Кападокија ќе ги собере најиздржливите атлетичари од светот – стартува Salomon Cappadocia Ultra-Trail
Кападокија во Туркије не е популарна само поради возењето со балони на топол воздух или самовилските оџаци и вулканските карпи. Напротив, таму се случуваат и врвни спортски доживувања, а токму таков атрактивен настан ќе се одржи во претстојните денови, кога регионот ќе биде домаќин на планинарскиот маратон Salomon Cappadocia Ultra-Trail, во периодот од 17 до 19 октомври. Силите ќе си ги одмерат познати атлетичари од целиот свет, а само еден поглед на предвидената програма говори дека на спортистите нема да им биде воопшто лесно, бидејќи трките што ќе се одвиваат низ планините на регионот, буквално ги тестираат границите на издржливоста.
Овој Меѓународен атлетски настан се одржува 12-та година по ред, истовремено промовирајќи го спортскиот туризам во Туркије и претставувајќи го извонредниот пејзаж на Кападокија. Маратонот е поддржан од Министерството за млади и спорт на Туркије, Агенцијата за промоција и развој на туризмот на Туркије (ТГА), Турската атлетска федерација, како и од неколку локални администрации.
Иако сите учесници мора да бидат исклучително спортски подготвени, сепак, согласно нивоата на кондиција, ќе се трча на четири различни патеки, почнувајќи од центарот на Угруп, па низ бројните долини и висини на регионот. Првата трка, Salomon Cappadocia MINI Trail, која стартува попладнето на 17 октомври, се смета за кратка рута наменета за почетниците во планинското трчање, а нејзината должина е 14 километри, додека висинската разлика изнесува 308 метри. Salomon Cappadocia Short Trail е втората трка, која започнува утрото на 18 октомври. Ова патека е долга околу 38 километри, а има висинска разлика од над 1.120 метри. Многу сериозна е третата патека, Salomon Cappadocia Medium Trail, која опфаќа дури 63 километри, а висинската разлика е над 2.030 метри. И оваа трка стартува во раните утрински часови на 18 октомври, но, иако е голем предизвик за натпреварувачите, за нив нуди и убав поглед на природата. Последната, четврта трка, Salomon Cappadocia Ultra-Trail, се нарекува и епска, и се смета за најпрестижна на настанот. Има и зошто, бидејќи патеката е долга 119 километри, со висинска разлика од повеќе од 3.730 метри, па за оние кои ќе ја завршат се смета дека ги поместиле границите на издржливоста. Трката стартува исто така рано утрото на 18 октомври. Ќе се натпреваруваат и тимови, и тоа од по две лица за најдолгата рута, од по шест лица со најмалку две жени на патеката од 63 километри, и тимови од по тројца учесници со најмалку една жена на патеката од 38 километри. Наградите ќе им бидат врачени на победниците на 19 октомври.
Овој спортски настан секоја година на едно место собира илјадници атлетичари од 75 земји, како и голем број гледачи од регионот, зголемувајќи ја на тој начин меѓународната видливост на Туркије.
Големо значење има и за туризмот на земјата, надополнувајќи ја привлечноста на Кападокија, која е дел од листата на светско наследство на УНЕСКО и минатата година привлече 4,37 милиони посетители со својата богата туристичка понуда, која ја сочинуваат незаборавните панорамски разгледи со балони на топол воздух, самовилските оџаци, пештерските хотели, мистериозните градови, бројните археолошки и културни наоѓалишта, како и врвните специјалитети, неодамна вклучени на мапата на водачот MICHELIN.
*Пр објава