Ана Бунтеска: Обид

Се обидувам да те љубам
Не, не можам вака да почнам
Барем не оваа песна
Барем не сега и тука
Еве, од почеток
Се обидувам да ти се приближам
Се обидувам љубовта да ти ја приближам
Оваа мојава
Сета едноставна и толку комплицирана
Од која бегаш
Од која толку умешно бегаш
И како ѓавол од крст се криеш
Попатно оставајќи ме на работ
Меѓу желбата да те отерам во мајчината
И да пробам уште еднаш
Да се прелажам дека ќе е последен пат
Хах...
И онака лажењето себе ми е мајсторски научено
Се обидувам упорно
Се обидувам со глава во ѕид
Да ти покажам и кажам
Да викнам и да шепнам
“Види ме, тука сум и види ме”
Ама јалова работа се сите мои обиди
Кога секогаш наоѓаш начин
Како да ми се лизнеш низ рацете
И од далеку само да ми се насмевнеш
А чудно е
Чудно се чувствувам во моево сакање
Кое повеќе боли одошто радува
Како да си ја бркам сопствената сенка
Која е секогаш еден чекор пред мене
И никогаш не ја стасувам
Та имам некојпат желба
Да е светот коцка
И да дојдеме до ивицата на коцката
За да немаш веќе каде да бегаш
Да немаш каде да се сокриеш
Да мора се завртиш и во очи да ме погледнеш
Па кој знае!
Можеби и ќе видиш нешто што ќе те бендиса
Или нешто што одамна си го изгубил
А сега во мене повторно го наоѓаш
Иако....пак ќе речам
Јалова работа оваа нашава
Оти ми се чини дека и на крајот од светот
Поверојатно е дека ќе избереш
Удолу главечки да се нурнеш
Отколку да ми дозволиш до тебе да стасам
И барем еднаш
Само еднаш да те допрам
И главата на твоето рамо да ја ставам
А прстите со твоите да ги испреплетам
За да знаеш
Да имаш на ум дека не е ова само песна
Не е ич уште една песна за љубовта
Туку обид
Уште еден обид
Мојот последен обид за да те љубам
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска