Нежни движења, силно тело: лесни вежби за трудници!

Бременоста е време на трансформација – телото постојано се менува, се прилагодува и работи напорно за да создаде нов живот. Дали сте знаеле дека според Светската Здравствена Организација (СЗО) 150 минути неделно физичка активност го намалува ризикот од гестациски проблеми, зголемена телесна тежина, како и компликации при породување и превенција од постпартална депресија? Токму затоа, покрај здравата исхрана, редовната хидратација и пешачењето во природа, важно е и телото да добие поддршка преку безбедни вежби за зајакнување на мускулите на грб, стомак и карлица.
Со овие 5 нежни движења, не само што му дарувате сила на своето тело – туку и кислородна прегратка за малото срце што расте во вас.
1. Странично истегнување
Седнете со прекрстени нозе или застанете со благо раширени нозе. Подигнете ја левата рака над главата и навалете се на десната страна. Дишете длабоко и задржете 15 секунди пред да смените страна. Повторете 3-5 пати на секоја страна.
2. Кружни движења со карлицата
Почнете да правите бавни кружни движења со карлицата – прво во една насока, потоа во друга. Повторете ја вежбата 5 пати. На овој начин ја подобрувате подвижноста на карлицата и го олеснувате притисокот во долниот дел од грбот.
3. Легнато подигнување на нозе
Легнете на грб, вдишете длабоко и полека подигнувајте ги двете нозе до каде можете. Потоа издишете и полека спуштете ги двете нозе. Одморете 5 секунди, па повторете 3-5 пати... На овој начин ја зајакнувате карлицата и бутните мускули.
4. Пеперутка истегнување
Седнете на земја потпрени до ѕид, со свиткани колена и стапала заедно. Држете ги стапалата со рацете и благо движете ги колената кон подот и задржете 10-15 секунди. Вдишете и издишете длабоко. Додека се истегнувате нежно му дарувате и масажа на вашето бебе. Повторете 3-5 пати.
5. Длабоко дишење
Седнете или легнете на страна и ставете ја раката на стомакот. Вдишете длабоко низ носот и потоа подигнете ја раката. Издишете бавно низ устата. Повторувајте 5 минути. На овој начин го смирувате умот, го полните телото со кислород и полека се подготвувате за породување.
Но, внимавајте - пред да почнете со било каква физичка активност и вежби, задолжително консултирајте се со вашиот лекар. Тој најдобро знае што е безбедно за вас и вашето бебе во текот на бременоста.
Со правилна, нежна физичка активност и балансирана исхрана можете значително да го ублажите заморот и болките во грбот, но и да ја избегнете анксиозноста и стресот што може се појавуваат во текот на бременоста. Овие мали моменти на движење и грижа се љубовен гест кон телото што создава живот. Движете се со љубов. За себе. За вашето бебе.