Ана Бунтеска: На сон ми идат

На сон ми идат
Сите, еден по еден
Стокмени и дотерани
Како за веселба
Како за свадба да се тука
И светат, светат во ликовите
Како некогаш
Како тогаш кога дете бев
И како да не минале години
Кои и мене бразди ми оставиле
И околу очите и усните ме жигосале
Како вчера да беше
Кога силно ќе се прегрневме
Како вчера да беше
Кога гласот им го слушав
И не постои заборав
Ниту време има за нив
И за моите спомени
Во кои уште живи се
Во кои уште во мене дишат
На сон ми идат
Некојпат за да ми кажат нешто
Некојпат за да си помолчиме
И да си се изнагледаме едни со други
А душава....ех
Душата како на ренде помината
И крвари во градите
А секоја солза
Сол на рана останува
Која пече долго после сните
Во кои смртта ја снемува
А младоста повторно се враќа
Ми идат на сон
Сите кои дел од мене се
И кои повеќе ги нема
Барем не за да им се јавам
Или на порта да им се појавам
А пак како мирисот да им е овде
И знам дека не ме оставиле
Кога на минување
Ќе им ја помирисам душата
Во зеленилото од тревата
Во синилото на небото
Во цутот од липите
Меѓу два сона чекорам
Едниот за нив отсонуван
Другиот за мене сонуван
Во едниот радост и трепет
Во другиот копнеж и болка
Та тогаш молитва во себе кажувам
И ми свети нешто кај срцето
За да ми се стопли споменот
И да ми огрее виделото
Во недостигот од секој ден
Има денови кои се потешки од црна земја
Во кои ме боли постоењето
Во кои ме дроби загубата
За сите мои, за сите ваши, за сите наши
По кои кандилото не ни згаснува
По кои кандилото останува да свети
До денот во кој повторно ќе се сретнеме
ВЕЧЕН СПОМЕНОТ ДА ИМ Е!