Слушај си го телото (не само срцето)

Добивај вести на Viber

Баба ми покојна, на сред работење нешто знаеше да рече “ме фрка глата, до вечер ќе врни” и ќе си го стиснеше вратот одзади. Јас сета во прашалници оти често пати кога ќе ѕирнев низ прозор, надвор времето беше ведро, без ниту едно облаче, сонце пукаше на сите страни. Како не бе, ќе врнело! И до вечерта ќе се споеја небо и земја, ќе удреше таков силен дожд што после со денови цапавме по вирчиња. И откако ќе истуреше од врнење, ќе речеше “уф, ќути ми олесна”. Еве го татко ми сега со колената, истата приказна. Мене ако ме прашате, по спондилозата и главоболката знам кога нагло ќе се стоплува. Верувам дека секој од нас си има некоја “цака” по која знае (во случајов, “знае” е чувствува) дека времето ќе се менува или дека ќе има дожд.

Телото е совршен механизам кој никогаш не лаже. Тоа ви е како оние часовници на времето кои се “курдисуваа” (навиваа- за тие што не владеат дијалекти) за да не се успие човек кога не треба. Така, телото е најадекватен показател кога треба да се алармира за нешто. И што е најфасцинантно, не завршува приказната со оние манифестации кои се однесуваат на времето и временските прилики, туку на сето тоа што однатре на некој начин ни кажува дека нешто (ќе) се случува.

Вчера гледав еден филм со Ен Хатавеј во кој брилијантно глуми млада жена која е болна од Паркинсонова болест и која има научено како да функционира и да се справува со болеста. И како што тоа секогаш бива, налетува на маж со кој започнува врска. И да не должам, топло ви препорачувам да го гледате оти приказната е многу убава и многу зборува за луѓето, нивните слабости, изборот кој го прават во животот и како тој се рефлектира на нивната иднина. Нејсе, во еден миг кога сакаат да водат љубов (а него веќе почнува да го измачува прашањето за тоа каква би била нивната иднина, со оглед на тоа што е таа со Паркинс, а тој е така малку неодговорен и кон себе и кон сè околу) не може да постигне ерекција. И кога видно изнервиран се развикува дека само сака да водат љубов, таа смирено му вели “Ти сакаш едно, ама телото ти кажува нешто сосем друго. Зборувај со мене”.Тонч! Крајот не ви го кажувам, ама ќе ви кажам пак...гледајте го доколку сте во можност.

Интересна работа е што телото секогаш знае предвреме кога е крај на љубовта. И сето тоа почнува со некој немир кој не е до толку силен за да го замисли човек, ама е присутен. Потаму доаѓа и она чувство на затворено грло, како да ви стои нешто во средина и не можете да голтнете ко човек. Некогаш, дури и болка во грлото. Стегање во градите и како да имате плоча одозгора. Сум можела да се заколнам дека ја чувствувам тежината на плочата и она кога, колку и да вдишеш, немаш воздух. Па тахикардија, па осетлив желудник и губење апетит (што се шегувавме со една другарка дека ни фали само уште по една промашена љубов, за да сме до идеалната килажа...ама кога ни текна на сите други нус појави, ја сменивме темата).

И кога ќе ги исклучите една по една сите болести во консултација со доктор и кога ќе ви кажат дека сте физички во тип-топ форма, а вам ви се чини дека еден посилен налет на ветар и ќе се срушите на земја, тогаш е време да си се прегледате сами малку поинаку, однатре. Навидум сè е ок, нели секогаш фасадата е супер додека не се отвори вратата за да влезете во куќата. А секој човек е куќа за себе. Жалосно е што сите сме научиле низ животот дека е поважна фасадата, односно, поважно е однадвор како ќе нè доживеат. Па така, кога ми било најтешко сум била беспрекорно дотерана и нашминката. Фасадата ѓоамити холивудска вила со приватен базен и терен за голф/тенис. Ама позади тоа, депонија. Сè ме болело однатре, со нагон за повраќање, со грчеви во стомак, со несоници, со апетит ко врапче. Битно, косите црвени распуштени, карминот црвен на уста и терај. Е терај де, ама не се стасува никаде ако упорно човек го игнорира тоа што го мачи.

Таа теорија дека ако не мислите на проблемите, проблемите ќе ги снема е (да простите на речников) лајно теорија. Тој муабет дека позитивната мисла (а вам клетките ве болат од некоја неизвесност, страв) е иљач, е празен муабет. Секоја болка, и физичка и душевна има корен, односно причина. И ако со преглед и земање крв, многу работи се разјаснуваат за физички проблем кој го измачува нашето тело, внатрешното боледување е малку покомплексно. Секогаш, ама секогаш сум за тоа дека ако човек има мака како што се депресија, анксиозност, стравови, панични напади да посети психолог. Не си играјте сами на себе психолог, а уште помалку не глумете психолог на другите. Пак ќе повторам, штетата која може да ја сторите е поголема од вашата желба да помогнете ако не сте стручни за тоа.

