Промоција на партизанскиот роман на Моџо Килингтон – „СФ – СН“

Четвртиот роман на Моџо Килингтон – „СФ-СН“ ќе биде промовиран утре (9 април, среда), во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на второто издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“. Промотор на книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.
„СФ – СН“ најдобро се опишува самиот себеси со духовитиот,
но и мошне прецизен поднаслов: партизански роман. Поднасловот функционира и
како жанровска одредница, но и како алузија на едно важно време. Тој е и
логично и природно надополнување на насловот, всушност на кратенката на
познатото југословенско партизанско мото „Смрт на фашизмот – слобода на
народот“ кое се користело и како поздрав меѓу членовите на движењето на
отпорот.
„СФ – СН“ е необичен роман, навраќање на едно подалечно време, но и на еден навидум
анахрон, дури соцреалистички начин на пишување. Поигрувајќи си со ваквата
фактура, авторот го реактуализира херојското време од еден личен, љубовен
ракурс, со мошне жив и впечатлив еротски пристап. На крајот има и цела песнарка
на необјавени песни на еден лик – загинат, непознат поет-партизан... што е
досетлива мистификација којашто романот го приближува и кон постмодернизмот.
Моџо Килингтон е писател, сценарист, активист на социјалните мрежи. Негови
досегашни дела се: романите „Есента во животот на професорот по марксизам“,
„Уништување“ и „Денот кога не се разбудив“, како и поетската книга „Аутопсија
на љубовта“, сите во издание на „Арс Ламина“.
Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн на www.literatura.mk.
ПР објава