Песните што ги пеевме на првите љубови: „Црвена јабука“ слави 40 години со концерт во Скопје

Добивај вести на Viber

Нивните песни се слушаа на касети, по првите љубовни средби, во возови, на радија и низ срцата на цели генерации. Музиката на „Црвена јабука“ е симбол на романтика, младост и емоција што трае цели четири децении.
Токму тие 40 години постоење бендот ќе ги одбележи со голем јубилеен концерт на 29 ноември во арената „Борис Трајковски“, во организација на продукцијата „Прагма“.

Повеќе од четири децении нивните песни го носат истиот мирис на љубов и носталгија. Нивниот фронтмен Дражен Жериќ – Жера, добро познат по својот топол глас и харизма, признава дека секогаш со радост се враќа во Скопје.

„Во Скопје секогаш ми е убаво, ова е град што го носам во срцето. Веќе на 18 години ја открив неговата добрина и луѓето со кои делиме сличен менталитет – сакаме добра чорба, добра скара и топли разговори“, вели Жера низ насмевка.

Тој додава дека секое враќање во Македонија е полетно и искрено, со истата емоција која ги поврзува уште од младоста.

 „Мило ми е што на концертите доаѓаат и млади и постари генерации, но сите ја чувствуваат истата, вистинска енергија – онаа од времето кога музиката беше создадена со душа, а не со дигитален шаблон,“ вели фронтменот.

Жериќ најавува дека концертот во Скопје ќе биде полн со емоции, сеќавања и безвременски хитови, без специјални гости – само тие и нивната музика. 

„Имаме толку многу песни што не знаеме од каде да почнеме, но едно е сигурно – публиката ќе пее со нас од првата до последната минута“, додава тој.

На 29 ноември, скопската публика ќе биде дел од три часа чиста музичка магија, во знак на пријателството и љубовта што трае веќе четири децении.
Карти се достапни преку продажната мрежа на www.kupikarta.com, како и во Розе Веро 2, ЈК Травел Бисер и ЈК Травел Дајмонд.


Ирена Ставрова