Ана Бунтеска: МАЈКА (со тебе сме Невена)

Не го носи мајката чедото
Само девет месеци во себе
Дур еден ден (или ноќ можеби ќе е)
Не го извадат од неа
Туку сиот живот во утробата и’ спие
И во крвта и’ врие
И не се одделува од него
Чим папочната врвца се пресече
Чунки има невидливи нишки
Кои за цел живот траат
Токму како таа меѓу мајката и детето
Која не се кине дури ни по смртта
Мајката...
Мајката си го носи чедото во својата мисла
И во телото кое дом му било
Та и онаа жена која свој пород нема
А мајка на дробно дете станала
Сиот живот над него се треси
И душата за него ја боли
Мајката...
Мајката љуби без да бара
И дава без да мисли или да се премислува
И ќе бдее до бесознание
Ќе се моли дури и ако побожна не е
Ќе стои на дожд гола и боса
Ќе му се опира на ветрот
И не ќе даде ниту раска
Да падне врз детето нејзино
Кое и’ вреди секогаш повеќе од сѐ
Од сонот
Од храната
Од воздухот
Од живеачката
Та грев најголем се прави
Од мајка чедо да земеш
Чедо од мајка да одземеш
Оти не го носи мајката чедото само неколку месеци
Ниту се посветува да гледа дете
Ден, два
Година, две или три
Ами и кога сета побелена ќе е
А детето нејзино и свои деца ќе има
Таа уште ќе е истата млада жена
Која подој давала
И која шишиња со млеко спремала
Таа е истата жена која болести колнела
И која секоја среќа ја благословувала
Таа е и ќе остане истата жена
Која од себе ќе скрати
И за себе ќе нема
Само за да го чуе најубавиот збор
Од кој сила добива за светот да го преврти
Од кој знае дека сѐ ќе може да искрепи
Од кој срцето песна ќе и’ запее
Само тој збор кој и од мртви ќе ја врати
“МАМА”
За Женски Магазин поетесата Ана Бунтеска