„Тато најсреќна сум што те имав, ама се живее ли од спомени“: Емилија Розман со потресна порака по повод годишнината од смртта на нејзинот татко

Добивај вести на Viber

Годишнините од смртта на блиска личност никогаш не стануваат полесни. Тие само добиваат нов облик — на тивка болка, спомени и непресушна љубов. 

Таква длабоко лична и потресна порака сподели Емилија Розман, посветена на нејзиниот татко кој починал на 19 октомври 2017 година.

Во статусот кој го објави на социјалните мрежи, Емилија се наврати на моментот кога го изгубила својот татко, но и на животот што продолжува понатаму, со празнина која никогаш не се пополнува.

„-Ај да се сликаме, ама не ме имитирај...
-Ок, ќе замислувам само дека ти возиш, а јас сликам...
-Татооооо бееее...
19.10.2017 - денот кога ти почина без да умреш, а јас умрев без да починам. Си тече време, си поминуваат години. Си тече, ко да не му е гајле, ко да не застана сè тој ден... Ко да не се урна цел свет. Ко да не продолжив да животарам, пробувајќи да градам нов свет од урнатини. А каков е тој свет во кој те нема тебе? Кое е тоа секојдневие во кое те нема тебе, сите наши песни, приказни, патувања, шали и мрчења?
Ми велат - среќна си што си имала таков прекрасен татко, барем имаш безброј спомени. Да, тато, најсреќна сум што те имав, ама се живее ли од спомени? Не се живее, ама се преживува. Истo како што ме лажеа дека времето лечи сè - напротив, боли сè повеќе и повеќе, затоа што не си до нас и во добро и во зло. Имаш среќа што ме остави во добри раце, па заедно со мама и бато изградивме свет во кој те нема физички, ама си присутен во секој миг. Го негуваме твојот спомен, но не можеме а да не се прашуваме секојдневно колку сè ќе беше поинаку доколку беше до нас... Не можеме да ти опишеме колку ни недостигаш. На крајот на денот, времето само нè научи да живееме со тоа дека физички те нема, но вечно ќе си тука со нас.
А до следното видување, имаш сега друштво за журки горе...
ТЕ САКА БЕСКРАЈНО, ТВОЈОТ ШАТРАК.“


Со оваа порака, Емилија ја пренесе љубовта, болката и вечната врска помеѓу татко и ќерка — врска која смртта не може да ја прекине, туку само ја претвора во спомен што се чува со цело срце.