Пакомак и Sound of Green најавуваат домашни и странски артисти за целовечерно музичко уживање

Добивај вести на Viber

На 27 јуни, фестивалот Sound of Green 2025 ќе донесе на сцената во Градскиот парк во Скопје богата програма од квалитетни домашни и странски музички имиња, кои ќе ја забавуваат публиката во доцните часови во ноќта. За разлика од претходните години, овојпат фестивалот е од отворен тип и влезот е целосно слободен, но Пакомак сепак ги повикува сите кои ќе присуствуваат да донесат шише или лименка за одложување, како добар еко-пример.

Програмата на фестивалот оваа година е составена од атрактивни изведувачи од земјава, како и од Полска, Србија и Швајцарија, кои ќе ја исполнат вечерта со својот уникатен звук.

Најзастапени ќе бидат претставниците на Полска, со дури четири бенда кои ќе бидат дел од програмата на Sound of Green 2025. Настапите на полските артисти се поддржани од Институтот Адам Мицкевич од Варшава. Публиката ќе има можност да ужива во нерафинираниот звук на панк рокерите HAŃBA!, уникатниот звук на џез афробитот на Klawo, незаборавната комбинација на електронска музика со примеси на традиционален фолк на TRUE POLISH TECHNO, како и жичаниот квинтет VOŁOSI, кој е вистинска сензација со своите турнеи ширум Европа. Од Швајцарија доаѓа Lanka, со својот прв настап пред македонската публика. И секако, тука се реге мајсторите од соседството - Del Arno Band од Србија, кои станаа препознатливи по нивните настапи на отворено.  А секако, тука се и македонските диџеи кои со своите сетови ќе ја заокружат единствената фестивалската вечер. Charlie, Savic, Janko Petel Javashe, Damage Control, D.I.K. и Flooder ќе настапат како дел од домашната поддршка на овогодинешното издание на Sound of Green 2025.

Покрај музичката програма, присутните ќе имаат пристап и до забавни активности во брендираните Пакомак корнери, кои ќе бидат добро позиционирани и осветлени со цел да можат лесно да се пронајдат. Потоа, ќе можат да се освежат со коктелите подготвени од Mixology, како и да си земат вкусен оброк од штандот на JoJo’s Burgers. Корисниците на апликацијата ЕкоМак ќе добијат попуст на цената на храната и пијалаците во зависност од состојбата на нивните „зелени поени“.

„Фестивалот Sound of Green настана како резултат на идејата да ги споиме љубовта за музиката и промоцијата на селектирањето на отпадот, со цел да ја подигнеме еколошката свест кај населението. Од година во година фестивалот прераснува токму во визијата која ја имаме за него и претставува извонреден пример за тоа како размислувањето надвор од шаблонот може да придонесе за значителни промени, како за животната средина, така и за целата заедница“, изјави Филип Ивановски, Извршен директор на Пакомак.

Sound of Green 2025 е поддржан од Друштвото за управување со отпад од пакување Пакомак, заедно со Швајцарската амбасада во Република С. Македонија. Фестивалот се реализира во партнерство со Институтот Адам Мицкевич од Варшава и е кофинансиран од Министерството за култура и национално наследство на Полска, како дел од интернационалната културна програма на Полското претседателство во Советот на културата на Европската Унија во 2025.

Оваа година фестивалот е од отворен тип и влезот е бесплатен, а ако сакате да ја поддржите еко пораката која ја испраќа Sound of Green, доволно е со себе да донесете пластично шише или лименка кои ќе ги одложите на соодветно место кога ќе пристигнете на местото на настанот.