Ана Бунтеска: Ни премногу убо, ни премногу неубо

“Три пати прекрсти се
Оти така злото си оди од тебе
Поплукај си в пазуви
За да не те урочат со збор или поглед
Чукни во дрво
За да замини клетвата од домот
Одмини ја црната мачка
Никако патот да и’ го пресечиш
Не купувај цвеќе во парен број
Таквите за умрени се носат...”
И ред си редат сите верувања
Со кои бабите наши израснале
Та кај секого стои во сеќавање
Како низ заби ги кажувале
Тивко и скоро нечујно
За ѓаолот да не прислушне
И да се нацрта в куќа
Оти, ѓаолот ако еднаш на гости ти дошол
Тешко да го избркаш и да си замини
Чунки кај него го нема она народното
Дека секој гостин е само три дена добредојден
И како низ магла ми е стравот в очи
Кој кај старите ќе го видев
Ако тресиш чаршав надвор после вечера
Или ако испериш на рака во свет ден
Та смешно ми било
И тој страв и тие обичаи
И верувањата дека лошото
Најчесто ќе ти се курдиса кога си сигурен
Оти на твојата порта не ќе тропне
И сега како оди година за година
Не дека верувам помалку или повеќе
Не дека станувам и јас како баба ми
И не дека имам страв од нешто
Туку....не знам
Некако шубе ми е премногу да се надевам
Или премногу радост да имам
Та кога ми иди да се распеам од среќа
Во себе песна пуштам
Оти знам дека лошото и арното
Се верни друшки и стално едно по друго идат
Па се научив кога удолу ми е појден денот
Трпелива да бидам и да почекам
Чунки нов ден ќе дојде
Чунки нова свежина ќе донесе
И се научив и радоста да ја зауздам
Во себе да се радувам ко дете
И внатре да ми е спокојот
Оти после убост, неубост иди
И после неубост, убоста патот си го наоѓа
Ама ниту премногу убо, ниту премногу лошо
Човек на плеќи не треба да си клава
Ами да научи како баланс да најде
За себе да не се изгуби
Ниту во чаша вино
Ниту во чаша чемер
За да може да истурка сè
За да му трае животецот
За најмилите
За саканите
За себе