„Со години го носи целиот репертоар на МНТ на свој грб и нема улога која не може да ја одигра“: Ристановски награден со „Златна арена“

Македонскиот актер и првенец на Македонскиот народен театар, Никола Ристановски, е добитник на престижната награда „Златна арена“ за споредна машка улога на годинешното издание на Филмскиот фестивал во Пула.
Тој ја доби наградата за својата интерпретација во филмот „Меѓу боговите“ на српскиот режисер Вук Ршумовиќ.
Во истата продукција со „Златна арена“ за главна женска улога беше наградена и актерката Ферештех Хосеини, со што филмот доби двојно признание на еден од најзначајните филмски настани во регионот.
Ристановски, кого публиката го познава како еден од најмоќните и најпосветени актери на македонската театарска сцена, со години ја носи на свој грб главната репертоарска тежина на МНТ.
Колегите за него велат дека не постои улога што не може да ја совлада, а неговиот талент и професионализам се постојано признати и во земјата и надвор од неа.
Наградата во Пула е уште едно големо меѓународно признание за неговиот труд и посветеност, како и потврда за квалитетот на актерската уметност што ја носи Македонија.
Извор: МНТ