Ако за нешто го сакам ова ново време, е дека на голема врата се напушта срамот од тоа да си признае човек дека го измачува нешто однатре и срамот од одење на психолог/психијатар. Можете само да замислите во времето на нашите мајки и баби кои исто имале предизвици со психичкото здравје, колку собирале во себе и колку си имаат навлечено и физички болести од криење што им е во душата. Можете да замислите колку им било тешко и мачно да врват низ денот, знаејќи дека не смее ништо да се види на нив. И ако јас го терав тоа со глумењето дека сум ок неколку недели пред да пукнам по шавови и да се распаднам, што се случува во душата на оние кои цел живот кријат од срам или страв? Затоа, да не се лажеме едни со други дека сме секогаш ок и дека сме 100% во форма. Има работи за кои можеме сами да си помогнеме, ама има работи за кои треба психолог. Мој личен апел кон секој од вас е ако почувствувате дека ви треба помош, да ја побарате. Не од пријатели, не од фамилија, не од фб групи, ами од стручно лице кое може да ви помогне да застанете на нозе.

Телото не лаже, никогаш. Телото цвета кога душата ви цути и кога сте среќни. Тогаш, да натнете на себе искината блуза и искинати фармерки ќе изгледате како да сте облечени за Оскар. Или поточно, никој нема да ви ја примети облеката оти сите ќе гледаат како ви светат очите, или како што велат постарите “абе дали ја/го види, очите му/и’ се смееја”. Та дали сте биле нашминкани или ненашминкани, дали сте биле со фризура или не, ама баш никој нема да примети. Оти аурата околу нас, она што го емитираме како енергија е токму тоа што најмногу се чувствува кога некој ќе нè види.

Од друга страна, кога сите бродови се потонати, кога имаме празнина кај срцето и кога сме несреќни, џабе е сето тинтарење. Оти никој нема да ви го памети костумот или фустанот, никој нема да памети дали чантата ви била во иста нијанса како каишот, ниту дали косата ви била тазе фенирана. Никој не приметува колку ви се високи потпетиците и дали нишате со колковите додека одите, ако сè околу вас е само филм кој дури и сами на себе не можете да си го продадете. Во сеќавање на луѓето ќе остане само празниот поглед и свенатоста на ивиците на усните.

Слушајте си го телото, не само срцето. Оти некогаш, тоа што го сака срцето, телото го одбива оти не му прија. Оставете приказни дека некого премногу сакате и дека ќе толерирате сè, оти тоа не е љубов...барем не кон себеси. Ако телото ви праќа сигнали дека треба нешто да завршите и да ставите точка на некој човек или однос, послушајте го. Оти сите го слушаме стомакот кој ни кажува дека и еден залак отповеќе ќе ни направи да изблуеме сè што сме каснале. Некогаш, дури и еден ден плус со личност за која телото ви вреска оти не е за вас, е касапење на душата. А душата, душата памти најмногу...и кога сме ја галеле и кога сме ја измалтретирале.

Да сте ми живи и здрави, денешната песна не е нова, ами е само потсетник за да знаете дека не сте сами...исто како што и мене ми треба да знам дека не сум сама во сите мои борби.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Јас сум секоја од вас

Онаа која утрата насмеана ги дочекува

Полна сила да помести планини и реки

Која во денот чекори небаре светот го покорила

Со нежност која може и железо да свитка

И онаа сум која некогаш е преплашена

Од кревет да се извлечка избегнува

и да стапне на земја се колеба

Која темни очила и сред зима клава

И алишта за погреб си токми

Јас сум ти

Да, тебе ти зборувам

Јас сум ти

И тогаш кога врескаш од бес

И солзите зад катанец ги држиш

Како брана на грлото ставено да имаш

Од пусти страв дека со нив и ти ќе се излееш

И иста ко тебе сум

Со сите борби во себе

Со сета љубов и колебливост

Со паниката дека полудувам

И непоколебливата помиреност дека сепак нормална сум

Со едно чудо прашалници за себе

Која некогаш го заобиколува огледалото од гадливост

И која знае со часови да седи и к’о кокона да се токми

Исти сме

Исти сме кога на високи потпетици чекориме

И свесни дека мамиме погледи

И кога точак во патики возиме

Со коса к’о од ветар однесена

Истите болести во умовите ги имаме

И се прашуваме дали некогаш вакцина против

чувства ќе измислат

Иста к’о тебе сум

Самоуверена и несигурна

Остра к’о жилет и мека ко памук

Со грутка во срцето за чедото

И со грубост да уништиш сè што рожбата

ќе ти ја загрози

Исти

Како во калап правени

Иста к’о тебе, иста к’о вас сум

Оставeна и згрчена од болка

Вљубена и неколку чекори над земја

Со ПМС кој е оправдание за да се изнавикате

за години наназад

И кротки к’о јагниња со питом поглед

Јас сум ти

Секоја една од вас во мене спие

Налудничава и смирена

Практична и неразумна

Борец и жртва

Џелат и ангел

Со душа к’о од машина за перење алишта извадена

Мокра и истуткана

Страдна за љубов

И алергична на нечесност

Јас, твоето огледало сум

А ти, ти пак мене ми требаш за да се видам себеси

Да можам да напишам за да ми олесни

А тебе да ти е полесно да дишеш откако ќе ме

прочиташ

Секоја една од вас

Секоја сум

И сите вие сте јас... сакале или не

Оти исти сме

Само различни телата ни се

Од ист материјал темелите ни се

Ама куќите се секоја приказна за себе

Јас сум ти

Да, токму ти

Ти што сега во овој миг ме читаш

И ме знаеш

Токму онака како што себе се познаваш