Порно актер уби геј двојка: Телата ги распарчил и ги ставил во куфери, а главата во замрзнувач - Ужас што ја потресе Британија

Добивај вести на Viber

Колумбискиот државјанин Јостин Андрес Москера (35) е прогласен за виновен за двојно убиство, откако беа пронајдени распарчени тела на неговите жртви – 62-годишниот Алберто Алфонсо и неговиот 71-годишен партнер Пол Лонгворт.

Убиствата се случиле на 8 јули 2024 година во Западен Лондон, а случајот предизвика шок и згрозеност кај британската јавност поради неговата екстремна бруталност и морничави детали кои излегоа на виделина за време на судењето, објави Sky News.

Смртоносен план

Според обвинителството, Москера го запознал Алфонсо преку интернет, по што влегол во интимна врска со него и неговиот партнер Лонгворт. Двојката му ги финансирала патувањата од Колумбија до Велика Британија и му овозможила престој во нивниот дом. Иако заедно посетувале туристички локации, меѓу Москера и Алфонсо постоела сексуална релација, која, според сведочењата, вклучувала и „екстремни практики“, снимани од страна на Алфонсо.

Во неделите пред убиствата, Москера почнал да пребарува на интернет термини поврзани со смртоносни повреди и нарачал замрзнувач. Обвинителството наведе дека неговиот главен мотив бил финансиски – интересирање за вредноста на станот на жртвите и кражба на пари по убиствата.

Монструозно извршување

На 8 јули, Москера прво го претепал Пол Лонгворт со чекан, нанесувајќи му смртоносни повреди на главата. Подоцна истата вечер, за време на сексуален однос со Алфонсо, го нападнал со нож и му нанел 22 убодни рани. Целиот напад бил снимен со безбедносни камери поставени од жртвите во нивниот стан.

По убиствата, Москера ги распарчил телата, ги ставил во куфери и ги подготвил за отстранување. Главите на жртвите ги сместил во замрзнувач што бил испорачан ден по нападот.

Два дена подоцна, на 10 јули, изнајмил комбе и се упатил кон висечкиот мост Клифтон во Бристол со намера да ги фрли куферите во реката. Меѓутоа, нивната тежина и крвта што протекувала од еден од куферите предизвикале сомнеж кај случајни минувачи. Кога бил запрашан што носи, Москера одговорил дека внатре има делови од автомобили. Тој побегнал од местото, оставајќи ги куферите зад себе. Беше уапсен три дена подоцна на железничката станица во Бристол.

Шокантни видео-докази

На судењето, поротата беше изложена на вознемирувачки видео-докази, меѓу кои и снимка од моментот кога Москера го напаѓа Алфонсо. Се гледа како го сокрива ножот, а потоа, во момент на ранливост, го прободува во вратот. Додека Алфонсо вреска и се обидува да преживее, обвинетиот го исмејува со зборовите: „Дали ти се допаѓа?“

Откако жртвата починала, Москера пее, танцува и веднаш пристапува до неговиот компјутер за да влезе во банкарските сметки. Сцените беа толку вознемирувачки што судијата им понуди на поротниците можност да се повлечат. Еден поротник не се појавил наредниот ден.

Обвинетиот ја негира вината

Москера на суд признал дека го убил Алфонсо, но се обидел да се брани дека дејствувал поради „губење на контрола“, тврдејќи дека бил сексуално злоставуван. За смртта на Лонгворт тврдеше дека е одговорен самиот Алфонсо. Обвинителството ги отфрли ваквите тврдења како неосновани, нагласувајќи дека видео-снимките јасно го прикажуваат хладнокрвното и планирано извршување на убиствата.

Судот ја опиша врската меѓу Алфонсо и Лонгворт како „љубовна и стабилна“, а судијата нагласи дека се работи за „една од најбруталните и највознемирувачки случаи со кои се соочила британската правда во последниве години“.

Пресуда

Изреката на казната е закажана за 24 октомври. Судијата најави дека Москера ќе добие доживотна казна затвор, со задолжителна психијатриска евалуација пред да се утврди минималниот рок за издржување на казната.

Фото: принтскрин/ јутјуб