Родителите зборуваат дека играат клучна улога, но денеска сведочиме за нова ера на невоспитаност и распад на инклузијата“, вели таа.

Фотографиите од роденденот биле споделени во родителската група, но на нив немало ни трага од Леон. Кога го прашала дали бил поканет, детето едноставно одговорило: „Не, мамо, никој не ме викна.“ Овој одговор, вели мајката, бил како стрела во срцето.

„Не станува збор за самиот роденден. Важно е каде исчезна човечноста, свеста и колку малку емпатија остана во нашето општество“, вели таа и додава: „Не зборувајте за инклузија додека таа се распаѓа пред очите поради невоспитаноста и недостигот на воспитување дома.“

Таа ја критикува и хипокризија на некои родители кои на улица ѝ кажуваат колку е прекрасно нејзиното дете, додека во реалноста Леон е отфрлен од активности и групи каде треба да припаѓа. „Леон е исклучен од проектот затоа што „му пречи гласната музика и викањето на другите деца“, но вистината е дека пречи различноста,“ вели мајката.

Токму затоа Леон комуницира само со возрасни кои го прифаќаат. Тој сфатил дека не е прифатен од децата и тоа ја отсликува вистинската слика на прифаќањето и инклузијата во нашите училишта.

РЖМ -Г.Д.Г
Фото: Фејсбук