Од Скопје до Острог со љубов: Антонио ја исполни мисијата за децата болни од рак

Добивај вести на Viber

Македонецот Антонио Пандовски успешно ја реализираше својата хумана и инспиративна мисија – за само 17 дена истрча 600 километри од Скопје до манастирот Острог во Црна Гора. Со овој подвиг, Пандовски испрати силна порака за поддршка на „малите херои“ – децата кои се борат со рак, и им оддаде почит на сите кои ја загубиле оваа битка, вклучително и неговата мајка.

Пандовски не трчаше само за себе – неговиот маратон имаше и конкретна цел: да се покрене донаторска акција за обезбедување 45.000 евра за набавка на неопходни апарати за Детската онколошка клиника во Скопје.

Во текот на оваа физички и емотивно тешка мисија, тој доби поддршка од фондацијата „Ице Бегов“ од Гевгелија, како и од повеќе општествено одговорни компании и поединци.

Антонио со својот пример уште еднаш потсети дека хуманоста, истрајноста и љубовта кон ближните можат да ги надминат и најголемите предизвици.