Ана Бунтеска: Некои утра

Добивај вести на Viber

Некои утра се како наречници

Кои од првото отворање на очите

Знаат да ти шепнат “варди се”

И некако дишењето ти се сепнува

А во градите како грутка да ти застанува

Чиниш се шири со секој здив

Та ти се стеснува радоста

Како да е фустан кој си го израснала

Или кој си го испрала на висока температура

Некои утра се како клетва

А не дека често ги има

И не дека ретки се

Таман доволно за шубе да ти биде

И да не можеш раат да бидеш

Та сѐ што може наопаку да киниса

Ете, тој ден така ќе ти тргне

И ти иди на сите врати, катанци да ставиш

И повторно в кревет да се стуткаш

Со јорганот врз глава и да молчиш

Дур не мине, дур ноќта не дојде

Некои утра како пелин се

Како дамнешно вино кое со ќеиф го отвораш

Чунки за убави настани си го токмела

За после првата голтка да го исплукаш

Оти накиселува и горчи истовремено

И сеедно колку пати устата ќе ја исплакнеш

Вкусот под јазикот ти останува

Како лош збор што си го кажала

Како некој убав што си го премолчила

Та и едното и другото товар ти се

Некои утра....

Ах, некои утра и поинакви се

Како да сонуваш

А знаеш дека будна си

Како од овој свет

А лебдиш два прсти над земја

Како да не си ти

А се потштипнуваш и знаеш дека ти си

И мирисаат тие утра на спокој

Кој немаш повеќе потреба да го бараш

Оти тука, во тебе е

И чудесна е светлината на денот

Сѐ е некако појасно и поубаво

Како со прозирен лак премачкано

Та ти мириса на убост

На твоите луѓе кои малку се

Ама како велат старите

“толку и токму се”

И седнуваш со нив да си помолчиш

Да се напиеш една со мерак

И за здравје да наздравиш

Да им ја вдишеш смеата

Ликот да им го впиеш

И да ти е лесно на душата

Како од пердув да ти е

Во овој живот кој знае и неживот да биде

Само за такви утра вреди да се живее

За Женски Магазин, Ана Бунтеска