Ана Бунтеска: Доаѓаш и заминуваш

Како детска игра е ова нашево
Криенка-миженка меѓу двајца возрасни
Или... (попрецизна ако треба да бидам)
Двајца кои мислат дека пораснале
Кои се преправаат дека знаат сè
И кои никогаш нема на вистината
Во очи да и’ погледнат
Или барем да си признаат дека
Немаат ниту визија на каде се кинисани
Ете...
Тоа сме ти и јас
Тие двајцата кои како деца се тегават
И кои ќе тргнат еден накај друг
Со надеж, верба и желба да се сретнат
Која со секој чекор се намалува
И со секој чекор како да испарува
Та попатно нешто друго поинтересно ќе видат
Како излог накитен со светликави хартии
Или уште поарно...
Како излог во кој се наредени чоколади
И веднаш забораваме еден на друг
Та ги лепиме носовите на стаклото
Прашувајќи се дали и љубовта е толку вкусна
До следниот миг
До следното присеќавање еден на друг
Кога копнежот ни станува неиздржлив
Доаѓаш
Само тогаш кога ќе ти се присака
Да ме оставиш неспана
Со срце што чука како расипан часовник
Воопшто не водејќи грижа за мојот сон
Или за срцево што сè повеќе кревко станува
А јас пак никогаш не се жалам
Ниту твојата себичност ме вознемирува
Од пуста среќа дека тука си
Заминуваш
Кога ќе се заситиш од мојата спремност
Да ги заменам ноќите за дни
И дните да ги капарисам за бакнежи
А бакнежите како ситни парички
Да ги фрлам високо во воздух
И знам дека си одиш
Уште пред да си заминеш
Оти зборовите ти се скусуваат
И погледот некаде околу ти бега
И спремна сум дека ќе боли
Иако се тешам оти првпат не е
И оти ќе знам како со болка да живеам
Та дури и те испраќам со насмевка
И со спакуван ручек за по пат
За да ти се најде
Или за да те најдам по трошките, сеедно
Доаѓаш и заминуваш
Заминуваш и доаѓаш
А мене ми е како секојпат
Отпочеток да се раѓам и умирам
За Женски Магазин, Ана Бунтеска