Ана Бунтеска: И сега што? И сега како понатаму?

Добивај вести на Viber

Сѐ си кажавме

И тоа што требаше

И тоа што не требаше

Без задршка и филтер

Без да ги поминеме зборовите

Низ сито и решето

За да останат убавите

Или барем оние со кои

Помалку ќе се искасапиме по душите

Сѐ си кажавме

И ти мене

И јас тебе

Та фативме уште од дедо Ное

Кој кому повеќе згрешил

Кој за кого повеќе сторил

Кој кому помалку дал

Кој за кого помалку сторил

Проклети и ти и јас

Што без ич усул сме

И што јазиците ни работеа

Побрзо од умовите

За барем малку да се поштедиме

Барем малку еден на друг да пазиме

И сега што?

И сега како понатаму?

И сега како во очи да се погледнеме?

Со кој образ убав ден да си посакаме

Кога сите дни ги избербативме

И минатите во кои на љубов се заколнавме

И овој ден

Од кој ниту зрак сончевина не оставивме

И оние кои иднината ни ги носи

Како да ќе ја дочекаме заедно

Оти јас не знам како збор назад се враќа

За да си го голтнам она што го реков

И сиот чемер во нив да го исплукам

И знам дека и ти не знаеш

Како секоја буква со гумичка да ја избришеш

Како никојпат да не постоела

Чунки ништо што е запамтено

Туку така не се брише

Сѐ си кажавме

И по нешто дури и измисливме

За да биде болката посилна

За да видиме кој ќе победи

Во оваа бесмислена војна

Меѓу двајца кои сепак се љубат

Ама не знаат како да се сакаат

Не знаат како да се сочуваат

И сега што?

И сега како понатаму?


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска