И Македонија има „Памук кале“, а еве каде се наоѓа: Ќе ви стане омилена дестинација за домашен туризам

Добивај вести на Viber

На само неколку километри од Прилеп, скриено меѓу мермерни карпи над селото Беловодица, се наоѓа вистинска природна атракција која од година во година привлекува сè поголем број посетители. 

Станува збор за познатото Мермерно езеро, воден бисер сместен во напуштен рудник за мермер, кој сега е новото омилено место за разладување и уживање за љубителите на природата.

Езерото е длабоко околу 20 метри и содржи приближно 100.000 кубни метри вода. Веднаш на прв поглед импресионира со својата тиркизна боја која дополнително се истакнува поради контрастот со белите мермерни ѕидови што го опкружуваат.

Токму поради овој уникатен изглед, жителите го нарекоа и прилепско Памук Кале, алудирајќи на познатата природна атракција во Турција.

Извор: pinterest.com

Исправноста на водата – безбедност пред сè

Со порастот на популарноста на езерото, се јавија и многу прашања меѓу посетителите за безбедноста на водата. Дали е безбедна за капење? Според испитувањата направени во 2016 година од страна на Центарот за јавно здравје од Прилеп, водата во Мермерното езеро е целосно исправна за капење и е од прва категорија. Ова значи дека езерото ги исполнува сите услови за рекреативно капење и е безбедно за посетителите.


Туристички потенцијал што расте

Мермерното езеро стана вистинска туристичка атракција, не само за локалните жители, туку и за посетители од цела Македонија. Многумина доаѓаат да уживаат во убавината на природата, да направат фотографии или да се разладат во чистите води. Социјалните мрежи се преполни со фотографии и видеа од ова магично место, со што уште повеќе се зголемува интересот за него.

Апел за одговорно однесување

Иако езерото привлекува сè повеќе луѓе, локалните власти и еколошките организации апелираат до посетителите да се однесуваат одговорно и да ја зачуваат природната убавина на овој уникатен предел. Чистотата на водата и околината зависи од грижата на сите нас.

M.С.К