Ана Бунтеска: Причина

Добивај вести на Viber

Не ти дадов причина за да останеш

Ниту се потрудив

Ниту посакав да си го мачам умот

За да најдам барем една ронка

Барем едно сеќавање да повикам

За да ми се врати во душава

И ете

Ете некако да се натерам да ти кажам

Да не одиш

Да не си одиш

Не ми даде причина за да останам

Како да ти олесна

Додека куферите ги полнев

Со остатоци од нашиот живот

И она што останало нечепнато

После стотина бури и грмотевици

После многу кажани зборови

После многу некажани чувства

После три наши животи во еден собран

Кој го натиснав озгора за да го збере меѓу два фустани

Не ти дадов причина да ми објасниш

А којзнае и дали сакаше

И којзнае дали јас бев спремна

Да те сослушам без збор

И без да те обвинам

Без да се обвинам

Па некако како да беше во ред

Што молкум решивме дека доста е

Дека било и поминало нашето

Како одминат рок на лебот кој го делевме

Не ми даде причина да ти објаснам

Дека некогаш морам сама да сум

Со себе и со мислите

За да ги спастрам оти нескротливи се

За да можам спокој во главава да имам

И перото остро да ми остане

Оти јас не знам на едно место да сум

Барем не со ланци на нозеве

И не со крила во кафез сместени

Чунки појот на птиците најубав е на слобода

Не си дадовме причина за заедно да останеме

Умор те фати

И умор ме фати

Од премногу поставени прашања

Од премалку дадени одговори

И сега знам оти поарно ни е

Тебе без мене

Мене без тебе

Секој во својот свет

Кој е многу поубав без другиот во него

Само знам оти мака ти е

Исто како што мене ме боцка во срцево

Што не си дадовме причина

За заедно да сме

За заедно да остариме

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска